Европскиот парламент им препорача на повисоките тела на Европска Унија да бидат резервирани кон иницијативата Отворен Балкан, што ја покренаа политичките лидери на Србија, Албанија и Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

На европските претставници им се препорачува „да изразат силна резервираност во однос на секоја иницијатива за регионална економска соработка која не ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан и не се заснова на правилата на ЕУ, како што е иницијативата Отворен Балкан“.

Ова е уште една замерка што европските парламентарци ја имаат до Србија, освен повикот за продолжување на пристапните преговори со Србија само доколку земјата се усогласи со санкциите на ЕУ кон Русија и постигне значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ, како и повикот Србија да се усогласи со рестриктивните мерки и општата политика кон Русија, покаже напредок во демократијата и владеењето на правото и ги прифати вредностите и приоритетите на ЕУ, но и да се преиспитаат сите средства на ЕУ наменети за Србија, пишува „Данас“.

Софија Поповиќ од порталот „Јуропиан вестерн Балканс“ (European Western Balkans) за „Данас“ изјави дека задршката кон Отворениот Балкан не е изненадување, со оглед на тоа што другите европски институции постојано повторуваат дека регионалните иницијативи мора да бидат инклузивни и прилагодени според европските правила.

-Тоа му недостигаше на Отворениот Балкан од почетокот, имајќи предвид дека некои земји во регионот од различни причини се скептични за намерите на лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија. Оваа формулација го отсликува она што долго време го кажуваат другите функционери на Европска комисија или земјите-членки, само завиткано во дипломатски речник, посочи Поповиќ.

Таа додаде дека наспроти резервите во однос на Отворениот Балкан, членовите на ЕП недвосмислено го поддржаа потпишувањето на договорот во рамките на Берлинскиот процес на почетокот на ноември како чекор напред кон создавање на Заеднички регионален пазар, што имплицира исто како и ОБ, само инклузивно и без дилема дека ќе биде според европските правила.

Ќе биде интересно како ќе егзистира Отворен Балкан како иницијатива доколку другите институции во иднина на сличен начин дадат поддршка на Заеднички регионален пазар во однос на ОБ, заклучи Поповиќ.

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO