Руската правиславна црква отвори широк фронт против Вселенската Патријаршија, во кој ќе сака да ги вклучи сите помесни православни цркви. Последниот документ што беше усвоен на 19 јули, на состанокот под претседателство на Московскиот патријарх Кирил, се однесува на обвинувања кон Вселенскиот патријарх дека „тој се сојузил со сили штетни за Православието“, односно со западните држави, кои според Русија водат света војна на територијата на Украина.

Една од главните точки на докуменот е за застранување до православното учење на Вселенската патријаршија и нејзиниот поглавар.

Документот е подготвен и претсавен од Митрополитот на Унгарија и Будимпешта Иларион Алфеев, кој воедно е претседател на Синдоската библиско-богословска комисија.

Документот ја застапува тезата дека последните години Вселенската патријаршија развила нов еклисиолошки концепт, за кој во основа не се согласува Руската црква. Според Црковна Москва патријаршијата во Фанар се обидува да ги урне канонскиот поредок на Православната црква и на тој нашин да им наштети на помесните православни цркви.

–Припадноста кон Православната Црква не се определува со присуството или отсуството на заедништво со Константинополскиот патријарх, туку со цврстото придржување кон догматската и канонска традиција. Во оние случаи кога самиот Константинопослки патријарх отстапува во ерес или раскол, како што се случило повеќе пати во историјата, тој се наоѓа себеси надвор од заедницата со Православната Црква, а не оние кои заради одбрана на вистината и следење на каноните, се принудени да ја прекинат црковната заедница со него. Посебно, кога Константинополскиот патријарх отстапил во унијата, другите помесни цркви продолжиле цврсто да ја чуваат православната вера. И полнотата на благодатта во нив не се намалила, бидејќи привремено биле надвор од заедницата со Константинополскиот патријарх. Во Православната Црква не може да има Поглавар кој има посебни привилегии во споредба со другите поглавари. Глава на Вселенската Црква е Господ Исус Христос („Тој е глава на телото на Црквата“ – Кол. 1:18), а не Вселенскиот Патријарх . Неприфатливо е мешањето на една помесна црква во работите на друга црква. Првенството на Константинополскиот патријарх меѓу поглаварите на помесните православни цркви е првенство по чест, а не по власт. Не му дава никакви посебни привилегии, со исклучок на оние што може да му бидат дадени со консензус на Помесните Православни Цркви, како што беше случајот во текот на подготовките за Светиот и Велик Собор на Православната Црква, кога по договор на Црквите функциите на координатор на процесот му биле доверени на Константинополскиот патријарх. Во моментов, поради присоединувањето на константинополскиот патријарх во раскол, на Руската православна црква и стана невозможно да му го признае овој почесен примат. Како што истакна Светиот синод во соопштението од 15 октомври 2018 година, стапувањето во заедница со оние кои отстапиле во раскол, а уште повеќе со оние кои се екскомуницирани од Црквата, е еднакво на отстапување во раскол и е жестоко осудено од каноните на Светата Црква: „Ако некој од епископите, презвитерите, ѓаконите или некој од свештенството се покаже дека е во заедница со екскомуницираните, тој самиот нека биде надвор од заедништвото на црквата како предизвикувач на конфузија во црковниот поредок“ (Канон 2 на Антиохискиот собор; сп. Апостолски канони 10, 11). Во објаснувањето од 23 до 24 септември 2021 година, Светиот Синод истакна дека „поддржувајќи го расколот во Украина, патријархот Вартоломеј ја изгубил довербата на милиони верници“ и нагласи дека „во услови кога мнозинството православни верници во светот не се во црковна заедница со него, тој повеќе нема право да зборува од името на целото светско Православие и да се претставува самиот како негов водач“, стои во документот.

Во документот на Руската црква особено внимание се посветува на каонското право на Вселенската Патријаршија да прима жалби од епископи и свештеници од сите автокефални цркви, нешто на што Руската црква особено се противи. Токму по таков процес покренат пред Вселенскиот патријарх и МПЦ-ОА успеа да ја издејствува согласноста од СПЦ за својата автокефалност. (да не беше тој процес, СПЦ се уште ќе ја држеше МПЦ-ОА во изолација). Сличен процес водеше и Православната цкрва на Украина.

Од тој аспект сосема логична е позицијата на Руската црква да биде противник на тоа, иако тоа право на Вселенската патријаршија извира од Канонот 9 од IV Вселенски Собор. , кој пропишува барањето против „митрополитот на регионот“, да се адресира „или до егзархот на големиот регион, или до престолот на владејачкиот Константинопол“. Руската црква тврди дека ова правило не важи за сите помесни цркви, туку за помесната црква во Константинопол и важи само за неа, посочувајчи дека за тоа сведочи авторитетниот византиски толкувач на каноните Јован Зонара, кој вели дека „Константинополскиот патријарх не се поставува за судија над сите митрополити без исклучок, туку само над оние што му се потчинети.

-Во различни епохи, имаше случаи на жалби од страна на поглаварите на другите помесни цркви до цариградскиот патријарх за помош. Оваа практика особено се рефлектира во „Окружното послание на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква до сите православни христијани“ (1848), во кое се вели: „Патријарсите на Александрија, Антиохија и Ерусалим, во случај на невообичаени и сложени случаи, му пишуваат на Патријархот на Константинопол, бидејќи тој град е престолнина на самодржците и има предимство примено од Светитие Собори. Ако со братска помош се исправи оној што има потреба од исправка, тогаш е добро; ако не, тогаш предметот во догледно време се упатува до властите. Но, оваа братска помош во христијанската вера не доаѓа на сметка на поробувањето на Божјите Цркви“. Меѓутоа, прво, овде станува збор за конкретни помесни цркви – Александрија, Антиохија и Ерусалим, а не општо за сите Цркви кои некогаш постоеле и постојат. Второ, станува збор за „невообичаени и комплицирани“ случаи, кои по сопствена иницијатива, поглаварите на овие Цркви ги префрлаат на дискреционо право на Константинополскиот патријарх, во случај тие самите да не можат да ги решат овие прашања. Трето, текстот јасно кажува дека учеството на Константинопол во решавањето на ваквите прашања не треба да ја нарушува слободата на помесните цркви. Четврто, никаде во овој текст не пишува дека поединечен епископ или свештеник на една или друга помесна црква, заобиколувајќи го својот поглавар или највисокиот соборен авторитет на сопствената Црква, би можел да се жали до Константинополскиот патријарх, стои во документот на РПЦ.

Руската црква го негира ова право на Вселенскиот патријарх, но во основа признава дека за комплицирани случаи „апелацијата“ и припаѓа на Вселенската патријаршија. Случајот во Украина, а особено во Македонија е токму таков, комплициран и специфичен, токму поради фактото што и Руската, а особено Српската црква повеќе од 30 години го игнорираа и не сакаа решение на црковните проблеми. МПЦ-ОА и Православната црква на Украина не ги заобиколуваа Српската и Руската, напротив МПЦ-ОА 55 години водеше дијалог со СПЦ кој секогаш завршуваше без успех. Обраќањето до Вселенскиот Патријарх за апелација беше крајна фаза кон која прибегна МПЦ-ОА.

Во заклучоците на документот на повеќе од 40 страници, авторите посочуваат дека „новата црковна концепција на Константиноолската патријаршија е во очигледна стротивставеност со православното предание и канонските позиции“. Текстот треба да биде усвоен од Светиот Синод на Руската Православна Црква, по што Патријархот Кирил најверојатно ќе влезе во нова црковно-дипломатска мисија против Вартоломеј пред останатите помесни православни цркви.

Она што треба да се очекува е да побара од сите помесни православни цркви да се согласат со позициите на Руската црква и на тој начин да ја осудат Вселенската патријаршија за ерес, а со тоа да ја екскомуницираат и изолираат.

Кирил е свесен дека такво нешто нема да се случи, но затоа неговата идеја е да почне да предизвикува внатре-црковни поделби и расколи во самите помесни автокефални православни цркви. За очекување е дека најголем дел, речиси сите помесни православни цркви нема да се осудат да ги прифатат позициите на Руската црква, туку ќе балансиираат, но затоа се поизвесно е дека оделни владици во самите цркви ќе изкажуваат јавен став за поддршка на Руската позција и на тој начин ќе предизвикуваат внатре-црковни расколи во самите цркви. Тоа ќе биде доволно за Руската црква, бидејќи токму идејата на овој документ е да го задлабочува спорот, со еден нов, поагресивен пристап на Руската црква кон Фанар. Кирил во еден псевдозилотски манир, искористувајќи ја Украина, ќе се обиде да се наметне како чувар на преданието, отварајќи ја вратата за нов голем раскол.

Преземено од religija.mk

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO