СДСМ го поздрави епилогот од вчерашната лидерска средба.

-Повторно покажавме државнички капацитет и уште еднаш потврдивме дека иднината на граѓаните и интересот на државата се на прво место. Затоа и предложивме обединување околу европскиот концепт, ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи во обединета Влада за европска интеграција на паритетна основа, велат од владеачката партија.

Од „Бихаќка“ го поздравуваат тоа што ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени.

-Дијалогот треба да продолжи за на крајот сите да изградиме заеднички став дека за земјава е најдобро да биде интегрирана во ЕУ. Одлуката за ЕУ треба да е заедничка, затоа и повикуваме на обединување околу стратешкиот правец на земјата, за обезбедување европска иднина и исполнување на уште една стратешка цел, членство во ЕУ. Македонскиот јазик и идентитет се заштитени, нагласија од СДСМ преку соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека понудиле победничка опција и Македонија во ЕУ и зачуван идентитет, а како што велат, на Ковачевски поважно му е ДУИ да не биде опозиција, отколку Македонија да оди напред.

-Претседателот Мицкоски даде 3 можни датуми за избори на есен, по кои ВМРО-ДПМНЕ како победник е спремен да формира влада со сите партии освен со ДУИ, која ќе биде влада на широко национално единство, истакнаа меѓу другото од „Белата палата“.

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO