Фото: Роjтерс

Министрите за надворешни работи на водечките светски економии се среќаваат денес во Лондон за прв пат ʺлице в лице“ по повеќе од две години. Основен акцент на Г7 е изнаоѓање нови начини за заштита на меѓународниот поредок од надворешни закани.

Во пресрет на средбата, британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб, по разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на заедничка прес-конференција изјави дека се набљудува промена кон обединување на државите со ист начин на размислување за поблиска соработка против непријателски земји како Русија и Кина.

На средбата ќе се дискутира за широк спектар на прашања како што се кризата во Мјанмар, пандемијата во Индија, глобалната борба против коронавирусот, односите со Русија, Кина и Иран, климатските промени.

Г7 се состои од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, но на тридневната средба се поканети и министрите за надворешни работи на Австралија, Индија, Јужна Кореја и Јужна Африка како дел од напорите на Лондон за продлабочување на врските со индиско-пацифичкиот регион.

Велика Британија, која е претседател на Г7 на ротирачки принцип, ќе биде домаќин следниот месец и на средба на восоко рамниште во грофството Корнвол.


Сподели на социјалните мрежи
  • gplus

TATKOVINA.INFO