Г. Јован, кој по 20 години минатиот месец беше и формално вратен во редовите на МПЦ-ОА како митрополит крушевско-демирхисарски, во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, меѓу другото, ги изнесува своите видувања за ситуацијата во која се наоѓа Македонската црква откако СПЦ издаде томос за нејзина автокефалност (а не Вселенската патријаршија). Тој смета дека треба да се најде модус за прифаќање на автокефалноста на Охридската архиепископија од вселенскиот патријарх зашто, како што вели, не може една црква да добие два томоса.

360°: Зошто СПЦ издаде томос за автокефалност на МПЦ-ОА, а не ја претстави Охридската архиепископија за достојна за автокефалност пред Вселенската патријаршија и пред другите цркви, па Вселенската патријаршија да издадеше томос за автокефалност?

Г. Јован: „Затоа што не е решено тоа прашање на сеправославно ниво. Јас, еве, за среќа, можам да го знам поконкретно одговорот на ова прашање што го поставивте. Во 2009 година се одржа подготвителен собор пред соборот на Крит во 2016 година. На тој подготвителен собор беше и прашањето за автокефалија, како што имаше и други прашања – за автономија, за дијаспората… Ние, главно, со текстот сите се согласивме, освен со едно прашање за кое имаше забелешки меѓу Константинополската (Вселенската, н.з.) патријаршија, Руската и Романската црква – како се потпишуваат престојателите по издавањето на томосот. Текстот на томосот може да биде, ќе се определи, нема проблем за тоа, туку дали автокефалијата ја прогласува Вселенскиот патријарх, а другите сопрогласуваат или сите заедно прогласуваат… Поради тоа прашање остана тоа нерешен проблем и не влезе на дневен ред на соборот во Крит.“

360°: Со оглед на тоа што МПЦ-ОА има томос за автокефалност од СПЦ, треба ли воопшто да се очекува томос од Вселенската патријаршија?

Г. Јован: „Мислам дека ќе биде многу тешко да се очекува томос, меѓутоа може да се најде фаза во која Вселенската патријаршија ќе се согласи со автокефалија. А да има друг посебен томос малку ќе биде… Два томоса никогаш не се давале, што значи – од една страна, вие може да речете преурането од СПЦ, а од друга страна, некој друг да каже – па, нема само Вселенската патријаршија ексклузивно право да издава томос зашто тоа прашање не е решено на соборот.“

360°: На што мислите кога велите да се реши преку некаква фаза, како тоа практично би се извело за да се стигне до прифаќање на автокефалноста?

Г. Јован: „Со многу напорни преговори секако дека може да се убеди Вселенската патријаршија овој томос да го третира како предлог. Во суштина така и беше договорано – значи, мајката црква да даде предлог на Вселенската патријаршија…“

360°: Реторички така и беше кажувано, Вселенската патријаршија ова (томосот од СПЦ, н.з.) да го сфати како предлог.

Г. Јован: „Може да биде, може да биде, единствено така, ама за тоа нема писмен акт – ни Вселенската патријаршија дека другите цркви се согласиле со тоа.“

360°: Имате ли вие увид во која фаза се сега преговорите меѓу Вселенската патријаршија и Охридската архиепископија?

Г. Јован: „Немам, зашто во суштина прашањето е отворено. Значи, треба да се најде модус како и на кој начин би можела Вселенската патријаршија да не биде повредена, како првотрона црква која досега само таа издавала томоси, ама издавала зашто…“

360°: Сакате да кажете дека Вселенскиот патријарх е, на некој начин, повреден од томосот на СПЦ?

Г. Јован: „На некој начин е повреден зашто тој ги издал сите автокефалии во 20. век, дури и без да се консултира со другите цркви. Сега, во овој случај, за првпат томос издава друга автокефална црква, ама не може да се каже дека тоа е по вина на СПЦ или, пак, претензии на Руската црква, туку зашто тоа прашање не е решено.“

360°: Вселенскиот патријарх е повреден, но мојот впечаток е дека сите мостови не се урнати по примањето на Охридската архиепископија во канонско единство, вратите не се затворени за дијалог?

Г. Јован: „Не, не. Сигурно.“

360°: Има ли барање од Вселенската патријаршија за промена на уставот на МПЦ-ОА?

Г. Јован: „Мислам дека тоа не го барале.“

360°: Во смисла на тоа дека Охридска архиепископија ќе биде име за севкупна употреба, па и за домашна употреба?

Г. Јован: „Тоа може да биде и со промена на уставот и со една одлука. Во суштина, сегашниот став, колку што го гледам и кај археипископот и кај други архиереи е за домашна употреба да биде како сакаме, а која црква сака, да нè прифати со тоа име – Македонска, а која не сака, тогаш Охридска архиепископија. Но, ние сега имаме проблем со Бугарската црква и со името Охридска архиепископија зашто тие сакаат да имаат монопол врз Охридската архиепископија.“

360°: Дали тие вршат притисок врз Вселенската патријаршија?

Г. Јован: „Не мислам дека толку вршат притисок. Прво, затоа што нивниот став воопшто не е издржан.“

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO