Синодот на МПЦ-ОА врши притисок врз интернет порталот Религија.мк и се обидува да ме замолчи мене како главен уредник и основач на овој интернет портал, пишува Марјан Николовски, основач и уредник на Религија.мк.

Вербалните закани кои на социјалните мрежи веќе една година провејуваат, се трансформирани во обвинение од Синодот на МПЦ-ОА за порталот Религија, и мене како уредник ме ставаат пред црковен суд.

Значи Синодот на МПЦ-ОА покренува судска постапка против мене и интернет порталот во која наведува дека текстовите кои се објавени предизвикувале „ОСНОВ за изразување омраза, во форма на говор на омраза, предизвикување омраза кај верниците и доведување на оштетените членови на САС (Синодот) во општа опасност и загрозување на нивната безбедност, а особено преку електронски извор – средство за јавно информирање„.

Од тие причини Синодот ми наложува да се појавам на „доказно рочиште закажано на 29.01.2024 година во 11 часот во канцеларијата на Архиепископијата во Скопје, каде треба да ги предадам сите исправи и предмети, кои како доказ ги имам за моите пишувања, а нив да ги разгледа црковен обвинител, и јас да ги откријам сите мои извори на информации, бидејќи се бара: „да ги произнесете сите факти врз коишто ги засновате вашите наоди“.

Во поканата што курир на МПЦ-ОА утрово ми ја донесе дома, пишува дека ако не се појавам на тоа доказно рочиште расправата може да се одложи, ама веројатно ќе треба да го платам трошокот на црковниот обвинител што дошол до Архиепископија, а јас не сум бил таму.

Од оваа постапка што Синодот на МПЦ-ОА ја покренува против мене треба да поризлезе пресуда за исклучување од црквата и мое јавно сатанизирање како човек кој работи на штета на црквата и подоцна секое мое влегување в црква и со цел да запалам и свеќа, да биде проследено со скандали, бидејќи на свештениците ќе им биде наложено да не ми дозволуваат влез, а ако ми дозволат тие ќе подлежат да истите вакви црковно-судски постапки.

Секако што е уште поважно пред верниците на МПЦ-ОА да се претстави дека тоа што јас го пишувам за црквата е неважно, бидејќи јас сум анатемисан и прогласен за еретик, а еретиците, неверниците, злобните немаат право да ја критикуваат црквата.

На крајот од тоа е јавниот линч што јас ќе треба да го доживувам секаде каде што ќе се појавам, а тој од фантизирани верници може лесно да се претвори во физички напади.

Но, еве уште веднаш да го известам црковниот обвинител дека нема потреба да доаѓа во Архиепископија на 29.01.2023 година, бидејќи нема да успее да наплати трошоци, зашто не ми паѓа на памет да одам по црковно-судски постапки како новинар. Ако некој од МПЦ, Синодот, владика се почуствувал загрозен и навреден од моите пишувања, постои граѓански суд, нека поднесе тужба за клевета, па таму на јавно рочиште ќе ги соочиме и фактите и аргументите, но моето право да пишувам за аномалиите и проблемите во МПЦ-ОА нема да престане, ниту да биде замолчено.

Да му дадам на црковниот обвинител и еден бесплатен совет. Може слободно да си отседне во својата удобна фотеља и на топличко да донесе пресуда против мене и тоа да го направи веднаш, да не губи време.

Да им порачам на членовите на Архиепископскиот-црковен суд кога ќе ја носат пресудата, за да таа има ефект, најдобро е да пресудат да ми се изврши јавен егзорцизам. Тука на платото пред Соборен Храм, кај фонтаната, јавно со директни преноси, да ми направат егзорцизам и можеби така утре во Религија.мк ќе читаат тоа што сакаат да го читаат, бидејќи, како што би рекол Маск „Тие не сакаат да го банираат говорот на омраза, туку говорот кој тие го мразат“.

КОЈ И СО КОЕ ПРАВО ГО ЗЛОУПОТРЕБУВА ЦЕЛИОТ СИНОД?

Во овој текст е посочен целиот Синод, затоа што тужбата против мене е во име на целиот Синод, иако ова не кореспондира со реалните состојби од предисторијата на овој случај.

Но, вака одат работите.

Еден од владиците, кој дури ниту јавно не ја крие својата проруска ориентација, е Владиката Кумановско-осоговски Григориј. Негов партнер во тој процес е Владиката Преспанско-пелагониски Петар.

На последната синодска седница во полн состав на 26. 12. 2023 година Григориј го покренал прашањето за мое дисциплинирање и анатемисување. Нормално мнозинството владици се спротивставиле и темата била затворена.

Но, што е симптоматично?

Во писмото што денеска го добив пишува дека токму по одлука на Синодот на МПЦ-ОА од 26.12.2023 година е одлучено да биде покрената постапка за црковна тужба против мене. Ако на таа седница Синодот не донел таква одлука (а тоа лично ми го потврдиле најмалку 5 архиереи), тогаш кој во нивно име тврди дека таква одлука е донесена?

Ако, тие не се согласиле, а сепак постои тужба во нивно име, тогаш кој и во чие име ја води постапката? Дали таа тужба ја покренува Синодот на МПЦ-ОА во редовен состав (тројца владици – Стефан, Петар и Тимотеј) по налог и барање на Григориј, но зошто во писмото е посочен број на одлука од датум на редовен состав на Синод?

Писмото што го добив, нема ниту печат, ниту потпис, ниту меморандум од канецеларијата на Синодот на МПЦ-ОА.

Зошто?

Кој е тој што е помоќен од целиот Синод и од Архиепископот за да се обиде да прави фалсификат на синодски одлуки, а Архиепископот да не знае? Или, пак, знае, па им угодува, а на административната служба им наредува да не стават печат и потпис.

Но, зошто тоа го прави?

Да нема заблуда, мене сосема јасно ми е што и како се случило и што се случувало… но, за тоа, друг пат.

Но, затоа јавно ги повикувам членовите на Синодот на МПЦ-ОА да се произнесат, дали се согласуваат, или не, да бидат мои тужители и да потврдат, или демантираат дека таква одлука на Синодот постои. Ако не одговорот во рок од два дена јавно, ќе сметам дека се дел од оваа постака за замолчување на слободата на изразување.

Синодот на МПЦ-ОА по Устав е највисока црковно-судска институција. По Устав на МПЦ-ОА, Синодот како крајна инстанца одлучува дали пресудите на архиепископскиот, епархискиот суд се исправни. Во мојот случај Синодот се јавува како тужител.

Значи Синодот ме тужи, синодот ми суди.

Пред кого јас имам право на жалба, ако пред оној кај кој треба да се жалам ме тужи и ме суди? Пред матичниот во Белград – Порфириј?

РЕЛИГИЈА.МК НЕМА ДА ЗАМОЛЧИ

Религија.мк е единствениот интернет поратал во Македонија, кој од 2016 година се занимава со верски прашања во државата и кој за овие седум години стана препознатлив бренд и во државата, но и во православниот свет. Вестите и анализите на Религија.мк се дел од прес-клипинизите на православните цркви, вклучувајќи црковни центри како Москва, Фанар, Белград, Атина, Софија. Јас и уште двајца-тројца новинари сме единствените во Македонија што со години се занимаваме со овие прашања и преку кои јавноста доаѓа до информациите за она што се случува во верските заедници.

Секогаш кога на верските заедници, а особено на Црквата не и се допаѓаат пишувањата, ние сме на отстрел.

Последните две години Религија.мк пишува интензивно за состојбата во која се наоѓа МПЦ-ОА во православниот свет и патот што двајца владици го трасираат, а кој води кон заробеништво на МПЦ-ОА во рускиот свет.

Претседателот на државата, министерката за одбрана, безбедносните експерти, странските амбасади, предупредуваат дека дел од високиот клир на МПЦ-ОА работи за руските државно-црковни безбедносни служби.

Религија.мк ги пренесува сите аспекти на тоа прашање, но на дел од владиците тие теми не им се допаѓаат. Религија.мк, како што врпочем и сите релевнатни безбедносно-политички аналитичари предупредува дека МПЦ-ОА со црковната политика на двајца владици станува сериозно безбедносно прашање, но владиците тоа не сакаат да го читаат.

Религија.мк пишува за можните финансиски малверзации и за можноста владици на МПЦ-ОА да имаат сметки во странство, но владиците на МПЦ-ОА не скааат да прашаат како е тоа можно. Сите овие теми, Синодот на МПЦ-ОА сега се обидува да ги забрани, да ги избрише, да ги сакнционира, да ме замолчи мене, Религија.мк, а подоцна и некои други новинири ако се обидат да пишуваат на овие теми.

Владиците на МПЦ-ОА, кои дваесет години живееја во конфор зона, под стаклено ѕвоно, па дури и со нарачани прогони против неистомисленици како Вранишковски, поради повисоката цел, автокефалноста на пример, сакаат да продолжат да живеат како државни агенти и по извојувањето на таа цел. МПЦ-ОА денеска не е МПЦ-ОА од пред 20 години. Таа денеска е црква на патот до полноправна автокефалност, ниту една црква не ја смета за шизматичка и може да сослужува со сите цркви во светот. Таа битка МПЦ-ОА ја доби благодарение на државата и нејзината заштита. И сега државата е онаа која очекува црквата да и биде партнер, а не „сипач на песак у савезничка осовина“ кога станува збор за националните и стретешки интереси и тоа е она на кое предупредува Религија.мк, а на некои владици не им се допаѓа.

Иако оваа лакрдија од црквно-судска постапка, која е промашена во сите правни аспекти, јас не ја ставам ниту на последната дупка од свиралото, сепак таа е класичен пример за да владиците во Синодот сами си одговорат конечно на прашањата за кои не сакаат да зборуваат, на пример и за тоа како Григориј стана владика, и за тоа како Петар одлучува за се во црквата.

И за тоа зошто Стефан е Архиепоскоп, а практично не е Архиепископ.

Многупати досега анализирав дали сите закани кон мене да ги третирам како сериозни или не, и оние кои доаѓаа од групацијата на Палчо, кој во соработка со Петар и Григориј се закануваше не само на мене, туки и на половина Синод, или пак, оние кои доаѓаа од првите соработници на Григориј и на Петар, но овој пат, со оглед дека во целата приказна е вмешана МПЦ-ОА како институција, на чело со сите нејзини владици, а кои нели само по себе се моќни, влијателни, и од причини што во редовите на МПЦ-ОА има тешки црковни фанатици кои реално можат да посегнат по мојата безбедност, одлучив да побарам заштита.

Со овој текст го повикувам Здружението на новинари на Македонија, Меѓународната федерација на Новинари, Советот за етика во Медиумите, АВМУ, невладините организиации за медиими за поддршка на моето новинарско право да пишувам и да ја критикувам црквата во сите нејзини аномални состојби.

За сите овие случувања ќе ги известам, Министерството за внатрешни работи (МВР), странските дипломати, пред се Амбасадата на Соединетите американски држави во Македонија, Европската Унија, ОБСЕ, Хелсиншкиот комитет, Фондацијата Конрад Аденауер, како и сите помесни православни цркви за начинот на кој МПЦ-ОА се однесува кон правото на слобода на изразување.

П.С. Во меѓувреме добив поддшка од добар дел свештеници, меѓу нив и од епархијата на Петар и на Григориј и заедно констатиравме дека за сите мои црковни потреби стојат на располагање, а нив ќе ги извршуваме како на времето во катакомби, далеку од очите на инквизицијата на МПЦ-ОА.

/Марјан Николовски, основач и уредник на Религија.мк

Преземено од religija.mk

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO