Фото: Роjтерс

Полска не ја исклучува можноста за затворање на границата со Белорусија поради мигрантската криза, изјави полскиот премиер Матеуш Моравјецки по средбата со естонската премиерка Каја Калас во Талин.

ʺРазмислуваме чекори во однос на посериозни економски санкции, вклучително и затворање на полско-белоруската граница од страна на Полска“, прецизира Моравјецки.

Во моментов, Полска затвори само еден патен граничен премин – Кузница.

ʺПодготвени сме да го примениме овој чекор на ескалација, односно затворање на други премини, затворање на транзитните и трговските можности за да извршиме економски притисок врз режимот на Лукашенко“, додаде тој.

Во исто време, полскиот премиер се надева дека белоруските власти ќе ја решат кризата со испраќање на мигрантите дома.

ʺСакаме да му дадеме на (претседателот на Белорусија Александар) Лукашенко шанса да направи чекор назад и да ги врати мигрантите во нивните земји на потекло. Прво го затворивме преминот во Кузница“, додаде тој.

Мигрантската криза на границата на Белорусија со Летонија, Литванија и Полска, каде што мигрантите се упатуваат од почетокот на годинава, се засили на 8 ноември. Неколку илјади мигранти стигнаа до белоруско-полската граница и не ја напуштаат граничната зона. Некои од нив се обиделе да влезат во Полска кршејќи ја оградата од бодликава жица.

Земјите од Европската унија го обвинуваат Минск за намерно ескалирање на кризата и повикуваат на санкции.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко смета дека за ваквата состојба се виновни самите западни земји поради чии постапки луѓето бегаат од војната.

Неодамна, Литванија, Летонија и Полска известуваат за зголемување на бројот на приведени илегални мигранти од земјите на Блискиот Исток и Африка на границата со Белорусија и го обвинуваат Минск за создавање мигрантска криза. Минск ги отфрла сите обвиненија.

Лукашенко изјави дека Минск повеќе нема да го спречува приливот на илегални мигранти во земјите на ЕУ, откако поради санкциите на Западот, за тоа нема ниту пари, ниту сила.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO