Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан по повод потпишување на договори за изградба на железничката пруга за прва и втора фаза на Коридор 8 и реконструкција на железничката пруга на Коридор 10.

На потпишувањето на договорите присуствуваа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи министрите за финансии Фатмир Бесими и за транспорт и врски Благој Бочварски, како и претставници на компаниите „Саваж”, „Штрабаг”, „Ѓулермак” и „МТВ” и од Делегацијата на ЕУ и ЕБОР.

-Ми претставува огромна чест и задоволство што со потпишувањето на денешните договори меѓу ЈП ЖРСМ и фирмите изведувачи започнуваме еден мошне важен процес на ревитализација на неколку клучни делници со вкупна должина од 96 километри, по кои непречено и ефикасно ќе се одвива железничкиот сообраќај во земјава, а кој ќе придонесе за забрзан регионален и економски развој. Станува збор за инвестиција од 200 милиони евра во која се планирани ревитализација на Коридорот 8 на делницата Куманово – Бељаковце, делницата Бељаковце – Крива Паланка, како и ремонт на делницата Ногаевци – Неготино на Коридорот 10, истакна премиерот.

Според Ковачевски, градежните зафати кои ја опфаќаат ревитализацијата покрај подобрување на техничките карактеристики на пругата, ќе обезбедат целосно модернизирање по европски стандарди преку изградба на нови мостови, поставување безбедносни бариери и заштита од врева и вибрации, поставување на нови сигнално сигурносни уреди, изградба на нови железнички станици.

-Ова е последниот од неколкуте големи инфраструктурни проекти со кои се заокружува идејата за Северна Македонија како раскрсница на Балканот, а кој ќе овозможи регионално поврзување и интеграција на Република Северна Македонија во европските железнички коридори, рече премиерот и додаде:

-Со рехабилитациските зафати на Коридорот 8 по речиси 30 години, железничката пруга која ја поврзува Република Северна Македонија со Република Бугарија станува реалност. Овој проект ќе биде од пошироко значење и за стопанството, за бизнисот но и влог во европската агенда за функционално железничко поврзување на целиот регион. За крај, навистина сум задоволен што овој проект доаѓа веднаш по вчерашниот историски ден за Република Северна Македонија. Ова, како што кажав е практична имплементација на добрососедски политики, и е добар патоказ во која насока треба да се движат работите и на политички и на економски план, кажа Ковачевски во своето обраќање.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO