Бања Лука влегува во конфронтација со Сараево и меѓународната заедница, а во рамките на тоа, особено сe ЕУ и Германија. Прашањето е дали Србија ќе ја жртвува иднината на своите граѓани за опстанокот на Милорад Додик на власт, пишува Дојче веле.
Средбата на државните лидери на Србија и Република Српска во Белград, како и изјавите по таа средба, не донесоа ништо претерано ново кога станува збор за политичката криза во Босна и Херцеговина. Главните актери главно ги повторуваа своите веќе познати позиции, при што претседателот на Србија Александар Вучиќ беше задолжен за малку посмирен тон, но беше очигледно дека српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, исто така, се обиде да го прилагоди својот настап на тонот на домаќинот. И покрај тоа, сепак истакна дека ʺБосна и Херцеговина е невозможна држава и дека е потребна мирна разделба“, пишува ДВ.
Наметнатите решенија не се добри
Од друга страна, по средбата со делегацијата на РС, претседателот на Србија повеќе пати нагласи дека Србија ʺго поддржува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, но го поддржува и територијалниот интегритет на Република Српска“. Во врска со последните решенија на високиот претставник, што доведе до остри реакции од Бања Лука, Вучиќ к дежака ʺнаметнатите решенија никогаш не се добри и дека се што се решава во БиХ треба да биде донесено во интерес и согласност на трите народи што живеат таму “ Тоа е суштината и духот на Дејтонскиот договор, а не наметнување решенија “, кажа Вучиќ.
Тој изрази надеж дека никој нема да оди во понатамошна примена на ʺБонските овластувања“, а по повод решенијата на Народното собрание на РС, истакна дека ʺникакви решенија на тој парламент немаше да има ако пред тоа не беа октроираните решенија на поранешниот Висок претставник“. Вучиќ и Додик, исто така, ја истакнаа важноста на српското политичко единство во РС сега и дека овој момент е добар и за Србија.
Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, неколку пати повтори дека Кристијан Шмит е ʺнелегитимен Висок претставник“ и нагласи дека ʺстрански фактор во БиХ се обидува да го уништи идентитетот на Србите и интегритетот на РС и да го сведе до правна обвивка“. Додик смета дека ʺнамерата на Кристијан Шмит е да ја централизира БиХ и да ја постави како противник на Србија“. Како доказ за тоа, Додик наведува дека ʺСараево не сака да се приклучи на проектот Мини Шенген“.
Популарниот Миле и внимателниот Вучиќ
Претседателот на Србија и овој пат избегна да го изрази својот став за легитимноста на новиот висок претставник и наместо тоа само повтори дека го познава Шмит, дека имале коректни односи, но дека тоа нема никаква врска со наметнувањето на решенија.
ʺСрбија ќе ги поддржува уставно-правните и Дејтонските права на РС“, кажа Вучиќ.
Тоа беше моментот кога Александар Вучиќ се надоврза на претходната изјава на Додик дека ʺБакир Изетбеговиќ се заканува со некаква одмазда“, велејќи дека ʺод Република Српска не може да се очекува мирно да гледа на оние кои во своите партиски програми се залагаат за укинување на Република Српска“.
Вучиќ на тоа додаде дека ги разбира фрустрациите на Милорад Додик и дека ʺона што го зборува Миле е многу попопуларно кај Србите“, но дека ʺСрбија мора да биде внимателна и да води сметка за сите аспекти“. ʺСрбија првенствено се грижи за својот економски раст и што ќе им оставиме во иднина на своите децаʺ.
Покрај политичките теми, претставниците на Србија и РС разговараа и за економијата. Во тој контекст, се зборуваше за изградба на патот од Сремска Раша до Бјелина, за енергетски проекти, хидроцентрали, како и понатамошна поддршка во областа на здравствената и социјалната политика.
Како стигнавме до тука?
Коментирајќи ги споменатите изјави, Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи вели дека ʺона што не го слушнавме е преиспитувањето на Белград и Бања Лука зошто дошле во ваква политичка ситуација“.
ʺГлавната последица на таканареченото политичко единство што е постигнато во Република Српска е нивната конфронтација со Сараево и меѓународната заедница, а во рамките на тоа особено со Европската унија и Германија. ʺРС полека оди во се подлабока изолација, и ако работите продолжат вака, Додик го продолжи својот политички живот за една или две години, но тој ја доведе РС до стагнација и големи искушенија за нејзиниот опстанок“, истакнува Јањиќ.
Надвор од она што го пишуваат локалните медиуми, на сцена е и одредена изолација на Белград, која само ќе се продлабочува и нема причина Србија да ја жртвува иднината на своите граѓани за опстанокот на Милорад Додик на власт, додава Јањиќ.
ʺПретпоставувам дека за тоа е свесен и самиот Додик, кој очигледно повеќе смета на Орбан и Москва отколку на Вучиќ. ʺНо, поради тоа, Србија може да се најде во ситуација да биде вовлечена во целиот проблем, дополнително да го шири просторот на кризата и да влеземе во уште подлабока политичка и регионална криза“, смета Јањиќ.
Блокирана БиХ на отворен Балкан?
Исто така, кога станува збор за можните потези на Белград, продолжува Јањиќ, Александар Вучиќ мора да определи за што се залага.
ʺДали е Вучиќ за отворен Балкан, и ако е навистина за тоа, како во тоа се вклопува изолираната Република Српска? При тоа, Александар Вучиќ мора да им објасни на граѓаните на Србија дали повторно да се подготват за долгогодишни санкции или конфликти само за Додик да опстане на власт “, прашува тој.
Во повикувањето на Додик и Вучиќ на изјавите на Бакир Изетбеговиќ, Душан Јањиќ гледа само како ʺмеѓусебна поврзаност на двајца претставници на Србите во Белград и Бања Лука со минатото“.
ʺИ двајцата ја раскажуваат приказната за минатото, сметајќи на предизвикување масовни емоции и форсираат агенда за промена на границите, со цел да избегнат владеење на правото и реформи. Затоа и инсистирам на тоа дека на Вучиќ не може секогаш да му се верува, бидејќи ако тој наводно сака ʺотворен Балкан“, тоа не може да се постигне со затворена Република Српска и блокирана Босна и Херцеговина “, заклучува Јањиќ.
Присутна и ʺконструктивна“ опозиција
Средбата на врвот меѓу Белград и Бања Лука го покажа не само политичкото единство на Република Српска, туку и присуството на ʺконструктивната опозиција“ во Србија за време на овие средби, и тоа на оној дел што не сака присуство на странци во дијалогот меѓу владата и опозицијата.
Како што во медиумите се обиде да го објасни Бошко Обрадовиќ, лидерот на Двери, на повикот на претседателот на Србија се одзвале затоа што била присутна и опозицијата од Република Српска.
ʺОва е државни интерес, а не дневна политика“, кажа Обрадовиќ.
Тоа оправдување очигледно не беше доволно за многумина на социјалните мрежи, кои овој разговор со властите на приемот со вино веќе го окарактеризираа како дружење со приватната опозиција на Вучиќ.