Во цивилизираниот свет се чудат како е можно во 21 век, среде Европа, местото на ракополагање на еден поп да биде државно, национално и судбоносно прашање од прв ред, па ги кршат копјата околу тоа милиони луѓе, шефови на држави, премиери, министри, историчари, академици, аналитичари, сите медиуми, хороскопџии, врачеви … талибанизација на православието.

Владиките проповедаат против другите религии и нации, кои народи се наши заштитници, а кои душмани, каде се, каде мора да бидат државните меѓи. Вчера, Голема Србија, денес Српскиот свет. Само српски. Најава за реприза на страшните деведесетти години. Се сеќаваме ли како беше: попови, па топови, па лопови?!

Не, никакво, велат под Ловќен. Не за клерикализмот. Не за Талибанците. Не на уништувањето на Црна Гора. Не на одземање на цркви и манастири. Не на поништувањето на крвавата и славна црногорска историја.

Не може, велат Цетињани, во нивниот, црногорски манастир, духовниот темел на државата Црна Гора, да биде ракоположен ниту еден владика кој проповеда дека Црногорците не се народ, туку копилиња, изроди, усташи, печурки после дождот кои ќе исчезнат.

И дека ниту една црква во Црна Гора, дури ни Цетињскиот манастир, не е црногорска. Нема ракополагање во Цетињскиот манастир за било кој, што сее омраза и злобна судбина во Црна Гора, свртувајќи го таткото против синот, братот против братот, Србинот против Црногорецот.

И за Србите и за Црногорците во Црна Гора, матична држава отсекогаш била Црна Гора. Со векови, кога немаше Србија, имаше слободно Цетиње, слободна Црна Гора и Црногорци.

Нивната држава никогаш не се викаше Србија, туку Црна Гора. И нивната војска се викаше црногорска. И црквите што ги граделе се викаа црногорски.

Посебен е изгледот на тие цркви и манастири, кои ги граделе Црногорците. Сите тие, како и Цетињскиот манастир, се изградени од камен, како да се воени касарни, со прозорци и специјални отвори кои наликуваат на пушкарници. И служеле често како воени упоришта.

Во тие цркви и манастири, Црногорците, пред битки, влегувале под оружје и се причестувале со мечевите и сабјите. Никогаш Турците не влегле во Цетиње. И моќниот сераскер Омерпаша Латас е запрен пред тој град.

ʺКолку има до Цетиње?ʺ – прашале, се раскажува, Наполеоновите поклисари во Котор, каде ги пречекал владиката Петар I Петровиќ Његош.

ʺНа пријател му требаат неколку часа одење, а непријател таму не може да дојде никогаш“, им одговорил.

Преземено од radiosarajevo.ba

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO