Легендарната битка на врв Ножот е најголемата и најкрвавата битка водена од страна на македонските револуционери по Илинденското востание. Таа крвава епопеја започнува на 14 јули 1907 година на врв Ножот, во близина на селото Ракле, прилепско, а светот со брзина на светлината дознава за таа епска крвава битка и останува во неверување.

Зашто и како толку млади храбри луѓе го оддале својот живот на Македонија и нејзината слобода ?

По Илинденското востание српската и грчката вооружена пропаганда земаат се поголем замав на територијата на Македонија. На Рилскиот конгрес одржан во септември 1905 година е донесено решение да се даде борба на тие вооружени пропаганди, кои населението, потпомогнати од османлиите во тој период, масовно го малтретираат, заплашуваат, убиваат.

Селото ракле е распослано во Никодимската планина, дел од поголемата Бабуна планина, а после смртта на Дамјан Груев во 1906 година и братоубиствената војна помеѓу револуционерите, Организацијата и борбата за слобода на Македонија ослабнува.

Тогаш голем замав земаат грчката и српската вооружена пропаганда, чии чети и агитатори навлегуваат во Македонија со молчалива согласност на османските власти.

Војводите и нивните чети започнуваат со борби против вооружените пропаганди, најпрво во областите Порече и Азот, во мај 1907 година. Во таа операција од мај влегуваат војводи како Тане Николов, Михаил Чаков, Петар Ацев, Иван Наумов – Алабакот, Мирчко Најденов, Христо Цветков. Четите се потпомогнати од организираната селска милиција, која броела, во груба бројка, според многу извори, околу 150 луѓе.

На 22 јуни обединетите чети го опколуваат селото Никодим, каде што се кријат две српски чети, кои, за чудо, се извлекуваат. Српската и грчката вооружена пропаганда во меѓувреме испраќаат свои агенти во Битола, Прилеп, Воден, Лерин, Тиквеш и Велес за потпомогање на турските власти и откривање на македонските чети во околината. По помошта која ја добиваат, по 10 јули турската војска се распоредува во целиот регион.

Турски аскер се упатува кон Бабуна планина. Дејствата на српската вооружена пропаганда се откриени и војводскиот совет издава наредба на четите да се повлечат кон мариовско. Војводите решаваат да го почекаат и пристигнувањето на четата на Алабакот, а потоа се разделуваат на две групи и тоа – првата чета, во неа спаѓале четите на Тане Николов, Петар Ацев и Георги Мариовски заедно со селската милиција, ја заземаат височината Попадијски чукари, а втората група, во која спаѓале четите на Михаил Чаков, Христо Цветков, Мирчо Најденов – го заземаат врвот Ножот. Главните сили го задржуваат склонот меѓу Никодим и Попадија, наречен Пештерата. Две групи по 8 души се натоварени со заштитата на врвот наречен Јасенова глава, кој се наоѓа меѓу Никодим и Владиловци.

На 13 јули има војводски совет, на кој се донесува одлука четите да се повлечат, но војводите го одбиваат тоа и се подготвуваат за борба против турскиот аскер. Костурската чета е решителна да остане на врвот на Ножот и да се бори против турскиот аскер, а таа одлука влијае и на останатите комити, кои решаваат сите да останат на врвот и да загинат братски, рамо до рамо.

Рано утрото на 14 јули турски аскер, надополнет со митралезски гнезда, се насочува кон врвот Ножот со цел да ги опколи комитите, а друга група од исток отвара оган кон главната команда.

По предупредувања на селаните од реонот, турските војски настапуваат и кон Попадијски чукари, а патроли се обидуваат да се искачат на височината, со цел изненадување на комитите и свртување на вниманието. Тане Николов со својата чета успешно ја одбранува височината.

Битката започнува жестоко, излез нема, височината е заобиколена од сите страни. Аскерот, на чело со Енвер бег, ги повикува комитите на Ножот да се предадат. Предлогот од турска страна е пречекан со презир, комитите не се предаваат.

Жешкото сонце во тој период од годината и недостатокот од вода си го земаат данокот. Турските војски започнуваат да освојуваат дел по дел, а 18 комити се искачуваат на самиот врв, но од таму немаат никаков преглед и не знаат што точно се случува. Нови турски единици пристигнуваат подоцна, во меѓувреме има убиени четници, други се ранети, а турците освојуваат педа по педа од височината.

Во еден момент останатите четници превземаат едно смело решение. Да се самоубијат. Со бомби. Не прифаќаат да бидат запленети, а потоа и испитувани со насилни методи од страна на турците, да лежат по затвори со години. Тие го избираат единственото смело решение што им преостанува. Самоубиството. Пеејќи воени песни, подготвувајќи се за славна и незаборавна смрт, која во годините потоа ќе биде прераскажувана со восхит и неверување, за една надчовечка храброст, за идеали…

Четниците редат седум бомби, врз кои легнуваат. Силниот грмеж е знак за бесмртноста на четниците на Ножот, додека пак османлиите не веруваат во тоа што го гледаат. Неверица, но и восхит.

Команданот Енвер бег со восхит им изјавува на неговите војници, додека тие претходно, започнуваат да ги преслекуваат убиените четници за да најдат скапоцени нешта во нив.

„ Никој не смее да се доближи и да ги осквернави хероите. Гледате ли, како комитите ја презираат смртта, се борат и умираат како херои! “

А по негова наредба војниците ги креваат нагоре своите бајонети и пукаат три пати во воздух, придружени од „Алах, Алах, Алах“.

На Попадијски чукари битката сеуште трае, но обединетите чети, земајќи сила од херојскиот подвиг на четниците, успеваат да го скршат обрачот и во текот на ноќта ги изненадуваат турските војски во грб, по што се извлекуваат.

Вкупниот број на загинати четници на Ножот е 67. Од нив 45 загинуваат на самиот врв, други 10 се убиени во подножјето на планината Асенова глава, 6 лица се убиени при повлекувањето од врвот, 1 четник е убиен на Мирчовата ледина, 4 четници се опколени во една плевна и тоа двајца се убиени, а другите двајца кои се повредени од претходниот ден се изгорени живи. Еден фатен четник е обесен по два дена во Велес, кој облечен како селанец тргнат на лозје со локални селани, е препознаен од војници и одведен, а потоа и обесен.

Еден од најголемите дејци на Организацијата, Христо Силјанов, со особена почит ги нарекува хероите „Витезите на Ножот“. Тој надчовечки подвиг се разнесува низ светот, а  познатите слики, кои се шират низ населението во текот на годините, и кои секоја година предизвикуваат неизмерна почит, восхит и сеуште неверица, се направени од италијанскиот жандармерски офицер – инструктор капетан Луциј.

Енвер Бег повикува селани, кои ги погребуваат четниците по христијански обичаи, но поради каменестата плоча и недостатокот на земја, тие се затрупани со камења и потоа делови од нивните тела се разнесувани низ околината од диви животни и кучиња.

Крвта остана на Ножот…

–––––––

ФБ статус на КПД Вардар


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO