Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска по средбата со делегацијата на Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ) изјави дека е загрижен поради реториката на поделеност и руското влијание врз земјата.
„Загрижени сме поради сецесионистичката и реториката на поделеност, како и надворешното влијание, особено од Русија. Ова се заканува да ја поткопа стабилноста и да ги ослабне реформите. Сите лидери мора да работат на единство и мора да работат на напредок“, изјавил Столтенберг, пренесува Klix.ba.
Столтенберг истакнал дека НАТО е исклучително посветен на безбедноста и стабилноста на регионот.
„Знаете дека ние сме посветени на ова со години бидејќи вашата земја е важна за целиот регион. Затоа, ја продлабочуваме нашата соработка, политичкиот дијалог и практичната соработка. Седиштето на НАТО во Сараево обезбедува поддршка за мисијата ЕУ Алтеа. Остануваме посветени на успехот на таа мисија и го поздравуваме продолжувањето на мисијата во Советот за безбедност на ОН“, рече тој.
Столтенберг изјави дека Алијансата ги поддржува реформите во Босна и Херцеговина, како и пакетот за градење одбранбени капацитети, кои ќе ја зајакнат способноста на земјата да одговори на природни и други катастрофи, како и во областа на сајбер безбедноста.
„Сакам да ја пофалам Босна и Херцеговина за успехот што го постигна на патот кон ЕУ“, повтори тој и со тоа го заврши обраќањето на кое не беа дозволени прашања од новинарите.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука