Србија си наштети многу со војните при распадот на Југославија и со својата тврда непопустливост по клучни проблеми на меѓународните односи во Европа и на Балканот. Но, за разлика од нас, Србија сочува ефективна и компетентна државност, наследена од владеењето на „последниот Хабсбург“ – Јосип Броз Тито. (ние и до сега се мачиме да излеземе од блатото на еден постсоветски бантустан.) Од Србија може да очекувате радикално националистичко – до степен на шовинистичко однесување, но не можете да очекувате Министерството за надворешни работи во Белград да излезе со малоумна декларација, од текстот на која станува јасно, дека оваа институција се раководи од луѓе, кои не знаат што е јазик, не знаат што е суверенитет, ниту знаат што е држава.

Кога Југославија се распадна во крвави војни во 90-тите, бившите републики кои стекнаа суверенитет се зафатија со две работи, традиционално најважни на Балканот. Прво, да ја пренапишат својата национална историја и, второ, да воспостават свој службен јазик преку кој ќе го отфрлат единствениот српско-хрватски јазик што беше практикуван во Титова Југославија. Хрватска официјално создаде хрватски јазик и во текот на три децении вложуваше устремени усилби да го одвои и разграничи што е можно повеќе од јазикот на своите соседи. Исто направија и босанците-муслимани, интегрирајќи во својот официјален јазик голем број зборови од блискоисточно потекло кои преку исламот влегле во минатото или сегашноста. Дури и Црногорците прават систематски усилби да ја разграничат својата официјална јазична норма од српскиот, со што да ја потрепат својата независност.

Во Белград, уште од 90-тите, реагираат на овие јазични усилби со благосклоност и многубројни вицови. Но, не можете да најдете ниту еден официјален политички документ, во кој суштествувањето на овие новопојавени соседни јазици, да се одрекува или проблематизира. Се разбира, во САНУ (Српската академија на науките и уметностите), на универзитетите и во специјализираните академски заедници на лингвисти и литератори, овие соседни јазици не се признаваат – тие продолжуваат да се сметаат за официјални локални јазични норми на српско-хрватскиот јазик. Но, српската држава ниту го проблематизира ова прашање, ниту го користи во меѓудржавните односи со земјите од поранешна Југославија како аргумент. Зошто?

Затоа што компетентниот политичар, дипломат и администратор знае што е држава и кои се нејзините прерогативи. Ако го признавате суверенитетот на една држава, вие го признавате нејзиното право да диктира со определен опсег на појави, процеси, воопшто – реалности поврзани со суштествувањето на нејзината територија и луѓето, што ја населуваат во својството на национална заедница. Дел од овие суверени права е формирањето на официјална јазична норма на државата.

Ова е логиката според која во 1999 и 2017 година беше потпишана билатерална декларација и билатерален договор меѓу Република Бугарија и Република Македонија „на бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија и на македонски јазик според Уставот на Република Македонија“. Спомнувањето на уставите не е задолжително – се подразбира, но во нашиот случај тоа беше направено за да нема никакви сомневања, дека ние во пракса го признаваме правото на Република Македонија да воспоставува свој официјален јазик, но на содржински план ние го задржуваме нашето убедување дека тоа е „втора литературна норма“ на бугарскиот јазик. Толку – ни збор повеќе! Лингвистите во БАН разговараат и ја утврдуваат припадноста на македонскиот јазик кон бугарскиот, на „Пиротска“ запашуваат јуначки појаси и пијат руjно вино, а во Скопје и во останатиот дел од Република Македонија си зборуваат на тој официјален јазик, кој е утврден од нивната суверена држава. Држава, која Бугарија ја призна прва. И со тоа ѝ ги призна сите права што произлегуваат од нејзиниот суверенитет.

Ако прашате Србин дали има хрватски или босански, тој ќе се исмее. Српската држава не си прави проблеми од тоа. Сигурно има поважна работа.
Останатото се лакрдии и декларации на малоумни чиновници, издигнати до врвовите, што ја срамат Бугарија како народ и како држава.

Огнјан Минчев-бугарски политиколог, доктор по социолошки науки

Може да jа лаjкнете ФБ страницата на ТАТКОВИНА тука


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO