Царинската управа започна проект за воспоставување на нов граничен премин Струмјани-Берово (Клепало) со Бугарија, со инвестиција од 3,7 милиони евра. Овој проект доби финансиска поддршка од 3,1 милиони евра преку ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка на ЕУ, додека остатокот од 551.548 евра е обезбеден преку национално ко-финансирање. На настанот за одбележување на почетокот на проектот во Берово, се обратија директорот на Царинската управа Бобан Николовски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата, Тони Јакимовски.
Министерот Перински истакна дека, и покрај политичките предизвици меѓу Македонија и Бугарија, проектот пренесува позитивна порака за добрососедски односи и регионална соработка, кои водат кон подобар животен стандард на жителите во пограничните региони. Тој додаде: „Отворањето на преминот Клепало ќе ја зајакне регионалната поврзаност, олеснувајќи го сообраќајот на луѓе и стоки и ќе создаде услови за економски развој и туризам во Малешевскиот крај.“
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, нагласи дека новиот граничен премин, заедно со реконструкцијата на Деве Баир, ја демонстрираат посветеноста на Македонија кон процесот на интеграција во ЕУ и подобрување на граничното управување. „Овој проект и другите иницијативи, како автоматизацијата на терминалите и видео надзорот, ја покажуваат нашата решителност да ги оствариме стратешките приоритети за економска трансформација и безбедност,“ изјави Николовски.
Тони Јакимовски, директор на Заедничкиот секретаријат на Програмата, истакна дека новиот премин Струмјани-Берово е значаен чекор кон зајакнување на прекуграничната соработка меѓу Македонија и Бугарија. „Ваквите проекти ја одразуваат заедничката визија за одржлив регионален развој,“ рече тој, додавајќи дека Интеррег Програмата поттикнува интеграција преку проекти кои носат долгорочни придобивки.
Целокупната инвестиција за новиот граничен премин изнесува 11,1 милиони евра, со 7,7 милиони евра обезбедени преку ИПА 3 Програмата на ЕУ и преостанатите средства поделени меѓу Македонија и Бугарија како национално ко-финансирање.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука