После убиството на Тодор Александров, десницата на ВМРО не може да се соземе од таа загуба на легендарниот деец и војвода и започнува да ги бара виновниците за тоа грозоморно убиство, без разлика дали учествувале директно или индиректно.

Иван Михајлов седнува на престолот на ВМРО и веднаш се впушта во потрага по виновниците, а тие се меѓу дејците од левата страна на ВМРО, т.е. од левицата.

На страната на десното крило, покрај Михајлов застануваат Наум Томалевски, Кирил Прличев, Петар Шанданов, Кирил Дрангов, Панчо Михајлов, Асен Даскалов, Јордан Ѓурков и други.

После неколку извештаи и истраги од страна на Михајлов и соработниците, Георги Занков и Арсени Јовков се најдени како едни од виновниците, кои потпомогнале во убиството на Тодор Александров и секако, според законот на ВМРО, следува смртна казна, но тоа не е така лесно остварливо.

Во македонската историографија недоволно се објаснети Горноџумајските пресметки и како и зашто дошло воопшто до тие пресметки, а се „фрлени“ само некои штури информации, или во превод, дека се бореле „добрите против лошите“, а не дека всушност тоа било идеолошка пресметка меѓу собраќа, но со различни политички уверувања и размислувања.

Алеко Василев е роден во Долна Џумаја, денеска во Грција, со друго име. Ираклија. Учи во Серското бугарско педагошко училиште, кое го напушта во 1906 година и до Балканската војна е егзархиски учител во село Куприја, Серско. Приврзаник и верен соработник на крилото на Јане Сандански во ВМОРО, каде што и двајцата носат исти прекари – Паша.

За време на Балканската војна е во четата на Сандански, која ги потпомага дејствијата на Седмата рилска дивизија, а после Меѓусојузничката војна се населува во Петрич и во 1914 година станува началник на локалната полиција. За време на Првата светска војна е командир на партизански одред во Единаесеттата македонска дивизија, а во 1917 – 1918 година е на служба во Дирекцијата за стопански грижи и општествена предвидливост при генералот Александар Протогеров.

После војната во Пиринска Македонија создава воена организација, која од почетокот на 1920 година влегува во возобновената ВМРО. Алеко е петрички окружен војвода и полномошник на Централниот комитет на ВМРО за Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ.

Алеко Василев – Пашата заедно со генерал Александар Протогеров се посочени како главните виновници и организатори за убиството на Тодор Александров од страна на Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, исто така приврзаници на левото крило во ВМРО и блиски соработници на Алеко Пашата.

Тие веднаш после извршувањето на наредбата за убиството на  Александров се во бегство, но тоа ќе биде само до Горноџумајските пресметки.

Петар Шанданов е еден од главните протагонисти на десницата во Горноџумајските пресметки, каде што ја предводи десницата во одлучна борба против левото крило на ВМРО и одмазда за Старио. (види спомени на Шанданов)

Роден во Охрид на 4 јули 1895 година, Шанданов е резервен член на ЦК на ВМРО, а после смртта на Протогеров го презема раководството на „протогеровистите“, кои од 1930 година стануваат познати како „шандановисти.“

Шанданов расте во Охрид, во сиромашно семејство кое се занимава со риболов. Завршува основно образование во Охрид, а после тоа завршува во битолската бугарска гимназија, каде што во 1912 година се приклучува на ВМОРО.

Доброволец е во балканската војна во Македоно – Одринското ополчение. Поради пројавена храброст е награден со орден „за храброст“ од четврти степен.

Потоа, во 1913 година учествува во Охридско – Дебарското востание, каде што после тоа е уапсен и суден од српски суд, но ослободен е со помош на ВМОРО и преку Албанија се преселува во Бугарија.

Учествува и во Првата светска војна како офицерски кандидат во петтиот полк на Единаесеттата пешадиска македонска дивизија.

Како член на ВМРО, Петар Шанданов оддржува контакти со сите крила на македонското ослободително дело, но сепак најлојален е на идеите на изворното ВМРО. Влегува во Македонија во пролетта на 1922 година како војвода на чета заедно со Илија Кушев, а крај Патетино во јуни четите на Кушев, Шанданов и Лазар Дивљанец се пресметуваат од како претходно се предадени. Во таа битка Шанданов е тешко ранет и веднаш е пренесен во Бугарија на лечење. Таму прави обиди, но на крај неуспешни, за помирување на двете крила во ВМРО.

Застанува против Иван Михајлов во поглед на убиствата кои Михајлов ги нарачува, а се наменети за дејци наклонети на левото  крило, или пак, дејци кои не се во добри односи со Михајлов. Тука станува збор за Панчо Михајлов, Евтим Цеков и Димитар Аврамов.

Шанданов влегува во откриен конфликт со веќе тогашниот лидер на ВМРО и после тоа се припрема за едно патување низ Италија и Албанија, при кое прави обид да влезе во Западна Македонија, но е уапсен од албанските власти и вратен назад.

Нешто подоцна, со покровителство на Георги Поп Христо прават договараат средби меѓу Задграничното претставништво на ВМРО и Андреј Љапчев, на кои ја критикуваат владата за влошените односи со Албанија.

Да се вратиме на почеток, како дојде до Горноџумајските пресметки?

Имено, на 6 мај 1924 година во Виена после преговори за обединување во ВМРО, членовите на ВМРО Петар Чауев и Александар Протогеров го потпишуваат таканаречниот Мајски манифест за соработка со Коминтерната и за вклучувањето на македонското ослободително движење во единствен револуционерен фронт, а со тоа и еден единствен лидер на таа групација. Двајцата горенаведени членови на ЦК го потпишуваат тој манифест и од името на Тодор Александров, кој им дал полномоштво, но ги напушта преговорите за да отпатува за Лондон, на средби со државници по повод македонското прашање и решавање на истото.

Се е во ред се додека Тодор Александров не го чита манифестот повторно, и тој е различен за разлика од првобитната верзија. А тоа значи дека втората верзија на Манифестот е фалсификувана. Александров веднаш се обидува да го осуети неговото издавање, а во меѓувреме успева да го разубеди и Протогеров по што на 1 август 1924 година двајцата ги повлекуваат своите потписи, по што пропаѓа во вода планот на левото крило на ВМРО за тесна соработка со московската Коминтерна и заземање на ВМРО.

Но, за жал смртната пресуда е издадена за Тодор Александров од страна на левото крило, потпомогнато на секој начин од Коминтерната и од БКП во тоа време.

Денот е веќе 11 септември. Приквечерена. Георги Баждаров прима во својот дом во Софија тајни гости – Ванчо Михајлов и Петар Шанданов. При разговор меѓу тројцата, домаќинот брзо сфаќа каква е целта на таа полноќна средба. Да се убие и генерал Протогеров при казнувањето на приврзаниците на Алеко, по што, нервозен, мавнувајќи на масата вели „ Мене ќе ме слушате сега во ова меѓуцарство, па после правете што сакате. Нема потреба да се убива Протогеров, низ неговиот жив труп ќе поминам, за да ги казнам убијците!“

Во истото време 40 луѓе од верните соработници на Михајлов, натоварени се во камиони и маскирани како работници. Тргнуваат за Горна Џумаја, додека во меѓувреме, под раководството на бившиот пунктов началник на ВМРО во Горна Џумаја, Иван Караџов, е подготвена друга специјална казнена група, која ги блокира соседните улици на местото на средбата, во случај да бегаат приврзаниците на левото крило.

Доцна вечер е. 12 септември. Крвава драма се случува во Горна Џумаја, во хотелот „Париз“, дел од куќата на Панајот Рајнов. Првично во тој хотел е договорено собрание за помирување, но и за изнаоѓање на виновниците за убиството на Тодор Александров. Првично е да се подаде рака и да се смират страстите, да се соработува. Но загубата е преголема. Тодор Александров е загуба каква што не е дотогаш почуствувана во ВМРО.

Во собата спремна за собранието и дискусијата наместо да влезе Иван Михајлов, влегув казнената експедиција предводена од Кирил Дрангов, синот на Борис Дрангов. Тој веднаш им вели на останатите дека Михајлов е болен, но и во тројката од спротивната страна има шпиони, кои наговестиле дека рано утрото бил виден Михајлов како купува весници во Софија.

-Ние нема да оставиме едно момче да си подигрува со нас! – вреска Алеко Василев.

А тоа и се неговите последни зборови, пред Кирил Дрангов да го извади пиштолот и да го убие. Паѓа еден од главните протагонисти за убиството на Александров.

Престрелката започнува, во која паѓаат и Георги Атанасов заедно со уште 20 други луѓе на Алеко Пашата. Во хотелот, за време на подоцнежната истрага од страна на полицијата се пронајдени околу 150 куршуми. Поштеден е само Протогеров како единствен член на ЦК.

Во настанатата мешаница, револверите на Дрангов и Ѓурков се насочени кон генералот.

„Кажувај кој го уби Тодор?!?!“ – го прашува нервозниот Дрангов, сакајќи и него да го ликвидира заедно со останатите, но Кирил е вистински воин, кој е со ладна глава и размислува трезвено. Го повлекува револверот.

На 15 септември Протогеров лично ги одзема од Чаулев и Влахов претставничките полномоштва, кои пак, се обвинети како лица кои дејсвуваат при „виенската игра не на преговори, туку на сметки и итроштини.“

Таа цел била ВМРО да се претвори во „слепо орудие на Москва.“

Следниот ден, на траурното собирање пред софискиот храм „Света Недела“, Михајлов соопштува дека се ликвидирани во Припечене Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, физичките убијци на Тодор Александров, кои пак, откажувајќи да се предадат, од како претходно се обиколени од приврзаници на десницата, од четата на Малин Постоларски.

Едниот се самоубива со својот револвер во устата, додека другиот легнува на бомба.

Александар Протогеров е меѓу последните убиства во пресметката меѓу десното крило и левото крило на ВМРО, кој е застрелан на 7 јули 1928 година, во центарот на Софија.

„Паразитите на револуцијата“ – со овој наслов пловдивскиот весник „Борба“ ги разгледува Горноџумајските пресметки од 1932 година, а се мисли на протагонистите од левицата на ВМРО, Алеко Василев, Георги Занков, Димо Хаџидимов, Чудомир Кантарџиев, Георги Атанасов, Петар Чаулев, Александар Бујнов, Георги Скрижовски и останатите, кои директно, или во друг случај, индиректно, се вмешани во убиството на лидерот на ВМРО во тоа време и смел противник на левичарските идеи и убедувања во Организацијата, Тодор Александров.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO