Унгарската влада објави необично дипломатско писмо испратено од Будимпешта до Стокхолм, во кое основната порака гласи – како можете да ги охрабрите унгарските парламентарци да го ратификуваат приемот на Шведска во НАТО ако истовремено ги обвинувате за уништување на демократијата во Унгарија?
Заедно со Турција, Унгарија е последната членка на НАТО која сè уште не го ратификувала влезот на Шведска во НАТО, а владата на премиерот Виктор Орбан сака шведските власти и граѓанското општество да престанат да ја нарекуваат Унгарија со имиња и да и даваат лекции за демократијата.
Под власта на Орбан, Унгарија доживеа колапс на независноста на судството, медиумите и другите делови од општеството, за што има објективни докази во извештаите на различни организации, но Будимпешта, држејќи го адутот во рака кога станува збор за одложувањето на ратификацијата на влезот на Шведска во НАТО, изгледа им кажува на Швеѓаните: „подобро да не зборувате за тоа, бидејќи зависите од нашата ратификација“.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто напиша во писмо до неговиот шведски колега Тобијас Билстром дека Унгарците „примија многу негативно низа пристрасни, неточни и неправедни обвинувања од шведските политичари“. Овие обвинувања „ја доведуваат во прашање зрелоста на унгарскиот народ да донесува одлуки за иднината на својата земја“.
„Ви реков: пратениците во нашиот Парламент добија мандати во демократска трка. (…) Кога ќе слушнат како вашите политичари ги осудуваат како недемократски и авторитарни, немојте да се изненадите ако го сметаат за навредливо. И сега, почитувани министри, тие пратеници во вестите прочитаа дека во дел од училишната програма, која ја подготви државната фондација „УР“, се шират сериозни обвинувања и лажни информации до учениците во училиштата во Шведска, кои сугерираат дека демократијата во Унгарија е во опаѓање во последните години“, пишува министерот Сијарто во дипломатската кореспонденција што портпаролот на владата на Орбан ја објави неделава на социјалните мрежи.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука