Премиерот Христијан Мицкоски попладнево информира дека остварил искрен и пријателски телефонски разговор со екс-премиерот на Бугарија Бојко Борисов, на кој со задоволство му ја честитал победата на сестринската партија ГЕРБ на парламентарните избори во Бугарија.

Како што објави Мицкоски на социјалните мрежи, Борисов изразил уверување дека ќе се формира стабилна Влада на десниот центар во Бугарија, која ќе даде придонес во отстранувањето на пречките што го успоруваат македонскиот пат кон Европската Унија.

-Верувам дека само со заеднички напори и дијалог можеме да градиме подобра иднина за сите граѓани на нашите две земји.

Очекувам дека македонско-бугарските односи ќе продолжат да се развиваат во позитивен и продуктивен правец, водени од почит и разбирање, за доброто на сите нас, стои во објавата на премиерот.

Премиерот уште претходно порача дека очекува Бугарија да формира нова влада по последните парламентарни избори.

-Ние сме од исто семејство – ЕНП. Таму гледам дека девет партии и коалиции ќе влезат во Парламентот. Интересен мозаик ќе има во бугарскиот Парламент. Очекувам влада од три партнери. Без тие две не може да се направи влада (ГЕРБ-СДС и Продолжуваат промените-Демократска Бугарија). Ќе видиме како ќе се развиваат работите. Се надеваме дека ќе има Влада и дека нема да има осми избори по ред и дека ќе можеме да седнеме и да најдеме решение да го одблокираме патот на Македонија во ЕУ, кажа премиерот по извршување надзор во работата на автопатската делница Гостивар – Букојчани.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов прогласи победа на парламентарните избори во Бугарија. Партијата освои речиси 10 проценти повеќе од „Продолжуваме со промените“ и десничарската „Демократска Бугарија“. Сепак, останува неизвесноста околу формирањето на нова влада, со оглед дека девет партии влегуваат во бугарскиот парламент.

Граѓаните на Бугарија вчера избираа 240 пратеници во 51. Народно собрание. Ова беа седми избори во последните четири години, а шести предвремени по редовните на 4 април 2021 години.

Во јули 2022 година, Македонија формално ја започна „првата фаза“ од преговорите со Европската Унија, но за да премине во „втора фаза“ и да почне да отвора поглавја, мора да ги воведе Бугарите во Уставот, што партијата на Мицкоски ВМРО ДПМНЕ негодува да го спроведе, се додека не се добијат гаранции за европскиот пат на земјава.

Премиерот им понуди на Брисел и на Софија решение за надминување на таа пречка преку уставни измени со одложено дејство што ќе стапат на сила кога Македонија ќе ги затвори преговорите со ЕУ, но не наиде на разбирање.

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO