
Дали МПЦ-ОА е автокефална црква со Томос издаден од СПЦ, или не е, е едно од суштинските прашања што изминатава година и половина е дел од јавната дебата во македонската црковна јавност.
Оние кои ја познаваат структурата на православната црква, знаат дека СПЦ повлече потег со кој МПЦ-ОА ја внесе во сосема неизвесна состојба, досега непозната за црковните правила. Тие знаат дека Томосот на СПЦ за автокефалност нема никаква врска со канонските процедури и е само црковно-дипломатски маневар со цел да се постигне целта на сопствениот интерес, во случајот заеднички интерес и на СПЦ и на Руската црква.
Оние пак, кои се водат по емоциите и еуфоријата што и се продава на црковната јавност, безрезервно извикуваат дека МПЦ-ОА е автокефална црква, а кандилото на автокефалија и го палат на СПЦ, се разбира и на Руската црква.
И овде нема ништо спорно. „Народ ко народ“, дел едуциран, дел не … има право да организира јавна дебата, да политизира, да се радува … но клучен проблем во тоа е однесувањето на одредени владици на МПЦ-ОА, а следствено на нив и голем број свештеници. Сите тие добро ги знаат, или пак би требало добро да ги знаат канонските прописи за тоа како една црква станува автокефална. А дека барем владиците тоа го знаат сведочи фактот што во сите години преговори со СПЦ, МПЦ-ОА никогаш не барала СПЦ да и признае автокефален статус, туку барала од СПЦ да ја препознае реалноста и да се согласи на автокефалност на територијата на Македонија, за да може Вселенската патријаршија без проблеми да издаде Томос за автокефалност.
Но, тоа што некогаш беше заеднички став на МПЦ-ОА, денес е основа на поделеност во истата црква што ја заговараат двајца владици во Синодот. Иако и на двајцата им е сосема јасна реалноста, сепак влезени во руската игра неодамна се обиделе и институционално да ја вовлечат МПЦ-ОА во ставот дека Томосот на СПЦ е легитимен и доволен, бидејќи „грбот од РПЦ“ бил најсилен.
АРХИВИТЕ ОТКРИВААТ ЗОШТО СПЦ НЕ МОЖЕ ДА ИЗДАДЕ ТОМОС
Во февруари 2014 година, во македонскиот дневен весник Слободен печат излегува едно од ретките интервјуа за македонски медиуми на тогашниот Црногорско-приморски митрополит, сега покоен, Амфилохиј. Исклучително важна црковна фигура во СПЦ, со години дел од комисијата на СПЦ за преговори со МПЦ-ОА.
Во тоа интервју, Амфилохиј објаснува неколку суштински аспекти од македонско-српскиот црковен проблем. Еден од тие аспекти е токму автокефалноста на МПЦ-ОА и начинот како до нејзе се доаѓа.
На прашањето од тогашниот главен уредник на Слободен печат, кој го прави интервјуто, „Што ја спречува СПЦ едноставно да ја прифати реалноста каква што е сега и на тој начин да ја повика МПЦ во канонско единство“, (алудирајќи токму на моментот зошто СПЦ не признае автокефалност), Амфилохиј одговара доста прецизно, објаснувајќи дека СПЦ нема канонско право да признава автокефалност, туку едноставно таквата автокефалност да ја претстави пред Вселенската патријаршија.
-Се надевам дека еднаш, на сите во Македонија, ќе им стане јасно дека Православната црква на Србија не дава и не може да даде автокефалност. Таа единствено може да му предложи на Цариград и на сите останати православни цркви конечно добивање на автокефалност, но тогаш кога МПЦ-ОА ќе се врати во канонско единство. Архиепископот Стефан и сите епископи тоа добро го знаат, за тоа со нив не еднаш сме разговарале. Тоа во разговорите им го потврдија, како Цариградскиот, така и Московскиот патријарх (овој последниот при неодамнешните разговори со г. Иванов, претседателот на Р. Македонија). Тоа всушност беше основа и на Нишкиот договор.(…) (…)Ако Синодот на МПЦ останеше на ставот за прифаќање на Нишкиот договор (со него практично Охридската Архиепископија – МПЦ доби „самостојност“) немаше да дојде до основање на Православната Охридска Архиепископија на чело со сега затворениот Архиепископ Јован, дотогашен член на истиот Синод. Со тоа сигурно е дека би и се дала можност на Православната црква српска да го исполни и своето ветување и да го покрене прашањето преку Вселенската патријаршија за добивање автокефалност на Охридската Архиепископија со согласност на сите помесни цркви, исклучиво меродавни за тој чин, пат на кој укажува и самиот Московски патријарх Кирил. Наместо да тргнат по тој единствен канонски пат, тие за жал упорно се држат до својот самопрогласен статус „на автокефалност“, останувајќи во раскол, надвор од полнотата на Православната црква, согласно она што им го кажа Сава, епископот Шумадијски (сега покоен) за време на средбата во манастирот Свети Наум: „Еве ти ништо, држи го цврсто“, вели Амфилохиј во интервјуто за Слободен печат од 2014 година, кое сè уште стои на интернет страницата на Црногорско-приморската епархија на СПЦ.
И токму тоа денес го прави МПЦ-ОА. Заробена во заканите од двајца владици дека преку Руската црква ќе ја урнат МПЦ-ОА, „цврсто го држи она ништо“ што СПЦ сега и го даде, а за кое Амфилохиј многу пластично објаснува колку тоа ништо е навистина ништо без Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија.
Колку тоа ништо е ништо и за тоа се свесни и самите владици на СПЦ објасни минатата година во писмо на старогрчки Бачкиот епископ Иринеј Буловиќ. Но, тоа што СПЦ ништото и го дала на МПЦ за таа цврсто да го држи, за СПЦ не е никаков проблем, туку напротив е нејзин триумф. Таа е само предигра на играта што сега ја води Руската црква. СПЦ со Томосот не изгуби ништо, затоа што даденото ништо е ништо, таа само доби и поентира со тоа што ништото го трампа за прифаќање на реалноста која функционира со децении. Од ништото засега губи МПЦ-ОА, која држејќи го цврсто ништото, практично ја губи шансата реалноста која со децении ја има да ја претвори во ништо заробено во рускиот црковен казамат.
ЧИЈ ИНТЕРЕС ШТИТАТ РУСОФИЛИТЕ?
Ако внимателно се чита интервјуто на Амфилохије од 2014 година, точно може да се скицираат сегашните состојби кои Руската црква ги користи како елементи за притисок врз МПЦ-ОА. Едно од тие прашања е именувањето на Црквата во Македонија, прашање со кое Руската црква, преку своите инсталации во МПЦ-ОА, манипулира наметнувајќи теза дека таа го признава името МПЦ, за разлика од Цариград кој бара „ерга омнес“ за еклисиолошкото име на МПЦ-ОА. Вистината е сосема поинаква. Името Охридска Архиепископија, под кое Вселенската патријаршија треба да го издаде Томосот за автокефалност не е преименување на МПЦ-ОА, туку име за именување на МПЦ-ОА во Диптихот на православните цркви. А таму не еднаш е потенцирано дека опцијата е можна само преку именување на древните центри на црквите, или по политичките граници на државите каде црквата ја добива јурисдикцијата на самостојно/автокефално владеење. Во едно од прашањата во интервјуто Амфилохиј точно го објаснува именувањето на црквите. Што е црковно и канонско име, а што национално име.
-Националната припадност никогаш не била своиствена за Црквата, па оттука ние православните не веруваме во грчка, руска, српска, бугарска, македонска или некоја друга Црква која добива таков назив по мнозинството на верници, припадници на една нација, или по географскиот простор, туку веруваме: Во една, Света, Соборна и Апостолска Црква Христова. Тоа и беше причина што сите древни Цркви носеа име и назив, не по нацијата, туку по градот или местото каде било главното седиште на Епископите (Архиепископи, Митрополити) единствени (автокефални, автономни) Цркви: Ерусалимска, Антиохиска, Константинополска, Охридска, Печка, Киевска, Московска … Дури во новите времиња, пред сè кај словенските народи, во времето на будење на поединечни нации и создавање на нивни држави, некои Цркви почнале да се нарекуваат по нациите.(…) (…)Од тука јас се прашувам себе си и другите, со целосна почит кон македонскиот народ и независната македонска држава, дали нашата Пеќка Патријаршија, во времето кога и самата ја преиспитува канонската оправданост на своето ново име (називот СПЦ го добила 1931 година, со донесувањето на тогашниот Устав), дали може и смее да прифати така лесно, без согласност на останатите православни цркви, независност, автокефалност на еден дел од својата канонско подрачје, поистоветувајќи ја славната Охридска Архиепископија, која никогаш не била омеѓена со граници на една нација, или една држава (била и византиско-грчка и бугарска и српска, а и сега не еден простор македонска, каде мнозински е еден народ, но не и единствен) со една нација и држава под најновото име Македонската Православна Црква? И под тоа име кое за сите е познато дека е практично јаболко на раздорот како меѓу државите, така и меѓу соседните народи, вели Амфилохиј во 2014 година за тоа зошто СПЦ не може да признае автокефалност и не под национално име на црквата во Македонија.
Но наспроти се ова што Амфилохиј го зборува во 2014 година, владиците од СПЦ во 2022 година постапуваат спротивно и носат поинакви одлуки. Зошто? За да им се удоволи на владиците на МПЦ-ОА, како што вели Бачкиот епископ Иринеј во писмото до грчката црковна јавност. Дека е така сведочат и јавните настапи на Српскиот патријарх Порфириј, на сите литургии тој ја користи формулацијата Охридски Архиепископ, но не и македонски.
Но тоа не го менува фактот во црковната јавност во Македонија да продолжи ширењето лажни спинови дека издавањето Томос од страна на Вселенската патријаршија, за конечна автокефалност, ќе значи и бришење на името на МПЦ-ОА. Тој лажен наратив, со кој се дразнат емоциите на македонските верници практично е руски црковен инструмент кој има една цел да ја оттргне МПЦ-ОА од вистинскиот пат до автокефалност, за да може Руската црква да продолжи да ја држи во свое заробеништво. Впрочем со што и како Руската црква ќе влијае врз МПЦ-ОА ако Вселнската патријаршија издаде Томос за автокефалност? Со ништо. Тој Томос ќе биде само отворен пат за сите останати помесни православни цркви да ја впишат МПЦ-ОА во своите диптиси и на литургиите да го спомнуваат Архиепископот Стефан како поглавар на помесна православна црква. Руската црква нели и така веќе ја призна МПЦ-ОА, ја призна и Српската, па и Бугарската како автоклефална. Што на тие цркви им менува ако Томос за автокефалност издаде Вселенската патријаршија?
Епа им менува … Кај бугарската е стравот дека наследството на Охридската Архиепископија ќе и припадне на МПЦ-ОА.
На српската дека конечно ќе ги изгуби епархиите во Македонија.
На Руската … на руската и менува се … Целокупниот црковно-дипломатски ангажман, на кој работи веќе 10 години за својата надмоќ во Православието и се руши како кула од карти. МПЦ-ОА, како и сите останати помесни православни цркви кои во 19 и 20 век добија автокефалност по единствениот канонски исправен пат ќе стане вистинска автокефална црква, а не експеримент на руските црковни интереси за некакви нови правила за автокефалност. Руските црковно-дипломатски стратези знаат дека ако ја испуштат МПЦ-ОА од раце, нема да имаат друга шанса за да му докажат на православниот свет дека тие треба да се главни во одлучувањето за автокефалност, затоа што МПЦ-ОА е единствената целосно-образна црковна структура денес во Православието која нема никакви спорни елементи за автокефалност. Таква друга црковна организација со тој степен на развој нема во друга држава. Што значи за Руската Црква МПЦ-ОА е карта за преживување во битката со Фанар.
Ако е така, логичното прашање за македонските русофили во мантии би било е чиј интерес штитите Вие? Македонскиот црковен интерес, или рускиот хегемонистичко империјалистички?
Автор: Марјан Николовски
Преземено од religija.mk
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука
