Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски информира дека планираните нови електрични автобуси ќе бидат до 120 на број. Според него, нема да бидат наменети само за Градот Скопје, туку и за другите општини низ Македонија кои имаат организиран јавен градски превоз.
-Ако набавиме 120, тоа ќе биде пропорција 70-50 или 80-40. Станува збор за еколошки автобуси со 50 полначи и сета арматура. Времетраењето на полнењето ќе биде околу 2,5 часа и дневно со едно полнење ќе се поминат 350 до 400 километри. Сметам дека штом ќе се појават на улиците ширум градовите, ќе се намали и загадувањето и ќе значи добар имиџ за нас како држава. Тоа ќе биде по конкурентни цени, рече Мицкоски при поставување на камен темелник за изградба на детска градинка во рамките на постојната ЈДГ ,,8 Март” во Општина Кисела Вода.
Премиерот информира дека автобусите ќе се набавуваат преку тендер. Владата ги дефинира условите и како што вели, го скенираат пазарот.
-Условите на плаќање ќе бидат да почнеме од 2028 на осум полугодишни рати, во период од четири или грејс период од три години. Документацијата ја подготвуваме и очекувам до крајот на годинава да го распишеме тендерот, кажа Мицкоски.
Премиерот пред три дена од Белград рече дека Владата е во фаза на анализа на проект за набавка на 100 до 120 електрични автобуси кои освен за Скопје, би биле распределени и во останатите градови во земјава. Ваквата најава доаѓа во момент кога ЈСП Скопје претходните денови беше во целосен колапс поради недостиг на нафта за автобусите. Владата одлучи дел од државните резерви на гориво да му префрли на ЈСП.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука