Свети Илија, големиот христијански празник, меѓу народот познат уште и како Свети Илија громовник, се слави масовно и торжествено меѓу христијанското население во Македонија. Црквите се полни со луѓе, со молитви за здравје, благосостојба и бериќет, на нивните семејства, но и за Македонија. Затоа што тоа е нивната татковина. Ја сакаат слободна, во неа слободно да живеат, да не се повеќе под турски јарем. Доста е, премногу е! Даноци во крв, се потешки и побројни, обесчестувања на млади девојки, невести и мајки од османлиите, се само дел од секојдневието на поробена Македонија.

Сето тоа, неминовно довело ,во далечната 1903 година, населението да се крене на востание, во светот и во документите на славните војводи познато како Илинденско востание.

Решителен крик на незадоволното христијанско население против репресиите, угнетувањата, убиствата без повод, данокот во крв, добиток и жито, e причина многу семејства да пропаднат, а некои подоцна спасот да го најдат во слободна Бугарија.

Десет години порано во Солун се создава славната ВМОРО, која ќе работи за слобода и политичка автономија на Македонија и Одринско, за целосна слобода на целокупното незадоволно население. Со широко отворени раце за сите оние кои сакаат да помогнат за слободата на Македонија и Одринско, без разлика на вера, пол, политички убедувања, националност.

Годините изминуваат, а Организацијата прераснува во силна подземна држава. Се формираат канали за пренесување на оружје и муниција, се формираат чети и селски милиции, од обични селани се прават вистински војници и комитаџии, секогаш подготвени да одговорат на секоја задача поставена од Организацијата.

Луѓе, обични луѓе, еснафи, работници, но и полковници и офицери се јавуваат во служба на Организацијата. Сите ги води една мисла,  да помогнат на братскиот народ за неговата слобода од турската тиранија. Организирани канали, преку кои се префрлуваат луѓе од Бугарија во Македонија, со оружје во рака, решени за помош на својот поробен брат, ако треба и по цена на своите животи!

Денот е веќе 20 јули, според стариот календар, 1903 година. По новиот календар тоа е 2 август.

Според спомените на големиот хроничар на настаните и револуционер на ВМОРО Христо Силјанов, заседанијата на Организацијата се отвараат во родното Смилево на Дамјан Груев на 17 април, во широкиот салoн во домот на Чуранов. Присуствуваат 32 делегати, но сеуште продолжуваат да пристигнуваат нови и кон крајот на конгресот нивната бројка надминува и 45 луѓе. Груев го претставува Централниот комитет, а Лозанчев, Пешков и Поп Христов – окружниот. Легендарниот Борис  Сарафов учествува како ревизор на четите.

Реоните се претставуваат:

Битолскиот – од Георги Сугарев од Битола, Параскев Цветков од Плевен, Никола Петров од малешевско.

Демирхисарскиот – од Јордан Пиперката и Димитар Матлиев, охриѓанец.

Крушевскиот – од Никола Карев и Иванчо, и двајцата крушевчани.

Кичевскиот – од свештеник Тома Николов и војводите Арсо, Јанаки и Ванчо Мицков.

Прилепскиот – од Петар Ацев, Јордан Тренков и Тале Христов.

Ресенскиот  – од Славејко Арсов од Штип, потпоручник Панајотов од Велико Трново и Велјан Илиев (познат и под псевдонимот Пенчо) од село Смилево.

Леринскиот – од Папанчев од Сливен и Михаил Чеков од Екши – су, леринско.

Костурскиот – од Васил Чекаларов и Пандо Кљашев.

Охридскиот – од Групчев и Христо Узунов (и двајцата охриѓани).

По предлог на Сарафов, за претседател се избира Дамјан Груев, додека за секретари се посочуваат  и прифаќаат Поп Христов и Параскев Цветков.

Првата точка на дневниот ред се извештаите за состојбата на терените, па според тие извештаи се добиваат информации дека целиот округ располага со 8 – 9000 пушки и тоа во охридско 1500, Костурско над 1000, Ресенско 960, Кичевско 540 и како најнеподготвен се покажува прилепскиот реон, со сосема малку пушки и тоа не сите во функција. После одат редоследно крушевскиот реон, со исклучок на градот и на неколку села и тоа Пуста река, Горно и Долно Дивјаци и другите. Битолскиот реон со исклучок на Смилево, Ѓавато, Цапари и други.

Како врховна револуционерна власт се избира и Главен штаб, кој треба да ги раководи подготовките до востанието и дејствијата за време на самото востание. Во тој штаб влегуваат Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев, додека како нивни евентуални заменици се Георги Поп Христов, Петар Ацев и Лазар поп Трајков. Членовите на штабот се избираат со јавно гласање, а нивните заменици – со тајно.

Сарафов и Никола Дечев во меѓувреме изработуваат  „Востанички дисциплинарен устав“ за правата, должностите и казните на востаниците, десетниците, централните и реонски војводи. Тој устав, подготвен според воените устави, се прифаќа со мали измени. Сарафов изработува и една инструкција за инструкторите, кои имаат должност да го раководат курсот со обучувањето.

Во меѓувреме, додека заседава конгресот, во Солун и Битола има потресни случки. Солунската филијала на Отоманската банка беше срушена на 16 април во навечерието на конгресот. Гоце Делчев загинува во Баница. Заседанијата привршуваат, кога во Битола, како одговор на солунските атентати, се извршени колежи над христијаните. Тоа се случува на 23 април, а истиот ден, на Ѓурговден, војска оди да го обезружи селото Цапари – едно од селата, кои ја чуваа сигурноста на конгресот – но не наидоа на вооружен отпор.

Еден од основачите на ВМОРО, доктор Христо Татарчев,  за Илинденското востание во своите спомени, кои ги има и на македонски јазик денеска, пишува:

„Илинден, 20 јули 1903 година беше неизбежна последица и резултат од повеќе различни фактори. Во проценката на реалноста, немаше во него ниту романтизам, ниту наивност. Илузија дека ќе биде поразена турската империја со пушки „тетовски“, „кримки“ и „гра“, никогаш не се правела. Тоа отворено го имаше изјавено и Дамјан Груев пред народот и четниците. За нас не можеше да претставува изненадување палењето на селата, масакрирањето на невини луѓе, силувањето и обесчествувањето жени и девојки. Воопшто не недоставуаше објективност во сфаќањата и дејствувањето на раководните сили и затоа решението за Илинден беше донесено со скршено срце, голема загриженост и депримиран дух, макар што се јавуваше како историска и социјална неопходност, единствениот возможен излез наложен од настаните што претходеа (во борбата) за добивање човечки права и слобода. Илинден беше оружен протест на еден народ поробен со векови против бесправниот и нехуман турски режим во Македонија и Одринско, а истовремено и апел кон Големите сили и цивилизираниот свет за правда и човечност. Во жртвеникот на таа одлука беше принесена сенародната фантазија, под чиј импулс и вера се приготвуваше македонскиот бугарски народ со прекалена вера, кој дојде до целосното сознание за достоинство и чест и даде бесценети жртви. Тој одамна силно посакуван историски момент беше ноќта на 20 јули 1903 година, кога полјаните и височинките ги опфати сеопшта тишина, прекинувана од трепетот на лисјата и шумолењата на водите од потоците кои лудо се спуштаа (по падинките), како и од претпазливите чекори на четникот. Само што светлоста на месечината и ѕвездите волшебно ја беа разредиле густата темнина, небото во еден миг се обои во крв од огнените јазици кои се издигнаа од врвовите на планините и спокојот на кој се беше оддала природата беше нарушен од плутоните на пушките и ескплозиите на бомбите, чие ехо се разнесуваше по македонската земја и оддекнуваше во бесконечното пространство. Јуначишта македонски борци излегоа од планините, селаните, пак, од селата, секој беше си ја грабнал пушката. Ѕвонот на камбаните и громогласното „ура“ од безбројните грла го цепеа воздухот. Старци, жени и деца се веќе на нозе и ликуваат од радост за доживеаниот момент на тој велик настан. Борците, застанати смирено и со длабока почит, сите пред реонското знаме полагаат клетва дека (се спремни да) умрат верно и достојно под знамето за слободата на Македонија, и по тој духовно – војнички обред тие се нафрлуваат со неопислив ентузијазам во нерамноправната борба против тиранинот.“

Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Тоа е тројката на главниот востанички штаб на битолскиот револуционерен округ. Од тие тројца стигнуваат сите наредби во реонските кругови во поглед на востанието, но и кон нив тројца пристигнуваат неброени писма од реонските началници на четите, со известувања и подготовки за востанието.

Задграничното претставништво на Организацијата во Софија им предава на владите на европските сили Декларација со која се известуваат за неподносливата експлоатација и за жестокоста на режимот на османлиската држава, каде што не се почитуваат основните елементарни права на човекот.

За тоа време востаниците од крушевскиот востанички реон го ослободуваат Крушево, а во костурскиот востанички реон се ослободени Невеска и Клисура, додека во останатите револуционерни окрузи, Лерински, Охридски, Преспански и Кичевски се водат жестоки борби.

Населението ги помага одлучно сите комитаџиски чети, со едно единствено решение, слобода и човекова правдина, како за сите, така и за нив.

Крушево, како прв ослободен град, веднаш почнува да функционира како мала држава, со совет и со привремена влада, избрани од народот. Формирани се и ресори за внатрешни работи, за финансии, за исхрана, за изградба и за санитет.

Привремената влада веднаш се впушта во државничка работа, меѓу другото за одбраната на Крушево е извршена мобилизација на машкото население способно за борба и презема веднаш мерки за заштита на муслиманското население и нивниот имот.

Во селата со муслиманско население е упатен и повик, познат и како Крушевскиот манифест, со кој се соопштува дека незадоволниот народ се кренал на оружена борба против турската тиранија и злодела, башибозукот и насилниците, а не против сиромашното муслиманско население. Додаваат дека тие не се разбојници, а револуционери, кои се борат за еднакви права и слободи, да не се плашат оти нема да бидат повредени на никаков начин, да останат мирни и дека во идната автономна Македонија сите луѓе ќе имаат еднакви права и слободи.

„Ние земаме оружје против тиранијата и нечовечноста, ние војуваме во името на слободата и човештината, нашето дело стои повисоко од секакви национални и племенски различности…!“ – зборови од устата на Г. Чуранов, во чија куќа е одржан историскиот Смилевски конгрес. Реченица упатен кон населението на Смилево, повлекувајќи се во планината со четниците, сите заедно пеејќи „Не сакаме богатство, сакаме слобода!“

Христо Татарчев во своите спомени исто така ќе забележи:

„…Знамето со „Слобода или смрт“ се вееше веќе гордо во градот и горското раководство влегло во слободниот град на 22 – ри, пречекано најсвечено. Набрзо се основа влада и се создадоа потребните ресори за финансии, судови итн. Принципот на ВМРО беше тука наполно применет за еднакво и рамноправно учество на бугари, власи и гркомани во управувањето, така што Крушево претставуваше фактички, една република. Истовремено биле пратени во соседните турски села во кои му се соопштува на населението дека му се гарантираат животот, имотот и честа. За законодавното уредување беше одговорен интелигентниот и благодарен учител Никола Карев, кој стоел на чело на горското раководство.„

„УРА! ДА ЖИВЕЕ МАКЕДОНИЈА! ДОЛУ ТУРЦИЈА! – се зборовите, изговорени од Коле Чавче, на среде Крушево, меѓу трите цркви кои го празнуваат Свети Илија, со камбански звона од бугарската, влашката и грчката црква. Тие се своевиден предвесник кои го окуражуваат населението и подготвените комитаџии на знакова команда да ја нападнат турската војска и да извојуваат слобода за себе и својот напатен народ. Но сеуште нема никаков знак.

Крушево стивнува и ја дочекува ноќта, а градот постепено како нешто да го мачи, некоја необјаснива тревога. Одеднаш се слуша громогласно „ура“, во кое со првото звоно од камбаните на трите градски цркви, како некаков знак, се појавува народот, а прозорците светнуваат, од газиените ламби, небаре спремни, чекајќи само погоден момент да светнат.

Мажи, жени и деца истрчуваат на улиците. Бугари, власи и гркомани се прегрнуваат и се поздравуваат со „Христос воскресе!“ и „Честита слобода!“. А борбата продолжуваше, биеја непрестано и сите камбани на трите крушевски цркви.

Утрото доаѓа, и само во касарната, опкружена од одредот на Иван Наумот Аљабакот, шеесетина турски војници продолжуваат да се борат. Од некаде се појавува со својот одред и со раскошно знаме Питу Гули, локален влав, во современа турска носија, јавајќи убав коњ. Одредот мина торжествено низ градот, а народот гласно го поздавува. Застануваат на „Гумења“, каде што го оставаат знамето. Во продолжение на два часа луѓето од градот доаѓаа за да се поклонат пред тоа скапо знаме, со златен крст од една страна и со црвени букви напишано „Свобода или смърть“ – од другата.

Тоа беше Илинден, тоа беше Крушевската република, сонот за автономна и подоцна, низ годините, за Независна Македонија !

Честит празник, да живее Македонија, нашата татковина!

(на сликата, четата на Питу Гули)

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO