Најголемата грчка опозициска партија Сириза ја повика Владата на премиерот Киријакос Мицотакис брзо да ги ратификува трите меморандуми потпишани меѓу Грција и Северна Македонија, како дел од Договорот од Преспа, по најавите дека Атина размислува за понатамошно одложување на процесот, пишува денеска „Еурактив“.„Еурактив“ наведува дека твитот на премиерот Зоран Заев оти националниот фудбалски тим е составен од „македонски играчи, албански играчи, Бошњаци итн. […] Тие се Македонци […] и ја претставуваат Република Северна Македонија“, предизвика силна реакција од грчката владејачката Нова демократија, која излезе во јавноста со најава дека привремено ќе го замрзне ратификувањето на трите меморандуми.

Меморандумите, кои се однесуваат на економската соработка меѓу двете земји, забрзувањето на пристапот на Северна Македонија кон ЕУ и контрола на воздушниот простор, се замрзнати повеќе од една година и требаше да бидат ратификувани во јули.

ʺДонесете ги меморандумите во Парламентот. Престанете да играте со европската иднина на Северна Македонија и со европските интереси во регионот и проблематичниот Балканʺ, изјави пратеникот на Сириза, Костас Захаријадес, додавајќи дека секое одложување го зголемува влијанието на Турција во регионот.

Спопред Захаријадес, Владата бара изговор за одложување на процесот поради противењето на некои пратеници од Нова демократија.

ʺЕурактив“ потсетува дека Договорот од Преспа беше потпишан кога Сириза беше на власт. Нова демократија тогаш беше против, но по доаѓањето на власт се изјасни дека ќе го почитува зашто станува збор за меѓународен договор.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO