Вселенската патријаршија го губи трпението поради калкулациите и потезите што ги влече МПЦ-ОА, последната година. Еден од најреномираните црковни аналитичари во грчкиот свет, Андреас Лударос, од „Ортодоксија инфо“ објави анализа, во која повикувајќи се на доброинформирани извори од Вселенската патријаршија предупредува дека МПЦ-ОА може на долг рок да ја изгуби долгопосакуваната автокефалност. Лидарос во анализата пишуава дека „Според добро упатени извори на orthodoxia.info, Вселенската патријаршија со загриженост го следи односот на скопските архиереи и при сегашните околности нема ни најмала намера за какво било дејствие.“

-Бездруго, земјата влегува во долг изборен процес, бидејќи првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на крајот на април, додека парламентарните избори ќе се одржат на почетокот на мај. Оние кои добро ги познаваат луѓето и состојбите во соседната земја забележуваат дека исходот од овие избори ќе го одреди и односот на Црквата. Засега сè покажува дека односот на Охридската архиепископијата е во насока на поддршка на руско-српските планови за појава на нов начин на доделување автокефалност, заобиколувајќи го Константинопол и практиката од која настанале сите автокефални Цркви, освен секако древните Патријаршии и Архиепископијата на Кипар, пишува Лударос.

Главната причини за овој расплет на односите го лицира во руското влијание под кое подпаднала МПЦ-ОА, особено за прашањето на автокефалноста во Украина.

Во продолжение целата анализа на Андреас Лударос

Во недела на Педесетница 2022 година, под сводовите на патријаршиската црква на свети Георгиј во Фанар, Стефан Охридски, штотуку излезен од пештерата на изолацијата во која се наоѓаше неговата црква со децении, великодушно раздаваше ветувања.

„Нашето ветување е дека неуморно ќе работиме за својот напредок и трпеливо ќе го чекаме тој благопријатен момент кога радосната објава од Великата Христова Црква ќе биде придружена со радосно биење на камбаните, ќе ги исполни срцата на современиците со неискажлива радост и ќе ги успокои душите на починатите“, му рече тој на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, со кого штотуку сослужуваше.

„Нека се чуе громогласно, со гласот на Мајката и Владичица Црква, начело на помесните цркви, веста за денешниот настан на обновувањето на нашето литургиско единство со православниот свет“, извикуваше со радост Архиепископот на Црквата која до неодамна единствено тој ја признаваше.

На Вас е одговорноста на Мајката Црква за доброто и за унапредувањето на православното семејство, Ваши се привилегиите и правата, и ние не бараме ништо повеќе од она што другите го добиле, или на некој начин различен од оној со кој ги доделивте другите автокефалии во историјата и сегашноста. Имајќи ги предвид аналогиите со зборовите на Мудриот Соломон, имајќи ја предвид Вашата одговорност и првенството на служењето, заедно со привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе кажеме: „Голема е Твојата сила отсекогаш, и на моќната рака твоја кој ќе се спротивстави? […] Имаш милост за сите, […] зашто ги сакаш сите созданија, […] душељубив“, рече архиерејот од најсвечениот амвон.

Денес, на крајот на февруари 2024 година, речиси две години подоцна, ветувањата на Стефан Охридски се изгубени, потсетувајќи на оние што поранешните зависници ги извикуваат гласно за да ги убедат другите, а и самите себе, непосредно пред да се вратат во својата зависност.

Зависноста на „Македонската“ црква од политичко коцкање

Главната причина зошто Црквата на Стефан уживаше изолација во севернокорејски стил беше нејзиното тешко занимавање со политиката. Во децениите кога властите во Северна Македонија „градеа“ наративи за Македонците, Александарите и Букефалите, тамошната Црква беше нивна света десница. Иако главната карактеристика на Православната црква како заедница е општењето и причеста, на Стефан и архиереите на неговата Црква изолацијата не им пречеше. Сѐ додека не се смени политичкиот баланс.

Односите со Грција беа обновени, празното говорење и историските екстреми престанаа да бидат официјален наратив на земјата и сè почна да зема логичен тек (колку што е тоа можно во нашето балканско соседство).

Можеби во радоста на деновите не се гледаше доволно, или оние што видоа се правеа дека не гледаат, но и ова обраќање на Охридската црква во каноничност беше направено со политичка волја. Присуството на премиерот Ковачевски во патријаршискиот храм тој ден не беше само формално.

Во секој случај, враќањето на Охридската архиепископија во каноничност беше поздравено и дочекано со пофалби од една, но и со резервираност од друга страна, бидејќи Стефан, пред да појде во Фанар, се погрижи да помине низ Белград за да го објави учеството на својата Црква во една нова политичка игра, која не беше воопшто игра на неговата земја.

Во Србија, архиепископот Стефан го доби во рацете првиот хибрид, штотуку произлезен од црковно-политичката матрица создадена од Русија и Србија. Тоа беше „Томосот на автокефалноста“ што му го предаде Српскиот патријарх Порфириј, правејќи ги Стефан и неговата Црква во суштина првото „заморче“ во експериментот инспириран од неговиот старец, човекот кој долги години работи во насока на трансформирање на Црквата на Србија во најважниот и најблизок сателит на Црквата на Русија.

Ставот што Стефан Охридски го запази во продолжение и тоа што тој на апсолутен начин го тврдеше во Фанар, остави впечаток дека не ја сфаќа сериозно „автокефалноста“ што му ја подари Српскиот патријарх. „Крај на алармот“, рекоа многумина. Меѓутоа, Вселенскиот патријарх при тоа сослужение беше дециден. „Вашиот пат оттука, па натаму, зависи исклучиво од вашето сопствено однесување и од вашите избори“, му рече тој на Стефан.

Но, микробот на политичкото коцкање веќе по повторен пат ја имаше заразено малата балканска Црква.

„Пион“ на руската шаховница

При нормални околности, денес, речиси две години по враќањето во каноничност, вистинскиот Томос за автокефалност можеби веќе и ќе беше составен. Единственото што остана беше да се поврзат делата со зборовите. Односно, доказот дека гревот станал лекција и дека враќањето во православното семејство било искрено барање. Но, Стефан Охридски денес се наоѓа подалеку од автокефалноста отколку што беше тоа утро на Педесетница во Фанар. Но зошто;

Како што зависниците продаваат бурми и стари семејни наследства за да можат да се коцкаат, не грижејќи се за последиците врз себе и врз своите семејства, така и една група во Црквата на соседната земја одлучи дека нивниот интерес не е да го добијат своето сопствено самостојно присуство во православното семејство, но постигнатото да го разменат за „привилегијата“ да станат пиони на српско-руската шаховска табла.

И сега Црквата, која преку својот Претстојател му порача на Патријархот дека „Патријаршискиот и синодален акт за нашето враќање од перипетиите на изолацијата е, и ние ќе се погрижиме да биде, темелот врз кој ќе ја градиме својата иднина, секогаш под мудриот совет на Мајката Црква Константинополска,“ го промени својот наратив. Луѓето кои молеа за враќање, признавајќи дека единствениот во православното семејство што може тоа да им го обезбеди е Вселенскиот трон, добија нови приоритети. И така, Црквата, која повеќе од половина век живееше надвор од Православието и се врати токму затоа што тоа го дозволи Константинопол, протестира затоа што слични акции беа преземени и за проблемот што се разви во Украина.

Едноставно кажано, откако беа признати како канонски, скопските архиереи одлучија дека Украинската црква не е канонска. Пред да се исуши мастилото од потписот на истиот Патријарх кој ги врати и нив и Украинците, архиереите од Северна Македонија се сетија на своето старо добро јас. Парадоксот е што иако украинската автокефалност му претходеше на враќањето на Охридската архиепископија во каноничност, ниту еден од претставниците на Охридската црква не го ни спомна тоа при примањето на Патријаршискиот и синодален акт на обнова. И како можеа да кажат такво нешто, на крајот на краиштата, кога изјавија дека „Дојдовме во мајчинската прегратка, Ваша Сесветост, по период на талкање во духовната пустина на страданието и изолацијата. Како што секој може да направи грешки, и ние направивме и ги признаваме“.

Според добро упатени извори на orthodoxia.info, Вселенската патријаршија со загриженост го следи односот на скопските архиереи и при сегашните околности нема ни најмала намера за какво било дејствие.

Бездруго, земјата влегува во долг изборен процес, бидејќи првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на крајот на април, додека парламентарните избори ќе се одржат на почетокот на мај. Оние кои добро ги познаваат луѓето и состојбите во соседната земја забележуваат дека исходот од овие избори ќе го одреди и односот на Црквата.

Засега сè покажува дека односот на Охридската архиепископијата е во насока на поддршка на руско-српските планови за појава на нов начин на доделување автокефалност, заобиколувајќи го Константинопол и практиката од која настанале сите автокефални Цркви, освен секако древните Патријаршии и Архиепископијата на Кипар.

/Андреас Лударос/ ORTHODOXIA.INFO

Преземено од religija.mk

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO