Поранешниот министер за надворешни работи и порано зборуваше за ужасниот исход на разговорите на Груевски со Клинтон и Бајден и предлогот „Република Горна Македонија“. Еве повеќе детали за нив, пишува Љупчо Поповски за ДВ.

Поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, минатата недела посредно навести дека Македонија пропуштила голема можност да направи добар договор за името во 2011 година. При гостувањето на Милошоски во поткастот на Канал 5, „На кавга со Иван“, тој, меѓу другото, елаборираше за неочекуваната посета на тогашниот премиер Никола Груевски на Вашингтон во февруари 2011 година и средбите со државната секретарка Хилари Клинтон и потпретседателот Џо Бајден. Неговите зборови предизвикаа соодветни „треперања“ во политичката и другата јавност за пропуштената можност, особено сега актуелизирана со ќорсокакот за продолжување на преговорите со ЕУ и склучувањето на Преспанскиот договор во 2018 кој ја отвори вратата за членството на Македонија во НАТО.

Ова не е прв пат Милошоски да зборува за овој настан кој е прилично важен во поновата македонска политичка историја.

Во 2019 година излезе една обемна публикација насловена „Од Букурешт до Преспа“. Издавач беше Фондацијата „Отворено општество“. Во нејзината подготовка учествуваа дузина автори за тоа што се случуваше во Македонија по сломот на самитот во Букурешт во април 2008 година. Сите тие пишуваа за различни аспекти од настаните за тие години од владеењето на Никола Груевски, до смената на власта и подоцна склучувањето на Преспанскиот договор.

Авторот на овие редови пишуваше за надворешната политика на Македонија во тие години и освен анализата на настаните и последиците од нив за земјата, во пролетта 2019 разговараше со тројца од активните учесници во тие збиднувања кои дадоа слика одвнатре, многу подетална отколку она што се претставуваше во јавноста. Тие тројца беа Стево Пендаровски, Антонио Милошоски и Зоран Заев.

Во тој опширен текст беа наведени и деталите за разговорите на Груевски во Вашингтон со Клинтон и Бајден на 16 февруари 2011. Тогашната администрација на Барак Обама беше во полна сила, нејзиното влијание на меѓународната сцена огромно. Таа сакаше што побрзо да се реши грчко-македонскиот спор за името и да ја обезбеди сигурноста на Балканот. Во тоа беа ангажирани и Белата куќа и Стејт департментот. Пред тие разговори имаше неколку посети на американски дипломатски претставници од понизок ранг на Скопје, на кои тие изразија загриженост за степенот на демократијата, слободата на медиумите, судството и политичкиот дијалог во Македонија. Откако Груевски беше повикан во Вашингтон, јавноста во Македонија претпоставуваше дека многу работи нема да бидат исти по тие разговори – било на подобро или на полошо за македонскиот премиер.

* * * * *

Уште од сценографијата на разговорите се гледаше дека тие означувале катастрофа за Никола Груевски. По средбата со Хилари Клинтон во Стејт департментот немаше вообичаени изјави на двајцата соговорници, Груевски беше оставен сам да си замине. Оценка за разговорите даде портпаролот на Стејт департментот, Филип Кроули, на редовниот брифинг со новинарите: „На дневен ред беа билатерални и регионални прашања. Секретарката на средбата изрази загриженост за трендовите во врска со владеењето на правото, независните медиуми и граѓанското општество. Таа ја повтори нашата надеж дека Македонија и Грција заедно ќе го решат долготрајното прашање за името, за Македонија да може да појде напред во барањето за членство во НАТО и за исполнување на своите евроатлантски аспирации. Секретарката Клинтон изрази благодарност за македонскиот придонес во мисијата во Авганистан, уважувајќи го фактот дека Македонија е еден од најголемите придонесувачи по број на жители“.Соопштението од кабинетот на Бајден беше во сличен тон – потпретседателот ја подвлекол важноста што САД им ја даваат на владеењето на правото, слободата на независните медиуми и добрите меѓуетнички односи во Македонија. И дека изразил надеж оти Македонија и Грција ќе најдат решение за проблемот со името. Плус, благодарноста за учеството на Македонија во мисијата во Авганистан.

Инсистирањето на слободата на медиумите беше разбирливо, затоа што средбите во Вашингтон беа неколку месеци по драматичниот упад на полицијата во тогаш најгледаната телевизија А1, на крајот од ноември 2010 година.

Кога Груевски ги дозна овие американски оценки за средбите, побрза да даде изјава за новинарите буквално на една од вашингтонските улици. Груевски објаснуваше дека најмногу време на средбите им било посветено на евроатлантската интеграција на Македонија и на проблемот со името. „Ставот на Америка е дека Македонија и Грција треба да го решат овој проблем и дека само ние можеме да најдеме решение и дека не треба да очекуваме некој друг да ни го реши тоа прашање и дека треба да останеме фокусирани на тоа. Се разбира, тоа е и наш став. Ќе останеме силно фокусирани на ова прашање“, изјави тогаш Груевски.

Тој наведе дека на Бајден и Клинтон им зборувал и за прогресот што е направен во Македонија во образованието, економијата, судството и јавната администрација. Веројатно уште тогаш во Вашингтон, како и во Букурешт, веќе почнал да размислува за нови вонредни избори, имајќи го на ум она што го слушнал. Така и се случи – изборите се одржаа во јуни 2011 година.

Тогашниот американски амбасадор во Скопје, Филип Рикер, кој беше дел од американската делегација на разговорите, на авторот на овие редови подоцна му кажуваше дека никогаш не сретнал некој политичар кој така залудно ќе го потроши своето време кај еден потпретседател на САД. Рикер велеше дека од половина час кај Бајден, Груевски 20 минути објаснувал за македонскиот успех на листата Дуинг бизнис и за економските реформи, а речиси и да не бил особено заинтересиран за разговори околу името.

* * * * *

Како Антонио Милошоски детално го објасни пропаѓањето на овие две средби во разговорот со вашиот новинар?

МИЛОШОСКИ: Можноста за решение на името пропадна во февруари 2011 година во Вашингтон. Тогаш имаше покана од Џо Бајден и Хилари Клинтон за посета на македонска делегација и за средба со нив. Груевски ја предводеше делегацијата, јас го придружував, таму беше амбасадорот во САД, Зоран Јолевски, во делегацијата дојде и Мартин Протуѓер. Имавме средба и во амбасадата со помошникот секретар за овој регион, Филип Гордон. Разговаравме со него и тогаш на маса се стави предлогот Republic of Upper Macedonia (Република Горна Македонија) како двојна формула (но не онаа двојна формула на Киро Глигоров или Бранко Црвенковски ‒ нашето уставно име за сите, а двојното за Грција). Ова беше поинаква двојна формула ‒ вашето уставно име за вас и вашиот устав да не се менува, а „Република Горна Македонија“ за меѓународна употреба. Со тоа што беше оставено на земјите-членки во ОН да одлучат по свој избор дали со нас ќе потпишуваат договори на ваков или таков начин. Националноста беше македонска, јазикот како во ОН, кај националноста допишано „државјанство на Република Горна Македонија“.

Хилари Клинтон очекуваше дека Груевски ќе го потврди тоа со неа. Таа го посакуваше тоа, затоа што за неа ќе беше еден мал, но значаен успех за регионот, кој Америка преку дипломатијата успеала да го направи. Но Груевски тогаш не го прифати тој предлог. И на таа средба, а и на средбата со Бајден.

Мое мислење е дека во тие моменти во 2011 година е донесена, ако може така да се рече, одлуката, или е даден сигнал од страна на таа администрација, дека можеби треба да се најде нова алтернатива за премиер во Македонија. Мое мислење е дека тогаш се случи тоа. Затоа што Хилари изгледаше многу нервозна. Тие имаа „тет-а-тет“ средба во нејзиниот кабинет, којашто траеше приближно 20 минути и потоа дојдоа на пленарниот дел. Но, се гледаше дека средбата не била успешна.

Бајден на средбата постави едно од клучните прашања: „Дали може да очекуваме од вас да го надминете прашањето со Грција и како можеме да помогнеме?“ Тоа беше прва приоритетна тема и кај Бајден и кај Хилари.

Имаше неколку мотиви кај Груевски да ги одбие Бајден и Клинтон. Прво, мислам дека беше различна перцепцијата на американските дипломати од таа на Груевски. Американските дипломати сметаа дека Груевски како премиер и политичката партија и собраниското мнозинство се доволно силни за да можат да истуркаат решение, нормално прифатливо, достоинствено решение за Македонија, додека Груевски имаше друга логика. Тој сметаше дека неговата сила како премиер, собраниското мнозинство и популарноста кај гласачите му даваа право да одбие решение. Имам впечаток дека во разговорите со Папандреу можеше да се стигне до решение. Разговараа за различни варијанти и во неколку моменти се гледаше дека е можно решение.

Американците не само што тогаш кренаа раце туку и дадоа сигнал дека операцијата за промена на Груевски може да почне. Знаеме како се развиваа работите понатаму. По тие средби имавме повик од советникот на Меркел за надворешна политика, Кристоф Хојсген, многу влијателен, на ниво на министер за надворешни работи. Тој се јави, се слушнавме и ми вели: „Антонио, слушам разочарувачки вести, дека не сте дале согласност во Вашингтон за нешто за што и самите вие и вашите луѓе сте учествувале во разговорите и излегло како производ од тие разговори со грчката страна“. Јас велам: „Да, не се постигна согласност поради одредени работи поврзани со делови од тој нацрт-договор“. „Добро“, вели, „дали може да ги прашаш Груевски и Иванов, дали вие би биле расположени да поканиме грчка делегација во Берлин и ваша делегација да дојде тука, бидејќи добиваме различни информации од вас и од Грците зошто не е тоа прифатено. Тие велат по ваша вина, вие велите по нивна. Дали може да дојдете во Берлин, ние да бидеме сведоци на такви средби и да помогнеме?“ Груевски и Иванов прифатија, тоа за нив не беше спорно. Во Берлин и онака требаше да бидат Папандреу и Друцас, тогаш беше финансиската криза во Грција, па отидоа да побараат пари. Откако Грците видоа дека во Вашингтон нема договор за решение и успеаја тоа да го претстават како наш хендикеп, а не нивен, немаа потреба ниту да се трудат да се правдаат пред Германците. И, во суштина, Грците ја одлагаа таа средба. Тоа беше во февруари, а во јули 2011 година јас се повлеков.

* * * * *

Никола Груевски замина во Вашингтон да го чуе она што го претпоставуваше, а сепак отишол неподготвен и во основа некоординиран со другите актери. Тој, едноставно, патот во Вашингтон го гледаше како негова промоција и некакво признание по драматичните настани со телевизијата А1 и со мислите за нови брзи избори. Стево Пендаровски, малку грубо, но според повеќе проверени извори, раскажуваше како се креираше надворешната политика во времето на кохабитацијата, кога тој беше советник на претседателот Бранко Црвенковски.

ПЕНДАРОВСКИ: Антонио Милошоски не беше креатор на надворешната политика, креатор беше кабинетот на премиерот. За првпат се случи во независната македонска држава еден министер за надворешни работи да е само прост следбеник на тоа што му го кажуваат. Кабинетот на премиерот беше исклучив креатор, да не кажам, Груевски лично. Мартин Протуѓер беше, всушност, десет пати посилен од Антонио. Протуѓер му го залепија како двојник на Никола Димитров како преговарач, зашто почнаа да се сомневаат дека Никола му се приближил на Бранко Црвенковски. Не под влијание на Бранко, туку под влијание на Американците. Велеа дека Димитров почнал да станува пофлексибилен. И кога доаѓаше Нимиц тие неколку последни месеци не го викаа Димитров на средби. Овде имаше по две средби, една во Владата, друга кај претседателот. Кога Димитров како преговарач ќе дојдеше во Скопје, не го викаа на средбата во Владата, туку само во кабинетот на претседателот. Знаеме дека кога Протуѓер ќе отидеше како лепенка на Димитров, само седеше и речиси цело време молчеше. Дури и на Нимиц му било непријатно. Целта со Протуѓер беше јасна – да контролира да не мати нешто Димитров.

Антонио, што е право, се обидуваше да направи исчекор во првите неколку месеци во тој интензивиран преговарачки процес. И паметам дека во една ситуација Антонио му вели на Груевски: „Претседателе, би можеле во тој дел да прифатиме, чисто да видиме како ќе реагираат Грците“. И Груевски му вели: „Зошто мислиш така?“ „Да покажеме проактивност, дипломатска игра, не викам дека е добро“, одговара Милошоски. На тоа Груевски му одговори: „Предложи, ама тоа да биде во твое име“. Антонио одговори: „Не може така, треба да изградиме став…“ „Е, па, немаме став“, му вели Груевски. Мене ми изгледаше дека се однесуваше со големо понижување кон сите свои соработници. Продолжува разговорот и Антонио пак му вели: „Точка седум…“ По неколку обидувања Груевски во еден момент му се обрати на Милошоски: „Антонио, кога дојде ти во Владата? Кога стана министер?“ Антонио зачудено му одговори: „Не ве разбирам!“ Груевски го пресече: „Учествуваше во избори, дали ова што го кажуваш им го ветуваше на граѓаните? Кога ќе им го ветиш ова на граѓаните, може вака да зборуваш; бидејќи дојде по изборите, стана министер откако ние веќе победивме, ајде молчи малку“. И оттогаш, барем јас кога сум бил присутен, Антонио не се ни обидуваше, само слепо слушаше. А Груевски само велеше: „Не, не, не“.

* * * * *

Поранешниот шеф на дипломатијата објаснува и кога имало тајни разговори за името, како што тој ги нарекува „дискретни“ и како се однесувале некои луѓе од врвот на државата во тоа време.

МИЛОШОСКИ: Се сеќавам еднаш имаше едни подискретни разговори што се водеа околу името. Тогаш Сашо Мијалков, како човек од доверба на Груевски, се среќаваше неколку пати со еден човек од доверба на Папандреу – Алекс Рондос. Тој е Американец со грчко потекло. Тие имаа средби некогаш во Прага, некогаш во Виена. Разговараа за тоа како да се најде решение. Кога дојде Папандреу на власт, тоа Груевски го прими како одреден знак на надеж дека може да се биде со него попрагматичен, бидејќи Папандреу делуваше така. Груевски беше подготвен да направи чекор во таа насока. Мислам дека се сретнаа и лично тие двајца два-три пати во Брисел, еднаш во Триполи и мислам дека дури разговараа за конкретни можни решенија. Кога Мијалков се врати од една средба со Алекс Рондос, разговаравме за тоа што е прифатливо, а што не е прифатливо за нас.

Менувањето на Уставот не беше барање на кое инсистираше Папандреу, туку дали може да се стави уставна одредба која ќе направи двојство помеѓу името на државата во Македонија и името што би се користело како трајна замена за референцата ПЈРМ. Во еден од тие разговори видов дека и кај Мијалков имаше одреден прагматизам, веројатно од некои други побуди. Тој рече: „Океј, ова е нешто што сметам дека е добро, дека може да го завршиме вака како што е“. Но, тогаш Груевски му рече: „Не знам баш. Што велиш ти, Антонио?“ Јас му одговорив дека е во ред ако се зачува Уставот целовит и ако биде таа композиција. Тогаш се разговараше за „Република Горна Македонија“ без менување на националноста. Тогаш можеме, реков јас. Сашо се согласи дека можеме, но Груевски на тоа одговори: „Да, Сашо, велиш дека можеме затоа што ти не треба да потпишеш, а јас треба да потпишам“. Од тоа не бидна ништо, но беше пример за неговото однесување. Како што беше толкувањето за амнестија за Хашките случаи, признавањето на Косово и за границата – тој никаде нема ставено потпис. Вели, Антонио, излези ти кажи за границата, излези ти кажи за Косово; Васко Наумовски, ти потпиши толкување на Хашките случаи за во Собранието. Се водеше од максимата дека тој не треба да е потписник на непопуларни одлуки според неговиот критериум и веројатно според параметрите од анкетите кои беа важни за него за секое прашање. Имам впечаток дека во разговорите со Папандреу можеше да се стигне до решение. Разговараа за различни варијанти и во неколку моменти се гледаше дека е можно решение. Но не дојде до тоа.

* * * * *

Според овие сведочења, биле пропуштени, така да се каже, златни шанси за решение на спорот за името. Секако, целата вистина не може да биде во исказите, но факт е дека тогашната македонска влада не успеа да ги капитализира наклоноста на Америка, пресудата од Хаг, симпатиите на најголемиот дел европски држави и со едно двојно име (не според македонската двојна формула) можеше на побезболен начин да го реши спорот. Има две точки околу кои почна да се топи поддршката за Македонија во решението за името. Првата е антиквизацијата како проект кој ѝ нанесе многу штета на Македонија, а втората е таканаречената „ненормалност“, кога еден систем губи контакт со реалноста и се претвора во авторитарен режим. Тие две точки ја урнаа позицијата на Македонија, ја вратија дипломатската предност кај Грција и ги направија речиси невозможни постулатите од времето на двојното решение со „Република Горна Македонија“.

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO