1953 година умира Андон Лазов Јанев, нарекуван Ќосето или Велешанецот, револуционер, терорист, а подоцна војвода на Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација.

Андон Ќосето е роден во 1855 година во селото Голозинци, Велешко. До 16-годишна возраст се занимава со овчарство, заедно со своите двајца браќа и двете сестри. Откако неговиот татко бил уапсен и однесен во Солун, се преместуваат во Велес кај чичко му. Таму Андон убива виден Турчин и избегал во Солун, каде што се присоединува кон ВМОРО, при што на почетокот извршувал терористички задачи. Се запознава со Даме Груев и прима наредби директно од него. Потоа станува фајтонџија на д-р Христо Татарчев, со што ја прикрива неговата нелегална активност. Во тоа време, неговиот постар брат Никола пристигнува во Солун и се поставува во служба на турските власти. Андон Ќосето сам предлага да го убијат брат му за да не ја издаде организацијата како што и го прават. Учествува и во убиството на српскиот учител во Солун Илија Пејчиновски од Струга, извршено од Иванчо Карасулијата и Митре Дудуларски од Дудулари.

Во мај 1898 година по наредба на Даме Груев, заедно со Ицо Джорлев од Кукуш, потпомогнати од гевгелиските лидери на ВМОРО Аргир Манасиев, Илија Докторов и Иван Телјатинов го убиваат во Гевгелија пред очите на кајмакамот Влаот Христо Цицов (Цицо), истакнат водач на гркоманската партија во градот, доносник на властите. За кратко се враќа во Солун, но го напушта поради тоа што сериозно го бараат турските власти. Заедно со четата на Илија Крчовалијата и Михаил Апостолов – Попето собираат пари од првенците во селото Горно Броди, а потоа обиколуваат и во Кукушко. Таму Андон Ќосето, заедно со неколку соработници, одвлекува чорбаджиски син, за кој 25 дена подоцна ги добива бараните 1000 фунти. По несогласувања, неговата чета е уапсена во Бугарија. Гоце Делчев и Антон Бозуков го помагаат нивното ослободување. Престојува во Софија, каде извршува порачки на Гоце Делчев. Заедно со Гоце Делчев и Михаил Апостолов прават неуспешен обид да земат откуп за еден струмички бег.

По 1897 година организира заедно со Михаил Попето чета која оперирала во Кукушко, Дојранско, Гевгелиско, Поројско, Малешевско, Струмичко. По убиството на Стефан Михајљану и распострануваните гласини за престојна војна меѓу Бугарија и Романија заминуваат за Ќустендил и потоа за Софија. Таму го посетуваат претставништвото на револуционерната организација, каде што се среќаваат со Гоце Делчев, Борис Сарафов, Михаил Герџиков и други.

На 27 јуни 1901 година Андон Ќосето, заедно со неговиот секретар Ташко Мицев и четниците Христо Гонов Кјурјушев од Стојаково, Дино Крондирски, Кара Васил и Трајчо Шереметлијски од Шереметлија престојуваат во селото Калиново, Кукушко. Предадени се од Христо Пецков и на 28 јуни четата е опколена во куќата на дедо Дончо од војска од Дојран и Кукуш. Четата го пробива обрачот, но тешко ранетите во нозете Ташо Мицов и Христо Кјурјушев се враќаат во куќата и се борат цела ноќ и во текот на денот на 29 јуни, кога во 5 попладне војската ј запалува куќата и двајцата загинуваат. Турците даваат доста убиени војници, како и 5 лица башибозук, меѓу кои и субашијата од Чугунци Ешрев. Раководителот на калиновскиот комитет на ВМОРО Дино Панов Захов е принуден да стане нелегален во четата на Григор Тотев, а брат му Мицо – во четата на Андон Ќосето. На 20 октомври Дино Караколев од Драгомирци по наредба на Григор Тотев ја извршува смртната пресуда над предавникот Пецков.

До убиството на Михаил Апостолов во месец март 1902 година Андон Ќосето е војвода во Струмичко, а потоа во Кукушко. Уште од 1900 година одржува контакти со Јане Сандански, а во 1901 година заедно со него, Христо Чернопеев, Сава Михајлов, Крсто Асенов и Никола Дечев учествува во Аферата Мис Стоун. Во средината на 1902 година четата му е откриена од турски аскер во Струмичкото село Бориево, каде по тешки борби се повлекува. Следниот ден аскерот го опожарува селото, уапсени се десетици селани од него и почнува Бориевската афера.

За Илинденското востание на Андон Ќосето му е наредено заедно со Ѓорче Петров и Лука Иванов да води чета во Прилепско. Во село Тројаци води мала борба со турски аскер и потоа се разделува со Ѓорче Петров, Лука Иванов и Пере Тошев, и заминува за Велешко. На поаѓање од село Скачинци на 17 октомври Андон Ќосето со 30 лица четници се бори на „Клепата“ против 500 души аскер. Во грб на аскерот излегува Борис Сарафов со 70 души четници. Починуваат 4 души четници и 65 непријателски војници. СЕ измолкнуваат во текот на ноќта, а потоа двапати избегнуваат опсада на турски аскери. Од село Просениково се упатуваат кон границата и пристигнуваат во Ќустендил во средината на декември 1903 година.

По востанието ја спроведува организацијата и подготовката на селската милиција во Струмичко и Малешевско. Во овој период тој учествува и во работата на Серската група, но откако се разочарува од нејзината активност по неуспехот на Вториот Рилски општ конгрес (1905 година), се повлекува од активна револуционерна дејност. Поради претходна припадност кон Серската група, по убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов од Тодор Паница, во текот на неколку месеци е затворен, но поради застапништвото на ВМОРО е ослободен.

По започнувањето на Првата балканска војна во есента 1912 година Андон Ќосето заедно со Јонко Вапцаров, Георги Занков, Лазар Колчагов, Таско Кочерински, Михаил Чаков, Лазар Топалов, Стефан Чавдаров, Пејо Јаворов и други собираат чета, која е предводена од Христо Чернопеев. Заедно со 12-та рота од 27 чепински полк четата ја напаѓа Мехомија. Потоа Андон Ќосето служи во штабот на 13 Кукушка дружина.

По Балканските војни Андон Ќосето се населил во Горна Џумаја. На крајот на 1951 година југословенската влада внесува меморандум во ОН, во кој населението во Пиринска Македонија е прогласено за „југословенско малцинство“, прогонувано и тероризирано од властите во Софија. Истакнати стари македонски револуционери – Георги Попхристов, Андон Ќосето, Димитар Занешев, Лазар Томов, Александра Хаџидимова, сопругата на Васил Чакаларов Олга Чакаларова – се објавуваат во посебна декларација против југословенските претензии.

Андон Ќосето умира во 1953 година.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO