Билатералниот спор меѓу Софија и Скопје ги фрли во сенка можностите за соработка. Размената оди по надолна линија, единствено културата цврсто ги крепи мостовите, пишува Катерина Блажевска за ДВ.

За првпат во современата историја на Бугарија од 1989 година до денес, претседателот на државата назначува трета по ред последователна службена влада. Во онаа што денес ќе стапи на функција, останува составот од претходната, а има промена на министрите само во три ресори: финансии, економија и транспорт. Неможноста на Бугарија по два изборни циклуси да формира влада и нужноста да оди на трети избори, ги закочи и шансите на Северна Македонија низ фреквентен политички дијалогда почне да ги решава спорните прашања поради кои Софија лани во ноември го блокираше почетокот на македонските преговори со ЕУ. Бидејќи изборните процеси во Бугарија ја одбележаа целата тековна година, контактите на двете земји на политичко, експертско и техничко ниво имаа намален обем.

Тежиштето врз надворешната политика

Што го одбележа периодот по бугарското вето до денес на релација Софија- Скопје? Ако се следи вордингот на премиерот на привремената влада, Стефан Јанев, во неговиот премиерски отчет за сработеното до вчера Северна Македонија фигурира само во еден контекст: како држава од која Софија успеала да го заштити бугарскиот национален интерес во надворешната политика.

ʺДемонстриравме дијалог. Направивме се што е потребно. Ја аргументиравме нашата позиција пред нашите европски партнери, дека овој тип на однесување се заснова на принципиелна позиција, бидејќи зборуваме за нашето заедничко европско семејство. Кабинетот достојно го заштити националниот интерес на Бугарија и претпоставувам дека во наредните месеци следниот кабинет ќе има слично однесување“, реферираше техничкиот премиер.

Северна Македонија се спомнува и во отчетот на министерот за здравство, Стојчо Кацаров, но само по повод бугарската донација на 51.000 вакцини, како процес кој е „во тек“. Ратификацијата на одлуката за донирање вакцини е и една од малкуте одлуки на 46-тото Народно собрание, кое вчера го имаше последниот работен ден. Но, и единствената пофалба за Скопје, дојде токму на тема вакцини, од страна на главниот државен здравствен инспектор, д-р Ангел Кунчев во интервју за БНТ.

ʺАко продолжиме да се однесуваме како идиоти во Европа, ќе си ги погодиме економијата и туризмот. Никој нема да сака да дојде во Бугарија ако ги држиме вакцинираните под 20%. Во Северна Македонија вакцинацијата започна еден и пол месец подоцна од Бугарија, и тоа со вакцини од донации, а сега има 35% вакцинирани, додека ние имаме 19%“, спореди Кунчев.

Бизнисот во сенка на политиката

Дали политиката, справувањето со ковид-кризата и рестрикциите кои се одразија на транспортот, движењето и размената, навистина ги покрија другите можности за соработка? Ако ги прашате бизнисмените, тоа не е далеку од вистината.

ʺСе покажа дека политиката има влијание врз бизнисот и намалувањето на размената меѓу двете држави“, вели Зоре Темелковски, почесен претседател на Македонско-бугарската стопанска комора.

ʺВо првата година по потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка, работите тргнаа по нагорна линија и има голем број на наши компании кои инвестираа во Бугарија (Витаминка, Кам маркети, Адинг…) како и бугарски инвестиции кај нас. Но, поради ковид-кризата а потоа и поради бугарската блокада, таквото темпо не продолжи. Не се изгуби, но се разниша довербата, се направи изолација и тежиштето од сферата на бизнисот се префрли во сферата на политиката. Политичарите со нивни изјави го зазедоа медиумскиот простор. Се вративме назад, наместо да одиме напред“, вели Темелковски.

Ако се цени според реакциите во бугарската јавност, таму односите меѓу двете земји најмногу се „читаат“ низ неколку изолирани инциденти. Станува збор за случаи на симнување бугарско знаме, оштетување на споменикот подигнат во сеќавање на 15-те бугарски туристи кои животот го загубија во 2009 година кога потона бродот „Илинден“, или запрената пратка на бугарски книги (поради недостиг на соодветна документација), која подоцна беше овозможена. Иако станува збор за изолирани случаи за кои македонските надлежни институции веднаш презедоа соодветни мерки, остана обидот тие примери да се генерализираат како „говор на омраза“ и спротивни на добрососедските односи.

Од друга страна, Бугарија е единствената земја што го блокира потпишувањето на договорот за управување со границите помеѓу Северна Македонија и европската служба Фронтекс, а единствената пречка за потпишување на договорот е спомнувањето на македонскиот јазик. Македонската Влада во јуни 2018 година го усвои текстот на Договорот со Европската унија, со кој се регулира статусот на пограничните служби и соработката со европските погранични органи – Фронтекс. Поради бугарското противење, и по три години тој договор до денес не е финализиран, потврдуваат од македонските надлежни институции.

Културната соработка во нагорна линија

И додека на тој начин пред македонскиот јазик е ставена „бодликава жица“, сепак најголем обем на соработка има токму во областа на културата. Доволно е да се посети веб-страницата на Културно информативниот центар (КИЦ) на РСМ во Софија, за да се види фреквентноста од активности што ги реализира оваа институција. Тие не можат да се набројат во неколку реда, а уште помалку да се отслика важноста што ја имаат во поврзувањето меѓу творците и уметниците од двете земји. На почетоков од септември во галеријата на Националната уметничка академија во Софија беше поставена фото-изложбата „Таму“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Претходно во галеријата на КИЦ изложба на скулптури имаше Слободан Милошески, но и голем број други автори, а како дел од проектот „Поврзување“, македонски и бугарски сликари има изложби во Куманово и Созопол. Меѓу бројните активности се проекции на два македонски филма во Бургас, претставата „Утерус“ по текст на Дејан Дуковски, голем број концерти, средби на македонски и бугарски поети, промоции на книги… Не станува збор само за настани од почетокот на годинава, туку за соработка која успешно и континурано трае и во изминатите години.

 

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO