Фото: Роjтерс

Апелациони судии се очекува денес да му изречат пресуда на поранешниот воен лидер на босанските Срби, Ратко Младиќ, со што ќе се стави крај на последниот процес за геноцид во Босна и Херцеговина пред судот на ООН за поранешна Југославија, пренесе Ројтерс.

78-годишниот Младиќ ги предводеше силите на босанските Срби за време на војната 1992-1995 година. Тој беше осуден во 2017 година под обвиненија за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучително и тероризирање на цивилното население во Сараево за време на 43-месечна опсада и убиство на повеќе од 8.000 муслимани-мажи и момчиња во Сребреница во 1995 година.

Решението на судиите се очекува да биде објавено во 15 часот.

Сребреница останува единствениот случај на геноцид во Европа по Втората светска војна признаен од два меѓународни суда.

Пресудата доаѓа по 25 години процеси во судот на ООН за поранешна Југославија во Хаг, кој осуди 90 лица.

Обвинителот Серж Брамерц ја истакна важноста на решението за Младиќ за жртвите кои живеат секојдневно со траума од конфликтот во 90-тите години на минатиот век.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO