Тоа е името кое денеска сеуште е најоспорувано меѓу македонските историчари, но тој е забележан во светската историја како последниот лидер на историското ВМРО, сакале да го признаеме тоа или не, без разлика на неговата лична определба и народност. Народност која ја имале и сите останати дејци на Организацијата и нивните меѓусебни пресметки биле само и само поради идеолошки, а не поради национални разлики, како што денеска сеуште се мисли и предава.

Иван Михајлов е роден во штипско Ново Село на 26 август 1896 година. Ново Село ги има дадено и Тодор Александров, Михаил Развигоров, Тодор Лазаров, Ефрем Чучков и други познати и помалку познати дејци и просветители на Организацијата.

Се има школувано во Штип, Солун и Скопје и уште како млад човек покажува симпатии кон дејноста и работата на ВМРО, по што се вклучува во нејзините редови како секретар на тогашниот лидер на ВМРО Тодор Александров, со кого се познаваат од порано.

Еден е и од основачите и прв претседател на студентското друштво „Вардар“, заедно со Крсто Велјанов, Јордан Чкатров, Илија Кушев и Љубомир Весов. Последните двајца се ликвидирани од страна на српската војска, заедно со уште многу дејци на славната ВМРО, заколнати во својот живот, да се борат до последен здив против српската тиранија и хегемонизам.

Роден во семејството Гаврилови, мајка му се викала Костадина, а татко му Мише/Михаил Гаврилов, кој бил доста познат трговец во Штип.

До првиот клас учел во новоселското училиште, а во 1907 година татко му пребегува во Бугарија по нелегален пат, поради заловувањето на едно писмо, потпишано од околу 50 души видни штипски граѓани. Меѓу тие потписници бил и таткото на Иван, а писмото е испратено до војводата Ефрем Чучков. По пребегувањето во Бугарија, Иван во Софија го завршува и вториот клас, но доаѓа „Хуриетот“. Се враќаат со татка си во Македонија и во родниот крај го завршува третиот клас.

Потоа во Солун Михајлов учи три години и завршува шести клас. За време на летниот распуст се враќа во родниот град, каде што многумина од неговите другари во револуционерната организација му биле соученици во Солунската гимназија.

Во трите години на бугарското присуство во Македонија, од 1915  до 1918 година Михајлов е во Штип. Кон крајот на европската војна е земен како војник во бугарската армија и тоа во четвртиот артилериски полк во Софија, а потоа се запишува како студент на Софискиот универзитет. Таму се зближува со својот познат сограѓанин Тодор Александров, со кого од 1918 година, па се до неговат смрт е во најблиска врска и соработка.

Од средината на 1922 година до средината на 1923 година имал расправија со фронтот на таканаречените федералисти во Бугарија. За тоа време е гонет од  режимот на Стамболиски и непрестано се криел.

Во февруари 1925 година е избран во ЦК на ВМРО.

Татко му и неговиот постар брат во меѓувреме, се ликвидирани од страна на српската жандармерија во Ново Село.

Во неговата книга „Спомени II – Ослободителна борба 1919 – 1924 г.“ Тој пишува за основањето на студентското друштво „Вардар“.

Тој вели вака, цитираме:

„Во Софија имаше доста студенти од Македонија, постоеше и организирана група. Но при зааедничката безпатица после изгубената војна се беше појавиле многу струи меѓу неа. Собранијата на таа група се развиваа при непрестани спорови, шумови и навреди. Бев изненаден кога слушнав во такво едно собрание еден „оратор“, кој ја имаше заземено катедрата на неколку минути, да не убедува, дека се било веќе завршено со Македонија, дека требало да ја заборавиме. Радост изразуваа неговите очи, тонот и неговите гестови. Некои ми кажаа, дека тој велешанец не е студент, а си набавил студентска книшка само за да пречи на една правилна работа во друштвото; а други тврдеа, дека бил во врски со српската легација. Малку остана да се скршат глави во собранијата.

Многумина студенти не знаеја што точно сакаат. Повлијаени беа од бранот на незадоволство и очај, кој навлекуваше голем дел од бугарското општество. Неколку души студенти се јавуваа како истомисленици на опозицијата, која се беше појавила меѓу македонската емиграција. Ѓорче одржа еднаш беседа пред студентите. Говореше за основањето на ВМРО, за Делчев, за идеите на првите македонски борци при турското ропство. Беше доста претпазлив; не се впушти во критика спрема никого. Но самото негово јавување во аудиториумот на универзитетот ја издаваше неговата намера да го воодушеви студентството.

Тој сепак, како што кажав, говореше тогаш на разни јазици. Не можеше ни да се мисли за единство. Ете зашто неколку души другари решивме да биде одречена старата група и да се создаде ново друштво, во кое ќе членуваат само идејно одбрани луѓе. Тоа беше иницијативата за појавувањето на друштвото „Вардар“. Главни негови создавачи бевме Крсто Велјанов од Крушево, Јордан Чкатров од Прилеп и јас. Тоа броеше на почетокот кон триесет души. Започнавме да го издаваме списанието „Илинден“. Првиот број беше издаден од пријатели печатари на кредит. Се обративме до наши општественици и до туѓинци – стари пријатели на македонската кауза, кои се одзваа сочуствено со писма или статии. Сами го распространувавме списанието, посетувајќи продавници и куќи на македонци. Во неколкуте броеви се објавија полезни материјали врз нашето народно дело.

Поради нападите кои ги упатува на сметка на официјална Бугарија во поглед на македонското прашање, Иван Михајлов  „заработува“ вечно непријателство.

Во истоимената книга наоѓаме дел каде што се напаѓа политиката на цар Фердинанд во поглед на македонското прашање.

Тој дел вели вака:

„ Потпаѓањето на Македонија под ново, потешко ропство, после прогонувањето на турското упраување, се должи пред се на алчноста која произлегуваше од политиката на Белград и Атина, но тоа се должи и на грешките, кои ги изврши цар Фердинанд. Раководителите на политиката во Софија не зедоа во предвид дека Србија, одбегнувајќи од идејата за македонска автономија, си имала на ум да прави грабеж на туѓи земји. Тоа беше така јасно одамна уште пред балканската војна, кога српската пропаганда – дури и вооружена – а и „научна“, трубеше, дека Македонија била српска земја. Грција имаше извесни етнографски основи за претенции во околиите на југ од Македонија, но надвор од тоа се друго беше пак апетит кон туѓото. Само автономијата на Македонија требаше да се поддржи од страна на Бугарија како водечки лозунг и непроменета цел на војната против Турција. И при таа положба сојузниците можеа да задржат за себеси по една добра територијална придобивка – Бугарија би излегла на Бело море и ги земела Тракиските области; Србија – би ги добила Косово и Санџак; Грција – Тесалија и егејските острови.

Одговорност носат и министрите на цар Фердинанд и повлијателните генерали, кои го следеле безкритично. Министерот – претседател Ив. Ев. Гешов, беше изјаил, дека ќе го изземе од македонскиот комитет прашањето за ослободувањето на Македонија, така како што некогаш во Италија беше постапил Кавур. Навистина, бугарската државна политика се обиде да го земе во свои раце прашањето, така што на прво место ги оттргна двете најважни позиции на ВМРО – целоста на Македонија и нејзината независност. После од како Гешов и компанија беа ставиле волк во кокошарникот (т.е српската и грчката војска во Македонија), дејците од македонското движење ги употребија сите и секакви доводи да ги убедуваат бугарските одговорни места, дека се должни да ги положат сите сили за запазување на територијалната целост на Македонија. Тие дејци целосно ги осудуваа Гешовци за извршениот престап.

Така во 1912 година Бугарија тргна во војна против Турција со потајна намера да ја раздели Македонија и да си присоединува нејзини територии. Затоа и во сојузнички договор со Србија не е застапена здраво идејата за автономија, а подробно се означува како цел да се изврши поделба.

После тоа дојде втората грешка. Турција предложи да воведе автономија во Македонија. Но предлогот беше отфрлен, макар во ултиматум, подаден до Султанот пред да му се објави војна, изрично да биде кажано, дека се бара од него токму воведувањето на автономија.“

Михајлов е категоричен во своите ставови во поглед на бугарската влада и нејзината неспособност во помагање, или во друг случај, решавање на македонското прашање во полза на ВМРО и нејзините идеали. Со тоа ВМРО заработува непријателство и бугарските влади во годините што доаѓаат гаат нетрпение кон Организацијата, а во даден момент дури и се осмелуваат да се впуштат во борба против истата. Каде што секако, како и сите останати, ќе изгубат.

Иван Михајлов покрај Тодор Александров како лидер на ВМРО, во годините што доаѓаат си заработува авторитет и легитимитет како фактор во ВМРО, а после атентатот на Старио, Михајлов доаѓа на местото лидер на ВМРО.

Расколот во Внатрешната Македонска Револуционерна Организација е евидентен, без можности за помирување, иако за тоа имало некакви штури најави, советувања и писма. Но не дошло до ништо конкретно, најмногу поради своеглавоста и работата на дел од дејците по своја волја, спротивно на законите на ВМРО.

Во третиот дел од неговите спомени, во книгата со наслов „Спомени III – Ослободителна Борба 1924 – 1934 год.“ Михајлов во делот за виновниците за убиството на Александров во некоја мера го објаснува расколот во ВМРО, иако не директно, но индиректно го објаснува проблемот.

Делот гласи вака:

„ Кон крајот на втората книга со моите спомени е кажано, дека туѓи централи сакале да ослабне, да загине македонското движење, или да биде поставено под нивна команда. И затоа барале под дрво и камен орудија. Кажано е таму накратко, дека Александар Протогеров, кој беше колега на Тодор Александров во Централниот Комитет на ВМРО, најмногу се дал во услуга на тие туѓи централи.

Во 1929 година ВМРО издаде книга, во која се пишуваше за неговата вина. Пред да биде распространета, покажана беше одделно на четиринаесет луѓе адвокати, судии, обвинители, бивши министри на правосудството. Мислата на сите беше, дека изнесените факти во книгата се премногу за еден државен, легален суд, и дека во основа на тоа Протогеров заслужил најтешка казна.

Некои од тие лица се запрашувале:

„Како било возможно во една револуционерна организација тој долго да биде трпен?

Ако не беше Протогеров, односно неговата неизмерна завист спрема Тодор, злосторството немаше да се случи. Тој направи сојуз со разбојничкиот инстикт на Алеко Василев и со дивото властољубие на Георги Атанасов, двајцата дејци од ВМРО, еднакво беспомошни  пред Тодор Александров, неуморниот заштитник на моралот во револуционерната организација.

После првата светска војна Протогеров беше заминал во туѓина. Околу три години помина во Австрија и Унгарија. За тоа време од негова страна не доаѓаше ни добро, ни лошо, ако исклучиме некои гафови пред туѓинци. Сеедно, тој не постоел во тоа време за македонското движење.

После воениот преврат во Бугарија, во летото 1923 година, тој се врати назад. И веднаш се оддаде на дејност… да му создава пречки на Тодор Александров. Уште додека беше во странство известен бил за незадоволството на Алеко Василев и Георги Атанасов. А тие имаат основа не само да бидат незадоволни, но и да се плашат од правосудието на ВМРО.

Алеко се беше покажал во борбите против корумпираната власт на Стамболиски во Пиринска Македонија, но вршеше многу нечисти работи, кои беа спротивни на уставот на ВМРО, по што Александров беше принуден да го испрати кај него Атанасов, за да го надгледува и да го осуетува неправилните постапки.

Самиот полковник Атанасов беше дојден како доброволец во редовите на ВМРО во 1922 година од како во софиската кафеана „Панах“ изврши убиство на органи на власта. Наместо да го контролира Алеко, тој се покажа опијанет од властољубие.

Во текот на неколку месеци Тодор се мачеше да ги доведе на прав пат тие двајца. Но Протогеров, наместо да го помогне колегата од Централниот Комитет, започна да ги насочува во најбескрупулозно нарушување на дисциплината во ВМРО.

Така излезе на сцената сојузот на таа престапна тројка. За да дејствуваат против Александров, сепак тие имаа потреба од поддршка на странски фактори, кои не беа расположени кон македонското дело и лично кон неговиот популарен водач Тодор. Никако не можеше да им помогне само обидот да создадат истомисленици во редовите на ВМРО така што Протогеров беше оддамна оддалечен од средината на нејзините активни борци, Атанасов беше сосема нов човек, а Алеко воопшто немаше способности да печали и води – бидејќи беше доста прост и при тоа не сосема морален човек.

Ете зашто тие тројца прибегнаа кон помошта на комунистичките органи во Бугарија.

Можеше ли да се мисли дека комунистите ќе го остават на мира македонското ослободително движење, со неговата динамика во центарот на Балканите? Не губеа никако време. Ги насочија кон него сите свои оружја – и мрежата од примамни агитации и ветувања за печалење на полековерни елементи, и ќесето – за купување на слабокарактерните, и копјето – против упорните застапници на независната македонска борба.

Сите основни одредби, кои го беа создале македонското движење се покажаа како спротивни со целите на комунизмот. Тоа движење не беше класово, а општонародно. Рбетот му беше селската маса, на која ВМРО уште при турскиот режим успеа да ја даде земјата, принудувајќи ги беговите да ја продадат на износни услови – така што довчерашните вековни робови станаа сопственици; името на ВМРО беше длабоко заседнало во срцето на народот, та – повторуваме – комунистите сакаа целосно за својата пропаганда да го фалсификуваат и да си го присвојат, макар што во нивната програма предвидуваше одземање и на земјата и оттргнување на сопственоста.

Нашето движење секогаш било за демократија, за слобода, од каква што нашиот народ бил лишен со векови; тоа не би се согласило да воведува во Македонија режим, кој би бил пострашно ропство од вчерашното.

Нашето движење било самостојно, а и било и за самостојна држава; не би прифатило да стане инструмент за постигнување на туѓи планови и да ја поставува татковината под туѓо старателство и команда.

Но престапничката тројка не се запираше на такви прашања, зашто слепо се водеше од личните интереси. Комунистите без колебање и подадоа рака и поверуваа – на 31 август 1924 година кога загина Тодор – дека го завладеале нашето движење и македонската кауза во полза на другите нивни широки планови. Но дванаесет дена подоцна се испречија пред пораз.

Во 1934 година врховистички фактори во Бугарија им помогнаа на комунистите до извесен степен против македонските организации. И следните седум години на личниот режим на цар Борис беа благопријатно време за комунистичките роварења против македонскот движење од страна на Бугарија.

Едвај кога на Балканите стигнаа болшевичките армии и се започна колеж на добри бугари, многумина во Бугарија разбраа зашто биле борбите на ВМРО со комунистите, зашто таа осудувала и други злосторници (скриени под други имиња – федералисти, протогеровисти и слично), како и зашто биле воопшто нејзините ослободителни напори. Тогаш едвај – за жал – видоа и што значи ропство.

Тројката сепак, беше во мрежата и на стариот бугарски врховизам. Протогеров и Атанасов имаа врховистички сфаќања во врска со македонското прашање. Врховизмот, кој одамна го напуштил воениот фронт, го беше тргнал официјално своето знаме, но секогаш беше жив колку да наштетува на македонското дело и на бугарштината. На 12 септември 1924 година – како и комунистичката централа – претрпеа неуспех.“

Михајлов, безрезервен борец против комунистичката

идеологија и против туѓите интереси, а тврдокорен борец за Македонија, секогаш оддаден на народното дело, на македонската кауза!

Вака најлесно би се опишал Иван Михајлов денеска, бескруполозен спрема сите оние кои ги ставаат рацете врз ВМРО со цел да му наштетат на македонското дело, да ја обезличат Организацијата и да ги извалкаат светите букви за секој еден македонец, макар што сосема малку се пронаоѓа во нив и што секој еден човек го помогнал македонското дело, на било каков начин.

Под водство на Михајлов ВМРО прераснува во една совршена конспиративна организација, секогаш спремна за големи дела и атентати.

Убистото на југословенскиот крал Караѓорѓевиќ е еден од најдобро смислените атентати во поновата историја, во соработка со хрватските усташи на Анте Павелиќ. Претходно е склучена соработка меѓу ВМРО и Усташите, каде што македонската организација испраќа инструктори за обучување на хрватските усташи. Еден од тие инструктори е и Кирил Дрангов, син на легендарниот Борис Дрангов. И двајцата се дејци на ВМРО, заслужни за татковината. Кирил е човек од доверба на Михајлов, кој исто така присустува на Горноџумајските настани, каде што десницата на ВМРО се пресметува со левицата на ВМРО, по повод убиството на Тодор Александров.

На тој настан ликвидирани се Алеко Василев и Георги Атанасов, едни од главните протагонисти на левицата, а првиот и многу близок соработник на Јане Сандански. За овој раскол во ВМРО ќе пишуваме поопширно во некоја друга објава.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO