Уште едно од помалку познатите и недоволно изучените востанија во Македонија, заедно, во прв ред со Тиквешкото востание.

Не е јасно зашто не е посветено повеќе време на овие две востанија, за нивно изучување, дебатирање, пишување и манифестации, каде што е масакриран недолжен народ само поради тоа што барал слобода.

На денешниот ден 7 септември 1913 година во охридско, струшко и дебарско избувнува сенародно востание против решенијата од Букурешкиот договор, кои се без корист за Македонија и за идеалите на ВМРО, но и против српската тиранија, која во изминатите години системски се засилува на територијата на Македонија, а која се чувствува кај целото незадоволно население.

Задачите за подготовка на востанието му се доделуваат на Петар Чаулев, кој тогаш е члек на ЦК и  кој подоцна доживува атентат во Милано, по претходна пресуда од ВМРО. Позади Чаулев застануваат Петар Христов, задграничен претставник на ВМРО, Милан Матов, Христо Атанасов, Нестор Георгиев и Антон Шибаков. Тие добиваат полномошно од врвот на Организацијата за да влезат во врска со албанските револуционери и да го преговараат со нив за заеднички дејствија.

Доаѓа до преговори во градот Елбасан, се постигнува договор меѓу ВМРО и Албанскиот револуционерен комитет на чело со Сефедин Пустина за организирање и објавување на сенародно востание против српскиоте режим. Првичен план е почетокот на востанието да се објави за почетокот на октомври 1913 година, но за жал востанието избувнува еден месец порано кога долнодебарскиот бајрактар Селим ага е заграден од српски војски во Пешкопија. На помош му доаѓа милиција од албанските и македонските села, но доаѓаат и српски војски и таму се започнува голема битка, после која востанува цело дебарско. Обединетите чети го ослободуваат Дебар и на 9 септември српските чиновници од администрацијата се прогонети од градот, додека околу 420 војници се запленети од четите на ВМРО и Албанскиот комитет. Дебар е слободен, а во времената управа тогаш се избрани Сефедин Пустина, Христо Атанасов, Иван Бојчев, Нестор Георгиев, Риза беј, Бајрам Стразимири, Наум Бојаџиев, сите родум од Дебар.

После добивањето на веста за ослободувањето на Дебар и прогонувањето на српските војски од охридско и струшко, во Белград српската влада веднаш подготвува указ во кој се повикува на „нова војна“. Тоа е направено на 11 септември, заедно со указ за мобилизација. На помош на редовната српска војска се мобилизирани дополнително околу 100 илјади војници, а на помош на Србија се приклучува и Грција.

Интересен е податокот кој вели Љубомир Милетиќ, Иван Георгов и Александар Балабанов се ополномоштени од името на ЦК на ВМРО за да ги посетат владите на европските велики сили за да ги предадат подробно изложените активности и идеи на ВМРО. Но без успех.

ВМРО потоа издава директива до сите револуционерни дејци за возобновување на организационата и курирската мрежа во цела Вардарска и Егејска Македонија, а на војводите им се налага посебно да го подготват населението за нова борба.

Во меѓувреме Јане Сандански е испратен од бугарската влада да преговара со времената албанска влада за заеднички дејствија против Србија и Грција.

Востаниците ги прогонуваат српските војски и администрацијата од струшко и дебарско, а четите на Петар Чаулев и Павел Христов влегуваат во Охрид уште на 12 септември наутро, каде што се пречекани свечено.

На 15 септември во Охрид се собираат скоро илјада вооружени востаници каде што на војводскиот совет за главен командант на сите вооружени сили е избран Петар Чаулев. Исто така е земено решение востаниците да тргнт кон Битола и Кичево, но во меѓувреме Чаулев добива писмо во кое се вели дека по барање на србите, грчки војски ја преминале границата и го зазеле градот Поградец. Чаулев веднаш испраќа еден учител да го предупреди грчкиот командир да ги оттргне војските или ќе биде нападнат. Грчките војски веднаш се враќаат назад.

Во меѓувреме, додека охридско, струшко и дебарско ја уживаат својата слобода, владата на Србија ја активира и организацијата „Црна рука“, во која се вклучени големите борци против ВМРО Василие Трбиќ, Јован Долгач, Дано Стојанов, Михаил Јосифов, Бошко Вирјанец. Добиваат известување веднаш да се упатат со своите одреди кон Кичево, каде што тргнува Петар Чаулев со востаниците за ослободување на градот.

На патот меѓу Ресен и Охрид тие се пресметуваат со српски војски, каде што се борат две деноноќија. Позициите на ВМРО ги заштитуваат четите на Антон Шибаков и Нестор Георгиев, но српските војски напаѓаат со големи сили, кои употребуваат и митралези, што ги принудува востаниците да отстапат кон Галичица.

Во истото време големата чета на Чаулев води битка кај село Иванчица со српските војски, каде што ги поразува и го ослободува градот, па така целата територија од Црн Дрим и Охридското езеро е слободна.

На изненадување на четите на ВМРО, на помош на српските војски повторно доаѓаат и грчките војски, каде што се борат на Голак планина.

Жестоките борби продолжуваат со денови кога на изненадување на сите раководителите на Организацијата добиваат писмо во кое се вели дека албанските чети од дебарско се расформирани и востаниците заедно со своите семејства се упатуваат кон Албанија. Чаулев тогаш дава наредба за расформирање на сите востанички чети и трансформирање во малубројни одреди.

Востанието за жал за кратко време е задушено. Во охридско се запалени 80 села, а во регионот меѓу Охрид, Дебар и Гостивар целосно или делимично се запалени околу 180 села. Убиени се свештеници, просветители, недолжни селани и граѓани, жени и деца.

Во наредниот период, за да си го спасат својот живот и животот на своите блиски, околу 30 илјади, во некои документи и над 30 илјади луѓе од тој дел на Македонија по различни патишта бегаат за Бугарија, а на 2 декември истата година на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ Централниот комитет на ВМОРО организира собрание во памет на жртвите од востанието.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO