Дипломатски извори за ТВ21 велат дека Уставните измени сепак ќе добијат зелено светло во периодот од јуни до септември годинава. Тие ќе бидат и услов за формирање на идната Влада. Но, како ќе се реализира ова сценарио?

Оваа недела е последна работна за 120 пратеници во македонското Собрание. На денешната редовна координација, беше утврдена динамиката на активности. За оваа недела има закажани собраниски седници во вторник, каде што има закажано неколку продолженија и во четврток каде што е закажана нова седница. Сите закони за кои има услови за дискусија и гласање ќе бидат ставени на седница. По 17 години, за прв пат Собранието работи четири години непрекинато. Претходно, мандатот завршуваше порано, оти Собранието се распушташе поради распишување на предвремени парламентарни избори.

Член 66 од Уставот е јасен. Собранието е во постојано заседание, а претседателот може да го свика во било кој момент, дури и кога пратениците се на редовен годишен одмор. За одмор тешко дека ќе остане време, бидејќи за помалку од две недели, речиси сите пратеници ќе бидат меѓу тие кои ги избрале, граѓаните. Ќе започне изборната кампања и речиси сигурно дека ќе заборават дека сè уште се пратеници. Постојаното заседание на Собранието е наведено и во собранискиот Деловник.

„Собранието на Република Северна Македонија е в постојано заседание, така што, во случај на неодложна потреба има услови да се закаже собраниска седница“, не потсетија денеска од Собранието.

Така се очекува да биде и во месеците пред нас. Седница за уставни промени ќе се закаже по изборите, велат дипломатските извори за ТВ21, а пратениците ќе бидат повикани за гласање. Бидејќи листата на пријавени пратеници за збор е исцрпена, веднаш би се преминало на гласање.

„Тоа ќе биде еден од условите за состав на новата Влада“, ни рече нашиот извор.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи уставни промени?

Седницата на чиј дневен ред беше промената на Уставот беше прекината поради јасната ситуација во тој момент дека нема 2/3, односно повеќе од 80 пратеници кои би дале зелено светло.

Но дали сега е нешто променето? Најголемата опозициска партија и претендент да ја преземе Власта, ВМРО-ДПМНЕ вчера ја објави својата програма со која ќе се претстават пред граѓаните. Минатата година пратениците од партијата потпишуваа изјави на нотар, како гаранција дека нема да се повтори сцената кога од истата партија пратеници дадоа поддршка за Договорот од Преспа, со кој Македонија стана Северна. Минатата година претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски велеше дека

„ВМРО-ДПМНЕ има јасен став: вакви какви што се уставните измени е дека нема да ги поддржиме, нема да ги гласаме. Не само сега, и во иднина. И во иднина нема да ги гласаме“, рече Мицкоски на 16-ти јануари годинава.

За таквата политика беа критикувани и од помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан. Запрашан за уставните измени, тој во телевизиско интервју на крајот од минатата година, истакна дека станува збор за конкретен компромис кој е потребен за да се стигне до целта за влез во ЕУ и дека е важно Северна Македонија и соседите да наоѓаат начини за да се движат напред.

„Има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така“, вели американскиот висок државен функционер во интервју за „360 степени“.

Во неколку телевизиски гостувања лидерот на ВМРО-ДПМНЕ до скоро одговараше дека решението на проблемот со Бугарија ќе го има во изборната програма, која вчера ја презентираше партијата. На модулот посветен за надворешна политика еден од потпретседателите на партијата сепак рече дека има алтернатива за Уставните измени на кои ВМРО-ДПМНЕ се согласува.

„Без никаков сомнеж одложената примена на Уставните измени е една легитимна алтернатива која што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ, истовремено од наша страна ќе има очекувања за гаранции од Европската унија за македонскиот идентитет, јазик, но и гаранција дека веќе нема да имаме билетаризација на европската интеграција на нашата држава. Ќе очекуваме исто така и од нашиот сосед Бугарија да покаже реципроцитет во почитување на човековите права“, изјави вчера потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски.

Бугарско сценарио?

Според анкетите, најголем број на пратенички мандати ќе освои актуелната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Така нареченото „бугарско сценарио“ не е исклучена можност, бидејќи како што веќе објави ТВ21, меѓу албанските политички партии постои нон-пејпер кој предвидува дека нема да влезат во коалиција со партија која не поддржува уставни промени. Грубо кажано, „бугарското сценарио“ предвидува ВМРО-ДПМНЕ да не успее да формира влада и со 50 и повеќе освоени мандати, бидејќи нема да најде партнер во албанскиот блок. Изборите во овој случај би завршиле со нова техничка Влада во која би учествувале сите партии, вклучувајќи ја и СДСМ. Нови избори би се организирале на пролет или на есен заедно со локалните избори.

Не е исклучена ниту опцијата Мицкоски да се најде во ситуација како Љубчо Георгиевски во 1990 година, кога убедливо победи, но не успеа да најде партнер за формирање на Влада или пак Никола Груевски во 2017 година кога партијата ВМРО-ДПМНЕ победи и го доби мандатот за состав на Влада, а потоа празен го врати кај претседателот на државата.

За да се усвои потребата од измени на Уставот треба да гласаат 80 пратеници, односно дветретини од вкупно 120-те парламентарци. Власта тврди дека има поддршка од 72 пратеници и дека и требаат уште осум за двотретинско мнозинство.

Уставните измени се потребни за земјата да продолжи со интеграцијата во Европската унија. Скопје прифати да го менува Уставот и да ги внесе Бугарите во него, откако лани Софија го тргна ветото на македонските евроинтеграции.

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO