Откако во два наврати неделава, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји предупреди дека Албанија и С. Македонија ќе бидат разделени на патот кон ЕУ, доколку Скопје не најде заеднички јазик со Софија за историскиот спор, се огласија двајца угледни новинари од Брисел, кои долги години ја следат надворешната политика.

Дописникот на Вол Стрит Џурнал од Брисел, Лоренс Норман, кој повикувајќи се на висок функционер на ЕУ, тврди дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската комисија.

ʺОва е интересно. Висок претставник на ЕУ ми рече дека изјавите на Оливер Вархеји не претставуваат став на ЕК. Поточно, изворот рече дека Комисијата поддржува брзо отворање на пристапни преговори и со С Македонија и со Албанија. ‘Не планираме одвојување“, пишува Норман.

Во кус коментар објавен денеска и порталот Политико го тврди истото. Бриселскиот медиум, исто така се повикува на висок функционер кој експлицитно ги демантирал изјавите на Вархеји веднаш откако тој ја дал изјавата за Еуроњуз.

ʺНие во ‘Политико’ исто така добивме информација од висок претставник на ЕУ дека не се планира раздвојување на Албанија и С Македонија. Можеби е обид за притисок врз С Македонија за да се договори со Бугарија? Но, мала е веројатноста кога на комесарот му противречат други официјални лица, а Бугарија сега нема ниту Влада!“, напиша уредникот во „Политико“, Ендрју Греј.

Вархеји вчера за Еуроњуз изјави дека ако продолжи застојот во случајот со С. Македонија, ќе се разгледа можноста Албанија сама да продолжи на европскиот пат.

ʺАко повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека не сме успешни во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за обострано прифатливо решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање“, рече Вархеи.

За тоа дали формалното ʺраздвојување“ е опција, тој одговори: ʺДа, тоа би можело да биде опција“.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO