Фото: Роjтерс

Бројот на жртвите од поплавите во Германија достигна 163 лица. Повеќе од 700 лица се повредени, а по стотици се уште се трага. Водата од вчера започна да се повлекува и армијата започна да ги расчистува улиците на погодените градови.

Сè уште не е јасно зошто бројот на жртвите е толку висок. Опозицијата во парламентот побара оставка од директорот на Службата за заштита од катастрофи. Климатски специјалисти пак ја обвинија владата на Меркел, дека добила предупредувања за претстојната катастрофа неколку дена пред да започнат обилните дождови, но владата не реагирала на време.

Засега е јасно само дека ова е најтешката катастрофа во Германија во последните 60 години. Со денови немаше електрична енергија во најпогодените региони, мрежата на мобилната телефонија исто така не беше во функција, оставајќи стотици илјади без контакт со надворешниот свет.

Веројатно на тоа се должи и огромниот број регистрирани како исчезнати. Роднини продолжуваат да ги бараат своите најблиски, многу семејства ги напуштија своите домови во паника пред проливниот бран и не е сигурно колку од исчезнатите всушност починале и колку успеале да најдат засолниште кај пријатели и соседи, а поради немањето на комуникација не успеале уште да се поврзат со своите блиски.

Медиуми, социјалните мрежи ʺФејсбукʺ и ʺТвитерʺ се полни со повици од луѓе од регионите кои бараат помош за да бидат откриени нивните блиски.

Во Северна Рајна-Вестфалија и во Рајнланд-Пфалц е загадена водата и е забрането да се пие, па дури и да се користи за капење.

Врските на возовите сè уште не се обновени насекаде, а многу патишта се целосно уништени.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO