Русија нема планови за ниту една земја на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но ако Западот ѝ испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш тие ќе бидат соборени од руските сили, предупреди вчера рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Еурактив“.
Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година ја предизвика најдлабоката криза во односите на Русија со Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година.
Говорејќи пред пилотите на Руските воздухопловни сили, Путин рече дека воената алијанса предводена од САД се проширила кон исток и кон Русија од падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, но дека Москва не планира да нападне некоја од државите-членки на НАТО.
„Ние немаме агресивни намери кон овие држави. Идејата дека ќе нападнеме некоја друга земја – Полска, балтичките држави, а и Чесите исто така се исплашени – е целосна бесмислица. Обична глупост,“ истакнал Путин, според транскриптот од Кремљ објавен во четвртокот.
Кремљ, кој ги обвинува САД дека се борат против Русија поддржувајќи ја Украина со пари, оружје и со разузнавачки информации, вели дека односите со Вашингтон веројатно никогаш не биле полоши. Прашан за ловците Ф-16 што Западот вети дека ќе ги испрати во Украина, Путин рече дека таквите авиони нема да ја променат ситуацијата во Украина.
„Ако испорачуваат Ф-16, а зборуваат за ова и очигледно обучуваат пилоти, тоа нема да ја промени ситуацијата на бојното поле. А ние ќе ги уништиме авионите исто како што денеска уништуваме тенкови, оклопни возила и друга опрема, вклучително и повеќе ракетни фрлачи“, рече Путин.
Рускиот претседател потсети дека Ф-16 може да носи и нуклеарно оружје.
„Се разбира, дури и ако тие се користат од аеродроми во трети земји, ќе станат легитимни цели за нас, без оглед каде се наоѓаат“, рече Путин.
Забелешките на рускиот претседател следуваат по коментарите на шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба претходно дента дека Украина треба да добие Ф-16 во месеците што следуваат.
Украина, која повеќе од две години е во војна со Русија, со месеци бараше Ф-16, а меѓу европските држави кои му ветија на Киев испраќање такви авиони се Белгија, Данска, Норвешка и Холандија. Тие ветија и дека ќе ѝ помогнат на Украина во обуката на пилотите.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука