Во Рим се одржа општо-национален митинг против фашизмот организиран од сите синдикати. Поводот – пред една седмица екстремно десничарската партија ʺФорца Нуова“ упадна во зградата на најголемиот синдикат CGIL и предизвика штета. Лидерите на партијата се во затвор.

Близу 100.000 луѓе од цела Италија го исполниа плоштадот ʺСан Џованиʺ во Рим со извици и пароли „Не на фашизмот и насилството во име на трудот и демократијата“.

Освен лидерите на трите основни синдикати CGIL, CISL и UIL Маурицио Ландини, Луиџи Збара и Пјер Паоло Бомбардиери, на настанот присуствуваа десетици здруженија, движења и политички партии како Демократската партија со нејзиниот лидер и поранешен премиер Енрико Лета, како и лидерот на „Пет sвезди“ Џузепе Конте заедно со министерот за надворешни работи од истата партија Луиџи Ди Мајо, како и претставници на други партии од левиот центар.

ʺОва е голема празник на демократијата без политичка боја“, кажа Џузепе Конте.

Претседателот на најголемиот синдикат, CGIL, Маурицио Ландини, истакна дека ʺтреба да се изгради континентална антифашистичка и демократска мрежа, бидејќи демократијата не се извезува со војни, а преку труд и права“.

Тој нагласи дека ʺмитингот ја претставува цела Италија, која сака да ја промени земјата, да го запре политичкото насилство што го засега целото општество“. Настанот заврши со песните „Bella ciao“ и „Heroes“ од Дејвид Боуви.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO