Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги повика државите кои произведуваат вакцини против Ковид-19 да ја укинат забраната за нивниот извоз и да избегнуваат активности, кои можат да доведат до нарушување на нивните доставки. Во говор пред Институтот за европски универзитети во Фиренца по повод 10-тата јубилејна конференција за состојбата на Унијата, таа изјави дека вакцинациската кампања во ЕУ зема замав:

„До овој момент околу 200 милиони вакцини се распределени во ЕУ. Тоа е доволно за имунизирањето на повеќе од половината од возрасната популација барем еднаш. Ниту Русија, ниту Кина досега не се доближиле до тоа. Во моментов додека зборувам, се вакцинираат 30 Европејци секоја секунда. Тоа означува дека од почетокот на мојот говор, над 12 000 европејци се имунизирани “.

Фон дер Лајен изрази подготвеност да разговара за тоа како предлогот на Соединетите држави за укинување на заштитата на интелектуалната сопственост на вакцините против ʺКовид-19“ може да помогне во решавањето на пандемиската криза.

Таа ја поздрави намерата на американскиот претседател Џо Бајден да ги врати Соединетите држави во климатскиот договор и упати повик кон земјата да се присоедини кон ЕУ во градењето на силен трансатлантски сојуз за создавање климатска неутралност до 2050 година.

 


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO