Западните сили подготвуваат санкции за сепаратистичките аспирации кои можат да ја поделат Босна и Херцеговина и да предизвикаат нов конфликт на Балканот, пишува лондонскиот весник „Тајмс“ во текст за кризата во БиХ.

Според текстот на авторот Бруно Вотерфилд, дипломатски извори тврдат дека САД и Велика Британија работат на нови мерки за казнување на националистичкиот лидер Милорад Додик, а Германија ја предводи Европската унија да го направи истото.

ʺАмериканските и европските влади стравуваат дека распадот на Босна ќе биде уште еден удар за Западот по распадот на авганистанската влада што ја поддржуваше, и дека тоа ќе биде од корист за растечкото кинеско и руско влијание. Сепак, западните санкции, чија цел е да го спречат отцепувањето на Додик од мултиетничката држава, претставуваат стратегија со висок ризик што може да доведе до распаѓање на земјата“, се вели во текстот.

Подоцна овој месец, министрите за надворешни работи на НАТО ќе разговараат за плановите за нови воени „стабилизациони сили“ доколку санкциите предизвикаат отцепување.

Како што се наведува во текстот, лидерот на БХ. од ентитетот Република Српска му порачал на Габриел Ескобар, специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, да „престанат да му се закануваат“ доколку сакаат да разговараат со него.

ʺТајмс“, исто така, објаснува како Додик се заканувал дека ќе создаде паралелни институции, вклучително и војска, и дека ќе ја милитаризира полицијата на РС за да добие нови српски вооружени сили. Тој исто така предупреди дека на интервенцијата на Западот и НАТО ќе се спротивстави неговиот „пријател“, мислејќи на Русија.

Германска и британска поддршка за санкции

ʺЕвропските влади се поделени околу санкциите, а на германската иницијатива за мерки се противи Жозеп Борел, шефот на дипломатијата на ЕУ. Хеико Маас, германскиот министер за надворешни работи, рече дека Берлин бара „индивидуални мерки против оние кои го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на земјата“, пишува Тајмс.

Германскиот висок претставник во БиХ, Кристијан Шмит, исто така, ги предупреди ОН дека постои голема опасност од нов конфликт во БиХ.

Авторот пишува дека, според извори, Британија им се приклучила на САД минатиот месец во санкциите „против корупцијата во Босна“ и дека е подготвена да поддржи нови мерки насочени против „дестабилизирачките активности“, како што се потезите на Додик.

Оваа недела, британскиот министер Џејмс Клеверли рече дека Британија ќе го покрене прашањето за „идна стабилизација на воените сили“ во БиХ на следниот состанок на НАТО во Рига на 30-ти ноември.

ʺТука гледаме руска рака и треба да работиме со Шмит и нашите меѓународни партнери за да се осигураме дека нема фрагментација“, им рече тој на членовите на парламентот во вторникот.

Европските дипломати ги опишуваат разговорите за „потенцијалните санкции“ како „многу чувствителни“ и се очекува поделбите да доминираат во разговорите за Балканот за време на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во понеделник.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO