До Владата преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите јавно изнесени позиции и ставови, соопшти денеска владината Прес-служба.

– Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата, се наведува во соопштението.

Од Владата посочуваат дека како и што ветија „одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани“.

– Сакаме да упатиме благодарност до претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот, се додава во владиното соопштение.

Пред малку на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.

– За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите, изјави Макрон.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.

– Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од мин атото, потенцира Макрон.

 

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO