Чудни се тие приливи и одливи на демократската трансформација на општествата и улогата на Америка во нив. Американскиот претседател Вудро Вилсон ја внесува својата држава во Првата светска војна за да го направи „светот безбеден за демократијата“. По победата, на Париската конференција ги соочува своите европски сојузници со нови идеји: „правото на самоопределување“ и „мир во светот“ преку создавање на светска организација на држави која ќе се погрижи за мирот. Искусните и цинични европски политичари вртеле со глави и кревале веѓи на идеализмот на ексцентричниот Американец, но ги прифатиле идеите на новиот хегемон на светската политика. За жал, Лигата на народите не успева да го спаси светот од нова војна, а новоформираните држави во Источна Европа ја пригрлуваат диктатурата а не демократијата. Останува да веруваме дека идејата за „свет безбеден за демократијата“која прави народите да посегаат по тој,како што напишал Русо, „идеал положен на небото“, придонела барем малку кон демократската промена на традиционалните автокртаски разбирања на „источните народи“ на Европа.

Нешто слично се случува и во времињата во кои ние живееме. Користејќи го уникатниот момент како единствена супер-сила, Америка, по падот на берлинскиот зид во 1989, се обидува вакуумот создаден по повлекувањето на руската моќ, да го пополни со западните демократски вредности. И не само во Источна Европа туку како генерална светска политика. Дури и во Ирак и во Аганистан. Застанувајќи на чело на она што е наречено во науката „либерален империјализам“, Америка ги проектира своите вредности во секој ќош на планетава и, неизбежно, влегува во војни кои ја чинат „крв и богатство“. Токму тоа сознание е идејата водилка на реалистите, американските критичари на надворешната политика. Среќен сум што сум се родил и живеам во услови на либерална демократија, вели Џон Мершајмер, еден од најгласните критичари, но мораме да престанеме да им го наметнуваме нашиот политички систем и нашите демократски вредности на народи кои тоа не го сакаат.Таквата политика води во конфликти и не чини жртви и пари, а сега во Укранина не доведе доработ на нуклеарна војна со Русија.

На последните избори Македонците, како и други народи, покажаа дека не ги сакаат политиките кои, во овие 33 години независност, под директно американско влијание, се имплементирани во нашата држава и во нејзината меѓународна политика. Мислечките луѓе, чија задача е да го соочуваат народот со горчливи вистини, се неподелени во мислењето дека решенијата кои се плод на компромиси се успеси на македонската држава: приемот на Македонија во ОН со референцата ФИРОМ, Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Аргументацијата го поткрепува ова мислење, но тоа е спротивно на убедувањата и емоциите на националистите кои ги споделуваат чувствата на поголемиот дел на македонскиот народ. Насобраниот гнев од низата „предавства“под менторство на САД и на ЕУ, во овие години на независност, мораше да се „извентилира“ со промена на власта, за да не доведе до несакани конфликти. За Америка, за разлика од приемот во НАТО, беше важно, на демократски начин да се искаже вољата на народот и да се формира влада согласно таа воља. Но, таа воља ги смета сите успеси за предавства и не става на колосекот на подолгорочна трансформација на свеста на народ на кој, ете, му биле диктирани европски и американски а не македонски решенија. Сега владата на ВМРО-ДПМНЕ е оставена самата на себе. Сепак, ограничена од наметнатите договори но уште повеќе од надворешните притисоци кои не отстапуваат од она што го сметаат за свои успеси, таа ја има тешката задача да не ги изневери очекувањата на Македонците. А ќе мора да ги изневери зашто, како што напишал токму Вудро Вилсон кога дошол на власт, политиката не е празен лист хартија на кој само ги пишуваш своите желби.

Но, кој знае што се не чека во еден свет на постојани промени. И гледајте чудо. Евентуалната победата на Трамп на претседателските избори во ноември нема да ги фати новите власти на Република Северна Македонија неспремни. Нивниот главен партнер, Виктор Орбан, е почитувач на политиката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. „Суверенист“кој ги сака предностите на сојузите ама не трпи мешање од надвор во работите на Унгарија и критичар на либералната демократија, Виктор Орбан е „како роден“ за партнер на нашите домашни националисти-суверенисти. Оттаму и милијардата со која Унгарија сака да го зацврсти своето влијание во малата Македонија, и сопствената позиција во меѓународната сфера во која се се врти околу моќта, интересите и влијанието. Победи ли Трамп, Унгарија и Северна Македонија може да станат миленици на Белата куќа и тројански коњ во процесот на европската дезинтеграција, наспроти интеграцијата која дозволува мешање во внатрешните работи на членките на ЕУ согласно заедничката политика. Лично мислам дека, ако тоа се случи, ќе зажалиме за времињата на мултилатерализмот кој ќе биде заменет со „Америка на прво место“ и „Македонија горда“. Зашто, за една мала држава како Македонија во меѓународната политика, постои само едно нешто што е полошо од мешање на Америка во нејзината политика. А тоа е: немешање на Америка во нејзината политика.

Пишува: Денко Малески

Преземено од libertas.mk

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO