Западен Балкан ќе биде една од темите на средбата на американскиот претседател, Џо Бајден, со лидерите на ЕУ следната недела во Брисел, пренесува РТС, повикувајќи се на европски дипломатски извори.

ʺСАД и ЕУ ќе го зајакнат својот заеднички ангажман на Западен Балкан, вклучително и дијалогот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина и поддршката за клучните реформи во рамките на европската интеграција“, се наведува во нацрт-заедничката декларација што може да се промени до состанокот на претседателот, Џо Бајден со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 15 јуни во Брисел.

Меѓу бројните прашања на агендата на првата посета на претседателот Бајден во Европската Унија, Западен Балкан ќе биде една од темите за која Брисел и Вашингтон ќе ја нагласат потребата од подобра соработка и координација, дознава РТС.

ʺСАД очекуваат ЕУ да го преземе водството на Балканот, кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина, но и целокупната политика на проширување, со активна поддршка од Вашингтон“, наведуваат дипломатските извори во Брисел и додаваат дека САД ја охрабрува ЕУ конечно да ги отвори преговорите со Северна Македонија и Албанија, имајќи предвид дека кредибилна политика на проширување на ЕУ е исто така во американски стратешки интерес.

За разлика од ЕУ, чии пет земји-членки не ја признаа независноста на Косово, претставниците на САД посочуваат дека сеопфатното решение во дијалогот меѓу Белград и Приштина треба да доведе до заемно признавање.

ʺИако има некои разлики во ставовите на Брисел и Вашингтон кон регионот, администрацијата на претседателот Бајден го дели зголемениот интерес на ЕУ за прашањата на владеењето на правото и слободата на медиумите на Западен Балкан“, наведуваат во Брисел.

Главната цел на првата посета на претседателот, Џо Бајден на Европа од почетокот на неговиот мандат ќе биде „обновување на трансатлантското партнерство“ и создавање на заедничка агенда за постпандемискиот период.

Во нацрт-заедничката декларација се зборува за соработката во областите на борбата против Ковид-19, економското закрепнување и борбата против климатските промени, односите со Русија и Кина и заедничкиот став против поткопување на демократијата во светот.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO