Во 1990-тите го нарекуваа „бугараш“, а тој противниците „србомани“. Триесет години подоцна е во коалиција со наследниците на некогашниот Сојуз на комунистите, а, според новите критериуми на неговите некогашни сопартијци, би влегол во категоријата „предавник“, иако, за волја на вистината, голем дел од нив немаат храброст тоа гласно да го изговорат.

„Кога ќе се потсетам на раните 90-ти години, таквите етикетирања беа со висока фреквенција. Сега етикетирањата се враќаат со истата сила“, ни вели Љубчо Георгиевски, алудирајќи на сегашните поделби…

Со некогашниот премиер и основач на ВМРО-ДПМНЕ, а денес лидер на ВМРО-Народна, која е во коалиција со владејачкиот СДСМ, разговаравме за проблемите што произлегуваат во релациите со источниот сосед, за состојбите и тука и таму, за отпорот во македонската интелектуална елита што се рефлектира на целото општество, за препораките на историската комисија и линиите на поделбата.

Денес ги смета за погрешни реакциите и етикетирањата што беа содржани и во неговите изјави од тоа време, и во ставовите на неговата партија за некои прашања од минатото, како на пример промената на знамето во 1993 година или, пак, протестите против учењето на албански јазик. Но, за жал, станува збор за грешка што се повторува, смета тој.

„Мајстори сме и денес од ништо да направиме национални трагедии. На истиот начин сега ова го правиме со Бугарија“.

Неотворените прашања на македонската историографија

Љубчо Георгиевски важи за политичар што многу зборува за историјата. Особено за онаа со Бугарија, за која често нагласува дека не е докрај расчистена.

Дел од борбата за демократијата во 1990-тите, кога се уриваше комунистичкиот свет не само во Македонија и во Југославија, туку и во целата источна Европа, беше и за ревидирање на историските теми, кои беа затворени од комунистичките системи.

И додека тоа е тема во многу посткомунистички земји, Македонија успева 30 години да не отвори ниту едно прашање.

„Дури и југословенскиот Титов систем не сме подготвени да го ревидираме и да дискутираме за него“, вели и посочува на АСНОМ, како на едно од неодговорените прашања на историографијата

„Ние се колнеме во АСНОМ, а освен Ченто, никој друг не е рехабилитиран. Ние не ни ги знаеме луѓето што биле на АСНОМ, па потоа се затворани“, вели тој и додава дека речиси две третини од учесниците на првото заседание „избегале во Бугарија или се затворени“.

Целото интервју на Љубчо Георгиевски за ПРИЗМА може да ги прочитате ТУКА

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO