Најдобриот стрелец во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал и поранешен долгогодишен капитен Горан Пандев во интервју за sportsport.mk, оцени дека вчерашниот резултат на македонската репрезентација против Фарски острови (1-1) е „понижувачки, кој ја прелеа чашата“ и ги повика претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини и селекторот Благоја Милевски, да поднесат неотповикливи оставки.
– Имам порака до Мухамед Сејдини. Пред точно шест години во Гибралтар му дадов поддршка затоа што имаше визија, сакаше да соработува. Но, тој Мети и овој сега, не се исти личности. Неколку месеци пред Европското првенство тој фати друг курс, почна да се дружи и да слуша совети од погрешни личности. Го изгуби компасот и затоа сега ни се случува колапс. Да си оди како човек, а не како кукавица и тоа што поскоро без разлика на тоа што мандатот му истекува во март. Одењето ќе биде добро за фудбалот, но и за него лично, затоа што луѓето кои сега му се соработници и советници го водат и него и фудбалот во пропаст – изјави Пандев во интервјуто за порталот Спортспорт.
Македонската репрезентација е во серија од седум натпревари без победа, за што, според Пандев, селекторот Милевски мора да преземе лична одговорност.
– Односот на теренот и изборот на Милевски за некои фудбалери е понижувачки за сите кои работиме во фудбалот и кои инвестираме во фудбалот во Македонија. Замислете Фарските острови во поголемиот дел од средбата ни покажаа како треба да се игра, како да се контролира играта и да се создаваат шанси. Да, имавме зицер преку Чурлинов и Ќамили, но и тие имаа прилики за 2:1. За нив играше фудбалер во нападот, кој е резерва кај нас во Шкупи. Сè е кажано! Не знам што е добро, каде е напредокот и како ќе играме во иднина кога работите се испуштени од контрола, чашата е прелиена и мора да се стави крај на сето ова – посочи Пандев.
Легендата на македонскиот фудбал обелодени дела е вклучен во тимот за промени во македонскиот фудбал.
– Да, ја сакам и поддржувам промени. Пред неколку недели имав средба со Масар Омерагиќ и му кажав дека му стојам на располагање. Знам дека тој ќе оди во трката за претседател на ФФМ, место за кое се избори уште пред 12 години и место кое насилно му беше одземено. Покрај мене знам дека со него се и Агим Ибраими, Ѓорѓи Христов и уште десетина други докажани фудбалски имиња од земјава. Промени ќе има, што поскоро тоа е подобро за сите – изјави Пандев.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука