Три дена по посетата на архиепископот Стефан на Ватикан Синодот на МПЦ-ОА одржа седница на својот работен состав на која се разгледувало прашањето на Украинската православна црква и именувањето нашата црква од елинофонските цркви. Формирана е и комисија за овие прашања.
Во соопштението на Синодот за седницата се вели:
„Светиот архијерејски синод посвети сериозно внимание на проучување на украинското црковно прашање и формира комисија која ќе го проучи статусот на Православната црква на Украина, којашто доби автокефалност од Вселенската патријаршија. Претседател на комисијата е митрополитот Брегалнички Иларион, а потпретседател е епископот Дељадровско-илинденски Јоаким.
Истата комисија има за цел да го проучи и проблемот со именувањето на нашата света црква од елинофонските цркви“.
Оваа одлука може да значи помрднување од местото по барањата на Вселенската патријаршија околу автокефалната Украинска православна црква. Тие барања, како и ословувањето на МПЦ-ОА во дел од православниот свет, се клучните пречки Вселенската патријаршија да го издаде конечниот томос за автокефалноста.
Порталот „Религија“ пред некој ден објави интересни детали за посетата на поглаварот Стефан на Ватикан, повикувајќи се на официјалните соопштенија на Светиот стол. Папскиот совет за промовирање на христијанското единство на Ватикан објави официјално соопштение за средбата на архиепископот Стефан со кардиналот Курт Кох, префект на дикастеријот за промовирање на црковно единство, која се случи на 26 февруари. Во соопштението нема многу детали, освен дека било разговарано за „тековните односи и идната соработка меѓу црквите“. Најинтересно е именувањето кое Ватикан го користи за МПЦ-ОА.
Архиепископот Стефан е титулиран како „Негово блаженство Стефан, поглавар на Православната црква – Охридска архиепископија“, пишува „Религија“.
„Делегацијата потоа замина во базиликата Свети Петар, каде ги дочека монсињор Калогера Ла Пиана, каптолски викар на кардиналот натсвештеник на базиликата, за да се поклонат на моштите на апостолот Петар и да ја посетат базиликата. Беше тоа прва официјална посета на Неговото блаженство Стефан како поглавар на Православната црква – Охридска Архиепископија, која неколку православни цркви сега ја препознаваат како автокефална“, стои во соопштението од канцеларијата на кардиналот Кох, а кое го пренесува „Религија“.
За време на посетата на Ватикан архиепископот Стефан требаше да се сретне со папата Франциско, но сите негови аудинеции и активности беа откажани тој ден поради настинка.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука