
Фото: Роjтерс
Селекторот на Франција, Дидие Дешамп беше задоволен од фактот што неговиот тим заврши на првата позиција во својата група F на Евро 2020. Toa стана факт по ремито 2: 2 со Португалија во последниот натпревар од оваа фаза. Тој изјави дека ова е најдобрата позиција и веќе гледа со очекување кон следната фаза.
ʺТоа беше вистинска битка и не беше никако лесно. Им подаривме два гола од наши грешки. Се обидовме да победиме, но не успевме. Важно е дека сме први, а тоа е најдобрата позиција. Ќе се насладиме на тој факт и добро ќе се одмориме, бидејќи сега започнува комплетно нов турнир “, изјави Дешамп.
Следен противник на Франција е селекцијата на Швајцарија, а судирот е на 28 јуни.
Неговиот колега Фернандо Сантош ги пофали своите играчи за нивното претставување, иако европскиот шампион заврши на третото место во групата.
ʺОна што најмногу ми се допадна е тоа што бевме колектив. Кога ме прашаа што треба да смениме по мечот со Германија, одговорив дека треба да го покажеме нашето вистинско лице. Бевме силни, упорни и во голем дух. Верувам дека можеме да продолжиме да се подобруваме. Во второто полувреме не започнавме добро, но успеавме да се прегрупираме“, изјави Сантош.
Тој го коментираше и следниот противник на неговиот тим во 1/8-финалето во лицето на Белгија.
ʺСега треба да мислиме за Белгија. Тоа е тежок противник. Ако ги погледнеме рангирањата на ФИФА, тие се на прво место. Но, ајде да направиме оценка и да процениме како ќе треба да излеземе на тој натпревар “, додаде специјалистот.
