ʺ Ако постои политичка волја и лидерство во Бугарија, мислам дека можеме да најдеме европско решение кое би било добро и за македонско-бугарското пријателство и за европското ветување кон регионот и за Северна Македонија, вели вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за ʺЕуроњуз“ со наслов ʺДали Северна Македонија ќе ги закопа идеалите на ЕУ?“.

ʺНо, тука има едно ʺако“, затоа што ние веќе сторивме сè што можевме. И, искрено, доколку мојот мајчин јазик, македонскиот, е причина за тоа да не можеме да се приближиме кон ЕУ, тогаш така и нека биде. Тогаш, ЕУ и не е тоа што сме мислеле дека е – заедница на вредностиʺ, вели Димитров во интервјуто во кое зборува за предизвиците и пречките на патот на Северна Македонија кон Европската Унија.

Според него, тоа што Бугарија го доведува во прашање правото на земјата да го обликува својот сопствен идентитет и историја, создаде само горчина во една од најпроевропските земји на континентот.

ʺДали проблематизирањето на македонскиот јазик е во согласност со она за што се залага Европа? Зарем Европа не треба да биде континент каде се негува јазичната и културната разновидност и каде што сите нации се третираат достоинствено и со почит? Зарем прашањето за тоа кои сте и на кој јазик зборувате не е прашање што ги засега единствено и само тие на коишто се однесува?ʺ, истакнува вицепремиерот за европски прашања.

Димитров нагласува дека ветото на Бугарија за отворање на пристапни преговори на земјава со ЕУ оди на штета и на меѓусоседските односи и на кредибилитетот на Унијата.

Тој потенцира дека отпочнувањето на преговорите е повеќе од заслужено поради пропуштеното време и преседаните на евроинтегративниот пат, но пред сѐ поради постигнатите резултати во приближување кон европските стандарди и покажаното лидерство и зрелост во решавање на проблемите.

„Изгубивме генерации во чекалната на ЕУ. Го започнавме нашиот пат кон Европа, по Словенија и пред Хрватска. И двете земји станаа членки пред неколку години, а ние сè уште се бориме да ги започнеме пристапните преговори. И, токму кога конечно го решивме прашањето со Преспанскиот договор, опкружени со меѓународни признанија и ветувања за преговори со ЕУ, пред нас се исправа уште една планинаʺ, додава Димитров.

Според вицепремиерот, сепак и покрај последното разочарување, Владата останува посветена на остварување на аспирациите на земјава за членство во ЕУ и ќе продолжи активно да бара решение, но со истакнување на одредени позиции од кои нема отстапување.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO