Ќе има ли нови сигнали за Скопје од Софија? Одговори се очекуваат од дводневата посета на португалскиот претседател, Марсело Ребело де Соуза (на насловната фотографија), кој денеска и утре престојува во официјална посета на Бугарија на покана од бугарскиот претседател Румен Радев. Посетата почнува утрово со официјална церемонија пред црквата споменик „Св. Александар Невски“, каде бугарскиот претседател официјално ќе го пречека португалскиот колега, кој потоа ќе положи венец пред споменикот на Незнајниот војник во Софија. Претседателите на Бугарија и Португалија во 11 часот ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе се одржат и пленарните разговори меѓу двете официјални делегации, по што напладне Радев и Де Соуза ќе одржат прес-конференција. Утре на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, претседателот на Португалија ќе биде удостоен со почесната титула „Доктор Хонорис Кауза“, и ќе одржи предавање на тема „Европа – перспектива за иднината“.

Патоказ за излез

Посетата на португалскиот претседател на Бугарија се случува само две седмици откако португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва и комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, на 21-ви мај во ист ден ги посетија Софија и Скопје, за да ја презентираат иницијативата за деблокада на македонските евроинтеграции уште во јуни. Тогаш премиерот на бугарската техничка влада, Стефан Јанев рече дека не може да се сменат рамковните позиции утврдени од парламентот, а претседателот Радев – дека не се доволни само декларации, туку јасни гаранции за безбедноста и националните интереси. Од македонска страна португалскиот предлог беше оценет како „добра основа“ за надминување на пречките на патот кон ЕУ, но без детали за неговата содржина.

Во моментов, единствено претседателот на Бугарија има целосен политички мандат, со оглед дека во Софија функционира техничка влада со мандат да организира избори. Тоа ги усложнува напорите во овој „меѓупериод“ да се најде решение за деблокада на шансата за почеток на македонските преговори со ЕУ, кои се попречени од бугарското вето. Македонските власти не ги подгреваат очекувањата, но и не губат надеж за можен пробив. Софија очекува да го види т.н. Патоказ преку кој се бара можност за деблокирање на процесот. Но, она што е извесно, е дека Бугарија бара Патоказот да биде дел од формалниот преговарачки процес на Северна Македонија, а не во рамките на Процесот за стабилизација и асоцијација (ПСА) како што било предложено во португалската иницијатива. Според реакциите во Бугарија, во таков случај Софија ќе биде лишена од можноста за реагирање ако РСМ повторно не ги исполни своите обврски, бидејќи ПСА е процес каде не се носат оперативни одлуки. Од друга страна, како што изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, за „360 степени“, други земји членки на ЕУ се противат Патоказот биде дел од формалниот преговарачки процес, бидејќи евентуален преседан во македонскиот случај би можел да биде вовед во слични ситуации во иднина, во регион полн со билатерални спорови.

Исчекор или статус кво?

Постои ли можност за исчекор? Владимир Владимиров, експерт за балкански прашања, во разговор за бугарското „Радио Фокус“ вели дека еден патокоз јасно артикулиран од двете влади и прифатен од двете држави и нивните политички раководства, во актуелниот момент е можеби единствениот излез од сегашната ситуација, што би можела да се нарече „ќорсокак“. Тој потенцира дека во пракса ветото е многу ретко користена форма во односите меѓу  државите, особено во ЕУ.

ʺТоа е последната возможна варијанта. Задачата на една дипломатија е да отвора врати, а не да ги затвора. И сметам дека беше сериозна грешка ветото од страна на Бугарија, кое им отвора врати и на Србија, и на Грција, да го зголемат нивното политичко и економско влијание во Република Северна Македонија. Македонија минимум 5-6-7 години ќе води преговори за членство во ЕУ. Во тие години Бугарија има апсолутна можност да се подготви, да ја заштити својата теза, да се договори со политичкото раководство на Северна Македонија, и ние заедно, рака под рака да одиме кон ЕУ и европската иднина на Македонија“, вели Владимиров.

Притоа потсетува дека стратегиски интерес на Бугарија е Македонија и другите земји во регионот да бидат членки на ЕУ.

ʺНе можеме да дозволиме односите меѓу две земји во 21.век во Европа да бидат заложници на духови од минатото. Да, историјата е важна. Да Бугарија има своја историја и во пракса сите ние добро ја знаеме. Но, начинот на кој тоа и беше предложено на македонската страна, практично ја стави пред ѕид и во ситуација во која таа многу тешко би се заштитила, и кој и да е политичар во Македонија пред граѓаните тешко би заштитил 90 или 100 проценти бугарско читање на историјата. Неслучајно, во Договорот пишува дека тоа е наша заедничка историја, т.е. толку колку што денешните Бугари се наследници на идеите и делото на револуционерите од ВМРО, толку се наследници и луѓето од Македонија. Тие се наши браќа, братучеди, пријатели и сојузници во НАТО. Ние треба да го бараме тоа што не обединува, а не тоа што не разделува“, вели Владимиров.

Запрашан, што може да се направи до 22 јуни, вели дека тешко е да се верува оти техничката влада на Бугарија би можела да направи сериозен политички чекор, кој е надвор од нејзините надлежности.

ʺПроблемот е многу сериозен и во поткрепа на моите зборови може да согледаме дека Бугарија не доби никаква поддршка од ниту една друга земја членка на ЕУ, туку спротивно – Македонија ги доби симпатиите на поголем дел од државите. Многу министри за надворешни работи ја посетија Македонија, а нашите партнери и сојузници САД ни кажаа дека Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ. Претседателот Радев ја поддржа политиката на вето и црвени линии, но бидејќи во моментов тој е силната политичка фигура во Бугарија која може да носи решенија, заедно со претседателот Стево Пендаровски беа во Рим, се почувствува здив на пријателство и добрососедски односи. Јас тешко би поверувал дека техничката влада на Бугарија би можела во пракса да направи сериозен политички чекор, која е надвор од нејзините службени надлежности.

Целта на техничката влада е да организира чесни и транспарентни избори според бугарските закони и уставот. Така што, попрво мислам дека ќе останеме на статус кво и се надеваме дека по изборите во Бугарија и формирањето на некаква влада, таа би го презела тоа сериозно политичко прашање и би го решила во насока која е благопријатна за Бугарија, за Северна Македонија и за европскиот проект во целина“, оценува Владимиров.

Преземено од ДВ


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO