Пред 24 години ја издадов книга „Триумфите и катастрофите на бугарската дипломатија“. Во неа го опишав тажниот алгоритам на катастрофи што го следат речиси секој триумф и изразив надеж дека ова порочно повторување ќе биде прекинато со интеграцијата во ЕУ и НАТО. Но, не се случи така… Денес преживуваме нова дипломатска катастрофа на позната тема… Македонија. И тоа, откако постигнавме голем триумф! Појавата на целосно независна Македонија може да се спореди со Обединувањето на Кнежество Бугарија и Источна Румелија, Независноста и Враќањето на Јужна Добруџа.

Димитар Попов, Филип Димитров и Жељу Желев направија чудо! Малкумина се сеќаваат како Грција во 1991 година напорно работеше за ЕЕЗ (претходникот на ЕУ) да ја признае независноста на Словенија и Хрватска, но и да вложи максимални напори за зачувување на помала Југославија која ќе ги вклучи Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. и „Скопје” (како што Грците ја нарекуваа Македонија). Се разбира, не само Бугарија го осуети таквиот кошмарен развој, но позицијата на Софија помогна за утврдувањето на независна Македонија. За жал, Бугарија не разбра дека тоа (за добро или за зло) стана возможно само преку (како што многу добро го опишува Денко Малески) градењето на македонска нација, или како што се изрази Дарко Митревски (кој силно не ги сака Бугарите) , преку „извадувањето на „македонските Словени“ од „бугарското етно-национално ткиво“. Тоа е тежок, болен процес, кој во мојата последна книга го нареков „Македонска граѓанска војна“ и кој разделува семејства и пријатели… но на крајот токму тој ги надмина последиците од Втората Балканска војна и значително се подобри геополитичката позиција на Бугарија.

По 1991 година, основниот императив на Бугарија беше како да ја направи македонската нација пријателска на бугарската. Нашите националисти тврдат дека тоа е невозможно бидејќи таа по дефиниција била антибугарска. Навистина, многу од Македонците, за кои бугарштината беше вредност, беа прогонувани од режимот во Југославија… Првиот претседател на БМОРК, Христо Татарчев, умре во Италија и никогаш не ја призна македонската република и нација за своја. Но, по 1991 година, кога Грција го одрекуваше правото на Македонија да се нарекува Македонија, а Македонците да се нарекуваат Македонци, Бугарија можеше да ги придобие симпатиите на многу од нив. Нужен беше не „компромис“, а „катарзис“. Но, катарзис и кај нас! Фактот дека пред повеќе од сто години мнозинството од предците на денешните Македонци се определувале како Бугари е непроменлив факт, но Бугарија нема право на монопол над „сè што било бугарско”, во контекст на разбирањето од тоа време. Штом во Договорот од 2017 година пишува, дека имаме „заедничка историја“ која ги поврзува двете држави и нивните народи… тоа значи дека Македонците се легитимни сонаследници и на бугарското по карактер културно наследство, без тоа да го омаловажува нивниот идентитет и право на историски избор.

Македонскиот идентитет беше изграден врз основа на постоечкиот и на почетокот на 20 век македонски партикуларизам, разгледуван од мнозинството како внатрешен за општо-бугарскиот народ, кој во Бугарија на природен начин постепено ја губи својата сила, но кој надвор од Бугарија , како поради репресивната политика, така и поради искреното разочарување од политиката на Софија води кон формирање на нација. Колку побрзо овој процес биде осознат, толку побрзо ќе престанат катастрофите!
Новата влада треба без забавување да ги корегира политиките на Радев, на Каракачанов, Џамбазки и Костадинов! Не во име на некои „безродни вредности“, а на бугарскиот национален интерес!

Автор: Николаj Василев-член на раководството на БЗНС и потомок на Екатерина Симитчиева , бугарска учителка родена во Скопjе, деец на ВМОРО и борец за црковна независност во Македониjа

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO