
Бугарското подземје е надалеку прославено, а овојпат е актуелно по еден навидум наивен бизнис – паркинзи. Необичните задолжителни паркинзи се наоѓаат на бугарските гранични копнени премини, а проблемите отидоа дотаму што Европскиот парламент и` се заканува на Бугарија со исклучување од Шенген зоната. Лукративните паркинзи ги раководи бугарското подземје, а меѓу нив се и соработници на озлогласената крипто кралица Ружа Игнатова – најбараната жена на планетата за историски грандиозните измами со OneCoin. ИРЛ и партнерите во Бугарија од БИРД откриваат дека од неодамна сопственик на еден од овие паркинзи станал македонски државјанин од Пробиштип и актуелен шофер на директорот на бугарската рударска компанија Минстрој, која го раководи рудникот Злетово во земјава.
За да помине еден камион од Бугарија кон некоја од нејзините соседни држави, на граничниот премин ги дочекува семафор којшто свети црвено за право, но зелено за десно, каде што има изградено тампон паркинг зона. Истата не може да се избегне бидејќи овој семафор секогаш свети црвено и возачите се принудени да влегуваат на паркинзите каде што таксата за влез е 25 евра за странци и 8 евра за бугарски возачи.
Возачите на тешки товарни возила се всушност принудени да скршнат в десно и да влезат на таканаречениот „златен паркинг“, бидејќи има и забрана за стоење на коловозот. Овој „измислен“ бизнис го водат приватни сопственици, којшто државата не го контролира, туку дури можеби и го поддржува со тоа што бугарското МВР дозволува да работат семафори што ги упатуваат возачите кон паркинзите.
Граничните премини во Бугарија остануваат плодно поле за овој бизнис откако земјата само делумно стана дел од Шенген зоната и тоа за патувањата со авион и брод, а копнените граници остануваат надвор од зоната.
„Златните паркинзи“ дел од мрежата за трговија со дрога
Бугарските власти долго време замижуваа пред проблемот, но скандалот, конечно, доби меѓународна димензија. Турција и Грција најавија дека бараат нов транспортен коридор за заобиколување на Бугарија, поради хаосот на границите. Но, Владата веќе отвори истраги испраќајќи инспекции од Државната агенција за национална безбедност и Националната агенција за приходи.
Бугарскиот заменик министер за земјоделство, Иван Христанов, уште повеќе ги поттикна сомнежите за работењето на овие паркинзи, кога изјави дека овој бизнис, но и таканаречениот „златен базен“ за дезинфекцијата на автомобилите и „златна лабораторија“ за контрола на увезено овошје и зеленчук, кои исто така се наоѓаат на граничните премини се клучни во мрежата за трговија со дрога.
По долга правна сага, државата успеала делумно да си го врати бизнисот со дезинфекција и лабораторијата. Останува нерешен проблемот со тампон паркинзите кој дури се зголеми со новите инсталации на граничните премини каде што возачите се принудени да чекаат и со тоа да создаваат импресивни приходи.
Освен на бугарско – романската граница, вакви платени тампон паркинзи има и на други гранични премини во Бугарија, на југ на преминот Капитан Андреево и на Дунав мост 1 кај Русе, а со нив управуваат поврзани компании.
Возачот кој стана партнер на „Мултигруп“
Сопственик на еден таков паркинг, којшто важи за „златен бизнис“, на граничниот премин Видин меѓу Бугарија и Романија, од минатата година станал македонски државјанин.
Овој паркинг има капацитет од 600 места, што значи дека генерира приходи од 10 – 12 илјади евра дневно. Паралелно, на паркинзите работат и ресторани, казина, тоалети и сл.
Кога колегите од БИРД од Бугарија нѐ исконтактираа со цел да прашаат кој е бизнисменот Горанчо Цветковски од Македонија чиј бизнис е под истрага на бугарските органи, почна потрагата на ИРЛ која нѐ одведе до врвот на „Минстрој холдинг“, една од водечките рударски компании во Бугарија која оперира и во земјава.
Не беше лесно да се открие идентитетот на Цветковски, со оглед на тоа дека неговото име е анонимно во бизнис круговите. Документот од бугарскиот централен регистар во кој се наведени неговите личните податоци, помогна во идентификација на Горанчо Цветковски. Според овие документи, но и според дополнителните проверки во други државни агенции коишто ги направи ИРЛ, тој живее во Пробиштип и е вработен како возач на директорот на компанијата „Булмак 2016“, која стопанисува со рудниците Злетово и Тораница. Сопственик на „Булмак 2016“ е бугарската фирма „Минстрој“ од Бугарија на бизнисменот Николај Валканов.
Во јули 2016 година, само три месеци откако Бугарите ги преземаат концесиите за македонските рудници, Цветковски станува рудар. Потоа од октомври станува чувар, сѐ до 2019 година кога станува возач на патнички автомобили во компанијата, односно личен шофер на директорот на „Булмак 2016“, Илија Горанов Илиев.
Цветковски ја формира својата бугарска компанија „Данубија Логистик Видин“ во јануари 2023 година, со капитал од 250 илјади евра. Три месеци подоцна, тој го презема паркингот кај граничниот премин Видин кон Романија. Претходни сопственици на паркингот се луѓе во роднинска врска со Размиг Чакарјан – Ами доверлив човек на Кристофорос Аманатидис – Таки или, како што го нарекува Би Би Си – бугарскиот Пабло Ескобар.
Се обидовме да стапиме во контакт со Цветковски, но телефонски разговаравме само со неговата ќерка која ни рече дека тој е надвор од државата. До објавување на текстот, Цветковски не ги контактираше новинарите на ИРЛ.
ИРЛ попладнево испрати прашања до „Булмак 2016“, на кои експресно беше одговорено. Во дописот од оваа компанија пишува дека не биле запознаени со активностите кои Цветковски ги вршел надвор од своето работно време и се оградува од неговите дејствија. Истовремено, од „Булмак 2016“ одговорија дека Цветковски денеска добил отказ од фирмата, но поради други причини.
„Работникот Горанчо Цветковски сторил груба повреда на одредбите од Договорот за вработување кој го имал склучено со својот работодавач Булмак 2016 ДООЕЛ Пробиштип и Законот за работни односи. Од таа причина, на ова лице на ден 06.09.2024 година им е откажан договорот за вработување кој истиот го имал склучено со „Булмак“ ДООЕЛ Пробиштип без отказен рок.“
Отказот на Горанчо Цветковски доаѓа еден ден откако Државната национална агенција за безбедност на Бугарија отвори истрага за бизнисот во „златните паркинзи“, за кои постои сомневање дека се параван за операции на бугарскиот организиран криминал.
Кој е Николај Валканов од „Мултигруп“ – миленикот на многу македонски политичари
Николај Валканов е редовно присутен во Македонија. Тој беше овде пред само неколку дена, на одбележувањето на Денот на рударите 28 август во друштво на премиерот Христијан Мицкоски. Претходно двајцата заедно беа во посета на рудникот „Булмак-Злетово“ и во април, во екот на предизборната кампања.
Валканов имаше слични средби и со Зоран Заев додека беше премиер и секогаш во јавноста имаше пофални зборови за соработката со македонските власти. Дотолку повеќе што на почетокот на мандатот на претходната власт, „Минстрој“ влезе и во бизнис соработка со луѓе блиски до Заев.
Во јуни 2018 година, формирана е фирмата „Бул-билдинг“ во Струмица. Сопственици се „Минстрој холдинг АГ“ и Александар Пиперевалиев кој е прв братучед на Драги Рашковски, близок пријател на Заев и поранешен генерален секретар осуден за измама со набавка на софтвери.
Фирмата има решение за производство и продажба на канабис, а управител на фирмата е Гоце Мојсоски, којшто е на истата позиција и во „Булмак 2016“.
Во одреден период, партнери во оваа компанија биле и контроверзниот српски бизнисмен Предраг Колувија и Горан Крстев, исто така близок соработник на Заеви.
Сопственикот на „Минстрој“, Николај Валканов никогаш не расчисти со своето минато и поврзаноста со озлогласена компанија „Мултигруп“. Тој беше заменик – претседател на „Мултигруп“ и еден од најблиските соработници на сопственикот Илија Павлов, оквалификуван во американските дипломатски извештаи како „доајен на бугарскиот организиран криминал“. Павлов стана жртва на нарачано убиство во 2003 година. Потпретседателот на „Мултигруп“, Николај Валканов преживеа, се здоби со академски титули, неговиот бизнис расте, а неговите политички врски и влијание го ставија во категоријата регионални олигарси.
Бугарската корпорација „Мултигруп” беше обвинета за вмешаност во атентатот врз поранешниот македонски претседател Киро Глигоров. Тогашниот прв човек на МВР, Љубомир Фрчкоски, јавно ја обвини оваа бугарска компанија за поврзаност со атентатот врз Глигоров. Една година подоцна Глигоров го примил Илија Павлов во летната резиденција „Билјана” на Охридско Езеро. На средбата Павлов го уверувал Глигоров дека тој нема никаква врска со атентатот врз него. „Мултигруп“ беше и сопственик на акции во „Балканска банка-Скопје”.
Врски со бугарската мафија
Земјиштето на кое е изграден паркингот кај Видин, пред да го купи компанијата на Горанчо Цветковски, било во сопственост на компанијата „Интербајс“.
При првичното купување на земјиштето од страна на Интербајс, како полномошник на компанијата е Борислав Карев. Тоj има заеднички бизнис со Светлана Каменова, поранешна сопруга на Красимир Каменов – Каро, близок соработник на озлогласениот бугарски нарко бос Таки. Каро е егзекутиран минатата година во Јужна Африка.
Кристофорос Аманатидис – Таки стекна светска слава како соработник на крипто кралицата Ружа Игнатова што ја бараше и ФБИ. Истрагата на Би Би Си и БИРД ги откри бројните деловни врски меѓу двајцата, а полицискиот извештај објавен од БИРД тврди дека Таки го наредил убиството на Ружа Игнатова во 2018 година на јахта во Јонското Море.
Во Бугарија, Таки важи за исклучително влијателен криминален бос. Тој во минатото бил баран од Интерпол за трговија со дрога и се криел во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Размиг Чакарјан – Ами е најблизок соработник на Таки во Бугарија и е поранешен сопственик на фирмите кои работат на граничните премини. Откако неговото име стана познато, Чакарјан ја префрли контролата на компаниите на други лица.
Сите овие докажани врски меѓу гангстерите, високите политичари и легитимниот бизнис јасно ја илустрираат фразата дека „во многу земји постои мафија, а во Бугарија мафијата има своја држава“.
Репортери: Maja Јовановска, Александар Јанев (ИРЛ), Атанас Чобанов (БИРД)
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука
