
„Во рок од половина година, Евгениј Пригожин или ќе биде мртов или ќе има втор обид за преврат. Се двоумам меѓу двете, но не гледам како барем едно од двете нема да се случи.“ Ова го кажа бугарскиот истражувачки новинар Христо Грозев во интервју за „Фајненшл тајмс“, објавено во викенд изданието на лондонскиот бизнис весник.
Неговите зборови се одговор на прашањето дали Владимир Путин не изгледа послаб откако лидерот на приватната армија „Вагнер“ остана неказнет за вооружениот бунт од 23 јуни.
„Путин излезе на националната телевизија и го нарече Пригожин предавник. Сите знаат што прават тие со „предавниците“, а Путин не го направи тоа. Тој го сака Пригожин мртов. Но, тој сè уште не може да го направи тоа“, вели водечкиот истражувач на групата „Белингат“ (Bellingcat). Запрашан дали е убеден во прогнозата што ќе се случи до крајот на 2023 година, тој одговара „да, апсолутно“.
Грозев потсетува дека во јануари рекол дека во рок од шест месеци Пригожин ќе се сврти против Путин „и настаните се случија токму во мојата временска рамка“.
Разговорот е воден во Аспен, државата Колорадо, за време на учеството на Христо Грозев на локалниот безбедносен форум на 18-21 јули. На него Бугаринот вели дека во моментов, за војната во Украина, Путин се обложува на тоа претседателските избори во САД во ноември 2024 година да завршат со победа на Доналд Трамп или републиканец кој ќе ја прекине воената и финансиската помош за Киев. Тој посочува дека можеби за прв пат следната година ќе има обид Русите да манипулираат со тамошната изборна кампања со помош на вештачка интелигенција.
Запрашан од каде мисли дека би можел да дојде следниот обид за преврат против Путин, тој вели: „Мислам дека ниту еден дел од елитата, освен луѓето во воено-индустрискиот комплекс, гледа некаква смисла во оваа војна“.
„Но, тие не зборуваат, бидејќи се работи за „дилемата на затворениците“, додава Грозев. (заб. ред. тоа е позната ситуација во психологијата, во која чове место да соработува со останатите зема решение, кое е од корист за него, но не е во корист на неговата група и затоа крајниот резултат е помалку ефикасен од првично планираниот)
„Тие не сакаат да бидат први што ќе направат потег или последни“, објаснува тој и го дава примерот на рускиот ген. Иван Попов, кој неодамна ја критикуваше „специјалната воена операција“ на Путин и исчезна.
Грозев смета дека катализаторот за следниот обид да се исфрли Путин од Кремљ е „или да биде нарушена „дилемата на затвореникот“ или да се ослободат од него преку подобро организиран преврат“. „Не се гледа дека ова се случува меѓу олигарсите, меѓу министрите или во ФСБ. Но, никој од преостанатата елита не сака да живее во Северна Кореја 2 и да му бидат блокирани банкарските сметки. Може да биде предизвикано и од друг настан, на пример од пресврт на фронтот“.
На форумот во Аспен посебен разговор имаше и со Христо Грозев, каде беше прашан како замислува промени во Русија. Неговиот одговор беше дека не верува дека ќе дојде одоздола, но „елитата со пари, вклучително и луѓе од специјалните служби“ е заинтересирана за враќање кон некаква нормалност.
„Тие разбираат дека ова може да се направи на сличен начин како мафијата го легитимирала нивниот бизнис во Русија во раните 90-ти – или како што тоа го направи мафијата во Америка еден век порано – со тоа што ќе станат квази-нормални бизнисмени. Тие можат да наметнат прифатлив степен на демократијата во Русија“, додаде тој.
Имам повеќе време за моето семејство
Грозев му рекол дека сега може да помине „значително време“ со своето семејство за прв пат од февруари, кога беше принуден да ја напушти Виена откако австриските власти му кажаа дека повеќе не можат да ја гарантираат неговата безбедност. И покрај тоа што е Бугарин, Грозев беше обвинет од правосудниот систем на Владимир Путин дека е „странски агент“ – во суштина непријател на Русија со нишан во грбот. По одмерувањето на другите опции за престој во Европа, Грозев заклучил дека САД се најбезбедно место. Неговото семејство останува во Европа, резимира Едвард Лус.
Запрашан во кој дел од САД живее, 54-годишниот Бугарин одговори: „Да речеме дека наизменично се менувам меѓу западниот и источниот брег“.
Авторот забележува дека Христо Грозев спровел голем број истраги во Русија, откривајќи ги методите на операција на Путин. Грозев беше дел од тимот кој годинава доби Оскар за документарниот филм „Навални“ за обидот за атентат врз рускиот опозиционер, која сега е во затвор.
Во Европа, само во Велика Британија можам да бидам безбеден
Иако не може да прогласи Бугарин за „предавник“ – најризичната категорија руски граѓани, за кои крајот е речиси секогаш болен – Москва јасно го гледа како закана, пишува Фајненшл тајмс.
Христо Грозев двапати се враќаше во Австрија под многу строго обезбедување. На втората посета – во март, по смртта на неговиот татко – полицијата рече дека е премногу опасно за него да оди на погреб. Нему му беше дозволено да се сретне со семејството само накратко со полициска придружба во тајна резиденција во главниот град Виена, одбележува изданието.
На прашањето дали Австрија е најмалку безбедната европска земја, Христо Грозев одговори: „Да. Додека ние (од Белингкат) ги истражувавме Австријците, тие ме набљудувале и јас тогаш не знаев за тоа. Тие тоа го правеле изрично на барање на Русите. Ова е длабока пенетрација“.
„Единствената земја во Европа каде што можам безбедно да дојдам денес е Обединетото Кралство“, кажа Бугаринот. Сепак, тој сè уште е лут на лондонската полиција што одбила нему и на неговото семејство да присуствуваат на февруарската церемонија на доделување филмски награди БАФТА во Лондон.
Како Турција, така и Обединетите Арапски Емирати, каде врие од Руси, се забранета зона за Христо Грозев. „Дубаи е Виена на Персискиот Залив“, кажал Бугаринот, кој беше предупреден од властите во двете земји да не ги посетува: „Не доаѓајте овде. Ќе се обидеме да ве заштитиме. Никогаш нема да ве екстрадираме (на Русија). Сепак, не, ние не можеме да ја гарантираме вашата безбедност“.
„Ми прави впечаток дека Грозев е потенцијално во дилема како онаа на Салман Ружди“, забележува авторот на написот. „Никогаш нема да знае со сигурност кога е безбедно да се врати во нормален живот. Какви мерки на претпазливост презема?“, додава Едвард Лус.
Знам кога ме следат, мојата непредвидливост им отежнува
„Знам кога ме следат, но нема да навлегувам во детали“, одговори самиот Грозев. „Она што ми помага е мојата непредвидливост: немам одредена агенда за ниту еден ден. Тоа го отежнува животот на луѓето во бизнисот со следење“, кава тој.
Конечно, новинарот на Фајненшл тајмс го прашува бугарскиот истражувачки новинар што го мотивира да продолжи со ваков опасен начин на живот. По кратко размислување, Грозев се врати на кревките перспективи за Путин. „Докажувањето дека рускиот модел е готов и дека ќе пропадне, би исплашил многу други потенцијални диктатори и би ги натерало да размислат за работите: „Живеев добар живот без да бидам диктатор; сега дозволете ми да му се вратам.“ Барем така се надевам дека ќе се случи“, кажал како заклучок Бугаринот.
Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука
