Како што навлегуваме во временски цајтнот, очигледно е дека „уставни измени под бугарски диктат“, нема да има, доколку не се случи некое „чудо во 5 до 12“, а сепак чудата во Македонија се случувале.

Доколку по осумнаесет години од добивање на кандидатскиот статус за членка на ЕУ (2005), ние не ги започнеме европреговорите со ЕУ и конечно да тргнеме на патот кон трансформациско менување на сите општествени сфери на неподносливата ужасна леснотија на живеењето во „Северна“, а нашиот западен сосед Албанија ги започне и тргне сама на патот кон полноправно членство во Унијата, дефинитивно може последниот да го исклучи светлото во овој (полу)протекторат!

Што тоа значи и ќе значи? По сите економски мерливи и видливи параметри, Албанија од најзатворена и најсиромашна европска земја по падот на комунизмот, некаде пред повеќе од три децении, денеска е поперспективна од нас во секој домен: имаат 10 милиони туристи годишно, со што им дишат „во врат“ на една Грција, Хрватска или Бугарија, а се пред Црна Гора и Србија одамна. Ние во тој домен сме последни и позади Босна и Херцеговина и не постоиме. Имаат 1.4 милијарди евра странски директни инвестиции, ние имаме „едвај“ скоро 800 милиони, што значи се скоро дупло поуспешни од нас. Имаат развиена модерна автопатска поврзаност од Приштина до Тирана и Драч, и најавуваат градење на нов аеродром во Валона. Ние 76 години градиме автопатски патен правец Кичево- Охрид и се уште ни од далеку не му се гледа крајот.

Доколку Албанија ги започне преговорите , сетоа ова ќе се мултиплицира и ќе се динамизира, со што во перспектива Албанија ќе стане и во преносна, не само во географска смисла на зборот за нас „ЗАПАД“. Колку и да не му се верува некому на тоа. Веројатно и тоа е целта.

Од почетокот на употребеното вето од страна на Бугарија кон нас, постојано говорев дека ветото е продукт на српско-руски инсталации во Скопје и Софија, кои имаат за цел да ја дестабилизираат Македонија, по секој нејзин шав, додека Албанија да ги почне сама преговорите. Тоа да значи потенцијална имплозија, на меѓуетнички план, кога за етничките Албанци во Македонија, Албанија ќе стане не само етноматична земја, туку држава во која ќе ја гледаат својата иднина, односно Македонија ќе им биде „Молдавија на Балканот-последната дупка без никаков просперитет на никое поле“. Тоа подземните „стратези“ и кукловоди од подземен Белград и Кремљ со нивните екстензии во Скопје и Софија многу добро го разбираат и на тоа работат со години, ако не и со децении да го реализираат. Не сакам да верувам дека опозицијата , целосната или големи делови од неа е директен (со)учесник во овој „мастер“ план за останување на Македонија како „последната караула на српскиот свет“ кај нас. Но, оската на делување е таа: Москва (Кремљ)-Будимпешта- Белград со нивните пипци во Скопје и Софија. Огромна ,ако не и целосна вина за ваквата пат ситуација во која се наоѓаме денес како држава , што би се рекло во целосен ќорсокак без излез, наоѓам во беневолентноста и незаинтерисираноста на самата Европска Унија, која не само што ја натера Македонија да прифати болни , речиси невозможни компромиси за нејзино напредување во евроатланските интеграции ( промена на името за севкупна употреба со Преспанскиот договор, рамка, читај (стапица) за уредување на односите со Бугарија преку преговарачката рамка), и пак и пак се однесува ноншалантно со евробирократска крутост и суровост.

На целата оваа несреќа во која се наоаѓаме, кога ниту ЕУ нема никакви сериозни намери кон нас, а подземните чакали околу нас работат во полна пареа на наше имплодирање и парализирање и претворање во „faild state“ држава во содејство со просрпските и проруските елементи во нашата домашна политичка елита, единствено што ми дава зрак надеж е заинтересираноста на американската надворешна дипломатија, дека по секоја цена на фонот на бестијалната руска воена агресија во Украина, се решени ние да бидеме заокружени политички, економски, идеолошки историски и географски како дел од западниот мозаик на светската архитектура со целосно чистење на метастазираните канцерогени клетки на српството, а во суштина русизмот во македонскиот државен и општествен организам.

Борбата ќе биде мачна и неизвесна до крај. Следиме да видиме што ќе се случува. Да се надеваме на победа, бидејќи секој друг исход за Македонија е рамен на тој од 10. август 1913-та во Букурешт!

ФБ статус на Благојче Атанасоски

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO