Европската комисија и Европската служба за надворешна акција доставија предлог со кој обврските од Охридскиот договор станаа составен дел од процесот на преговори за членство на Србија во ЕУ, потврдуваат од Танјуг.

Според портпаролот на Европската комисија, предлогот на Комисијата бил проследен до Советот на ЕУ во петокот, 2 февруари.

Со овој предлог, обврските од Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, како и Анексот за имплементација договорен лани во март во Охрид, формално би станале составен дел од преговарачкиот процес за членство на Србија во ЕУ.

Во декември, Советот на министри на ЕУ побара од Европската комисија да ги вклучи овие обврски во преговарачката рамка меѓу Белград и Брисел.

„Советот бара од Комисијата и од високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“, се наведува во барањето.

Поглавјето 35 во преговарачката рамка за членството на Србија во ЕУ, кое се нарекува „други прашања“, во случајот со Србија го вклучува и нормализацијата на односите со Косово. Со цел да се следи напредокот во нормализацијата, ова поглавје беше меѓу првите што беше отворено – на 14 декември 2015 година.

По поднесувањето на предлогот, Советот на ЕУ треба да ги усвои овие измени со кои формално би се опфатени и обврските на Белград од дијалогот во процесот на преговори за членство на Србија во ЕУ.

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO