Фото: Роjтерс

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави денес на прес-конференција пред средбата на врвот на Г7 во Велика Британија, дека 100 милиони граѓани во Европската унија веќе се целосно вакцинирани против Ковид-19.

Таа додаде дека повеќе од 50% од луѓето во ЕУ примиле барем една доза на вакцина. Вон дер Лајен истакна дека ЕУ исто така извезува вакцини додека го имунизира своето население.

ʺОд 700 милиони произведени дози во Европа од минатиот декември, приближно 300 милиони дози се извезени во повеќе од 90 земји“, рече таа, изразувајќи надеж пред самитот на Г7 дека партнерите од ЕУ исто така ќе се ангажираат да обезбедат повеќе вакцини за други земји во светот.

Според неа, потребно е да се знае потеклото на Ковид-19 и истражителите треба да имаат целосен пристап до местата и објектите што може да го расветлат ова прашање.

ʺОд огромно значење е да научиме за потеклото на коронавирусот“, кажа фон дер Лајен на истата прес-конференција. ʺИстражувачките органи имаат потреба од целосен пристап до сè што е неопходно, за да го откријат вистински изворот на оваа пандемија“, додаде таа.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO